Кинезите тврдат дека Американците им ги хакираат компјутерите и напаѓаат цели во Русија, Белорусија и Украина. Според кинескиот центар за откривање и спречување на сајбер напади, од февруари има голем пораст на нападите врз компјутерите на кинеските корисници, најмногу од САД.
Покрај бојното поле, војната меѓу Русија и Украина се води и во сајбер просторот со различни средства – прислушување, хакирање, DDoS напади итн. Со оглед на тоа дека сè се одвива во виртуелниот свет, често е тешко да се заклучи кои се напаѓачите и од каде доаѓаат.

Според извештајот на кинеската новинска агенција Ксинхуа, земјата е под „континуирани сајбер напади“ од февруари, во кои напаѓачите ја преземаат контролата и вршат напади врз компјутерите на кинеските корисници. Цели на овие напади се во Русија, Украина и Белорусија, а Ксинхуа нагласува дека повеќето од овие напади доаѓаат од САД.
Обвинувањата објавени од кинеската медиумска агенција се засноваат на информации од Техничкиот тим за одговор при итни случаи на компјутерска мрежа чија задача е откривање и спречување сајбер напади врз компјутерските системи на таа земја.