Акатист на преподобниот отец Гаврил Велички
нов Лесновски Чудотворец
Кондак 1
Просветлен од благодатта Христова, сотрудник на Ангелите, озарено чедо на Божјата Мајка, застапник на оние кои Он Ти ги дал, те прославуваме оче Гавриле и радосно ти воскликнуваме:
Радувај се, преподобен оче Гавриле, Лесновска пофалбо!
Икос 1
Ангелски својот живот на земјата го помина, блажен, засакувајќи го Бога од раната младост, со сето срце Му се предаде, и од љубов кон Него необични подвизи на себе зеде. А ние слушајќи за твоето натприродно живеење, го прославуваме Бога, Кој те прослави, и со трепет ти воскликнуваме:
Радувај се, миомирисен темјан на Исусовата молитва!
Радувај се, силен застапник на својата татковина!
Радувај се, во постот се уподоби на големиот Илија!
Радувај се, служител на Небесната Скинија!
Радувај се, со Божествената љубов страстите ги согори!
Радувај се, голема поука на монасите им остави!
Радувај се, над својот манастир непрестајно бдееш!
Радувај се, во срцата на верните тивка духовна радост вееш!
Радувај се, на непријателите свои им опрости!
Радувај се, преподобен оче Гавриле, Лесновска пофалбо!
Кондак 2
Кога ја виде жедта на твоето срце за Неговата Божествена љубов, свети оче Гавриле, Срцезналецот Господ, го устрои твојот животен пат, чувајќи те како зеница во своето око, неосквернет од пороците на овој свет, да можеш со чисти усни и срце да Му пееш Нему: Алилуја!
Икос 2
Се радува градот Штип, што изнедри од своите пазуви таква плодна фиданка, тебе, голем Божји угодниче Гавриле. Со својот праведен живот, Христовиот мирис низ својот народ си го излевал, православното пак учење, во своите дела си го преточувал. Се радуваме и ние што стекнавме таков силен молитвеник пред Бога, и иако невешти, сепак се осмеливме да ти ги вoзнесеме овие искрени пофалби:
Радувај се, благословен плоду, на твоите побожни родители!
Радувај се, од нивниот добродетелен живот, на благочестие се научи!
Радувај се, уште како мал разум на старец си пројавил!
Радувај се, со Христовите начела, мудроста на светот си ја мерел!
Радувај се, со мечот на стравот Божји, пијавиците на световните наслади ги отстрани!
Радувај се, од високите војни почести на светот се откажа!
Радувај се, во воена служба на Христос, твојот Бог премина!
Радувај се, големината на човековото достоинство ја покажа!
Радувај се, преподобен оче Гавриле, Лесновска пофалбо!
Кондак 3
Силата на Севишниот во тебе прекрасно се пројави, преподобен оче. Зашто иако слабо човечко тело на себе носејќи, ти со силите демонски храбро се соочи. Вооружан со постојан пост и молитва, со твоето смирение тешки рани си им нанел, воспевајќи Му на Оној Кој во тебе нив ги победува: Алилуја!
Икос 3
Малку ни се зборовите човечки да ја искажеме восхитната радост, како ти оче непрестајно стражарејќи над својот ум, дремка на своите очи не си им давал, и од земен војник, војник на Небесниот Цар си постанал. Знаејќи за твојата совесна служба во одбрана на твојот народ, и просветувањето на младите во вистински православен дух, ние уште повеќе го пофалуваме Твоето ревносно одење по Христа, и со радосни срца ти извикуваме:
Радувај се, земен ангелу и небесен човеку!
Радувај се, за нас немоќните непрестан молитвенику!
Радувај се, посведочи дека со пост и молитва овој род се истерува!
Радувај се, ракавица фрли в лице на оној кој не спие!
Радувај се, Христос, пред сé друго го стави, копнеејќи со сета душа за Него неа да ja оневестиш!
Радувај се, земната уметност препознавајќи ја како сенка, кон вишната за спасение на својата душа поита!
Радувај се, поривот на твојата душа во песни го излеа!
Радувај се, оставајќи го својот вајарски занает, својата душа во рацете на Небесниот Вајар ја положи!
Радувај се, од изобилието што светот ти го понуди, единственото потребно го избра!
Радувај се, наш многу сакан наставнику!
Радувај се, на воскресната радост вешт благовеснику!
Радувај се, преподобен оче Гавриле, Лесновска пофалбо!
Кондак 4
Бура на недоумици ни го смутува умот, како со пофалби да ги искажеме твоите неуморни подвизи и ревноста по Бога која во тебе од ден во ден се разгоруваше; претопувајќи се целиот во љубовта Божја, во самозаборав си Му пеел на Возљубениот: Алилуја!
Икос 4
Се радуваме на Божјата милост која врз тебе изобилно се изли, оче, на Божјата промисла која чувајќите од замките на духовниот пркосник, те доведе до Света Гора Атонска. Овде на чудесен начин те пречека Игуманијата, Пресвета Богородица и со умиление го благослови твоето доаѓање. Разбирајќи ја таквата благонаклонетост на Богомајката кон тебе, со стравопочит ти воскликнуваме, Божји угоднику:
Радувај се, светот и сé што е во него го остави и на Света Гора се насели!
Радувај се, ревносен учесник во црковните Богослужби!
Радувај се, светогорските монаси, како свои браќа искрено ги возљуби!
Радувај се, со смирение украсен, богатите плодови на послушанието ги вкуси!
Радувај се, туѓинец на земјата, кој ништо свое не си имал!
Радувај се, слава на монасите, и украс на испосниците!
Радувај се, преподобен оче Гавриле, Лесновска пофалбо!
Кондак 5
Како невидлив, меѓу браќата си престојувал, оче, секогаш во молитва пребивајќи, штедлив на зборови, а богат во дела, во скришната одаја на твоето срце Му воспевашe на Совршениот Бог: Алилуја!
Икос 5
Бура од непријателство на земните власти подигна мразителот на секое добро, кога го виде твоето добродетелно живеење, поттикнувајќи ги од светата Гора Атонска поради нивната острастеност да те истераaт; но Оној кој за сите промислува, на чудесен начин те заштити, за гонителите невидлив те направи. Затоа смирено ти воспеваме:
Радувај се, на земјата прогонуван, а на небесата од ангелите прославуван!
Радувај се, криејќи се во пештера од непријателите, пајакот заштитничка мрежа околу тебе исплете, и на тој начин, чудесно те заштити!
Радувај се, по заповед Божја во твоја заштита и змиите отровници застанаа!
Радувај се, искрен љубител на избраниот удел на мајката Божја!
Радувај се, твоето ,,Иже Херувими” уште во гората одекнува!
Радувај се, неуморно си ја прославувал Твојата Силна Помошничка!
Радувај се, зашто во Христа нема ни елини, ни евреи, ни бугари, ни срби, ни македонци, но сите ние сме едно во Христа Исуса!
Радувај се, виша пресметка со животот направи: јас и мојот брат едно сме!
Радувај се, преподобен оче Гавриле, Лесновска пофалбо!
Кондак 6
Како што пилињата итаат под крилјата на својата мајка, барајќи топлина, така и ти, оче Гавриле, си поитал под духовната закрила на старецот Татијан, за во неговото духовно гнездо благодарно да Му воспеваш на Неописливиот Бог: Алилуја!
Икос 6
Сакајќи во сé да Му угодиш на Бога, строго си се подвизувал, оче, и на твојот старец до смртта послушен си му бил, со трпение отсекувајќи ја својата волја, поучувајќи не и нас тврдокорните по срце, кои денес на твојот спомен со љубов се сеќаваме и пофалби ти принесуваме:
Радувај се, верен послушник на старецот Татијан!
Радувај се, послушанието како почеток на преобразување си го сфатил!
Радувај се, со смирение и кротост Божјата волја си ја прифатил!
Радувај се, овде благодатта Ликот Божји ти го долови!
Радувај се, со постојана Исусова молитва беснилото на умот си го стишувал!
Радувај се, со воздржание од телесна храна, страстите на телото си ги смирил!
Радувај се, со псалми, молитви и деноноќни славословија, благодатно душата своја си ја хранел!
Радувај се, по смртта на твојот старец за наследник на неговиот скит назначен!
Радувај се, во пештерата на скитот ,,Камена” топли созли пред Бога си лиел!
Радувај се, вивнат во висините на богомислието, за она што е во светот, ништо не си знаел!
Радувај се, преподобен оче Гавриле, Лесновска пофалбо!
Кондак 7
Преселувајќи се од место во место, манастирот свети Павле, како птица која долета, те пречека, свети оче, каде облечен во монашка риза, срце отвораше и воспеваше кон Троичниот Бог: Алилуја!
Икос 7
Не врзувајќи се за ништо на земјата, премудар оче Гавриле, со искрена вера и детско срце целосно се предаде на Божјата волја, носен од Духот Свети, се врати во твојата Македонија, каде последното место на твоето земно туѓинување, стана за нас прво место за наше поклонување кон Бога – Лесновската обител која Господ со тебе богато ја украси. Приоѓајќи кон Твоите свети мошти со солзи радосници силно шепотиме:
Радувај се, духовен светилик на земјата Македонска!
Радувај се, со светлината на твојот живот, многу души кон Изворот на жива вода приведе!
Радувај се, строг кон себе подвижнику, а кон ближните полн со милосрдие!
Радувај се, добар чувару на стадото Христово!
Радувај се, со оружјето на постот и молитвата, духовниот волк од него далеку си го истерувал!
Радувај се, многу загубени овци во Црковниот тор си вратил!
Радувај се, сострадален помошнику на неволните!
Радувај се, благодатен лекару на болните!
Радувај се, преподобен оче Гавриле, Лесновска пофалбо!
Кондак 8
Не се сокрива град што стои на врв планина, неговата светлина свети надалеку, ниту пак твоето богоугодно во Лесновскиот манастир престојување. Во сé угледувајќи се на твојот претходник, светиот пустиножител Гаврил, деноноќно на молитва си стоел, и милост за својот народ од Бога си просел, гледајќи умилно кон Бога, со подигнати раце повикувајќи: Алилуја!
Икос 8
Дознавме за чудесното исцелување на глувонемото дете Георгиј, кое по твоите усрдни молитви пред Бога, по завршувањето на Светата Литургија прозборе, како и за чудесното исцеление на детето кое пострада вo несреќата, зашто ти светителу, имајќи срце исполнето со љубов и сострадание кон ближните, си го умилостивувал Лекарот на душите и телата, да погледне кон немоќните свои чеда и да им подари време за покајание. Затоа голем наш добротвору, слушни ги овие восклици од недостојните усти:
Радувај се, уште додека беше на земјата Бог со чудеса те прослави!
Радувај се, лекарите од овој свет на вера во Живиот Бог ги научи!
Радувај се, бегајќи од човечката слава и суета, ризницата на своето срце со молчание и нестекнување си ја збогатил!
Радувај се, многумина од калта на гревот кон чистиот извор на Црквата Божја си привел!
Радувај се, по твоите молитви Бог неочекувано испрати дожд на земјата, и жителите на Лесново од сиромаштија ги сочува!
Радувај се, просветлен одозгора, сплетките на непријателот бргу си ги препознавал!
Радувај се, мудар раководителу на духовната паства!
Радувај се, преподобен оче Гавриле, Лесновска пофалбо!
Кондак 9
Страшен знак во вид на огнен столб од небесата се јави, на местото во храмот каде што ти на колена ја молеше Богомајката за целиот свет, Христов тајнику Гавриле. И до ден денес сведочи трагата од остатокот на небесниот пламен на секој кој со страв Божји влегува во Лесновското светилиште и на Бога му воспева: Алилуја!
Икос 9
Гледајќи ја посветеноста на твојата душа во Божјата служба, Светиот Дух во вишна служба те приведе, епископски омофор на рамена ти постави, огнен меч во рака ти достави, Милостивата во одбрана на народот те приведе, Ангелот пред тебе книга отвори – сам ти со од Бога дадената ти власт нас по име да не призиваш. Така тогаш, Велички Гавриле, со една рака човекот го прифаќаш а со друга неговата тегоба кон Бога ја испраќаш. Радувај се, и послушај:
Радувај се, верен слуго на Христос Седржителот!
Радувај се, со смирение епископскиот чин си го прифатил!
Радувај се, верен следбеник на Климента во грижата за паствата!
Радувај се, подржавател на Наума во молитвеноста!
Радувај се, од Прохора на странствување се научи!
Радувај се, Кирило Методиево слово ширеше!
Радувај се, Игуманијата Атонска во срце ја носеше!
Радувај се, подвижник меѓу епископите!
Радувај се, скриен наставник на монасите!
Радувај се, застапник и покров на бездомните!
Радувај се, брз помошник во неволјите!
Радувај се, преподобен оче Гавриле, Лесновска пофалбо!
Кондак 10
Голема благодат на Светиот Дух се изли врз твојата глава, блажен, зашто преку тебе, болни се исцелуваа, ожалостени се зарадуваа, осакатени од гревот на тесната патека кој води кон живот се враќаа, учејќи ги да Му пеат на Оној Кој тајно делува во своите слуги, Добротворот Бог: Алилуја!
Икос 10
Разбирајќи го духот на времето, паднатоста човекова и отклонувањето од учењето и напомените на Светиот Дух – нé потсети како треба христијанска душа пред Бога да се претстави. Веќе умрен за светот, уште присутен на земјата, преминот твој ти беше дојавен. Кочијата за душата поита да ја спремиш – четириесет литургии за себе отслужи, твоите духовни чеда ги утеши ветувајќи им дека иако заминуваш во Горниот Ерусалим, пак остануваш со нив. Благодарејќи на оваа примерна поука ние не можеме а да не ти воскликнеме:
Радувај се, имајќи ја за сопатничка помислата за смртта, ти од нејзиното осило не си се уплашил!
Радувај се, како за долгоочекувана средба со неа навреме си се подготвил!
Радувај се, ангелите на небесата го прославија твоето претставување!
Радувај се, жителите на Лесново видоа прекрасен оген столб над твојот гроб, во знак на твоето блажено упокојување!
Радувај се, после твојата смрт на твоето духовно чедо видот на очите му го врати!
Радувај се, притеснувајќи го своето тело со воздржание, на душата своја рајско насладување во вечните живеалишта и подготви!
Радувај се, твојата душа чиста како невеста, подготвена за Женикот ја украси!
Радувај се, на небесните жители радост, а на демоните жалост им донесе!
Радувај се, преподобен оче Гавриле, Лесновска пофалбо!
Кондак 11
Река на исцеленија извира од твојот кивот оче, во слава на нашиот Бог, и мноштво верен народ притекнува во Лесново на поклонение на твоите свети мошти, воспевајќи Му на Оној Кој таков застапник ни подари, пофална песна: Алилуја!
Икос 11
Од сите страни се слушна веста за новиот лесновски чудотворец, епископот Велички Гаврил. Оној кој целиот живот во тишината на молитвена осаменост, како невидлив во светот престојуваше, денес ги собира верните на духовна гозба во местото на својот подвиг, и сите оние кои за помош притекнуваат, исцеление на душевните и телесните слабости добиваат, вопевајќи му на преподобниот:
Радувај се, ново светило на Црквата, кое во мракот на соблазните од овој свет, патот на исправање ни ги покажуваш!
Радувај се, ѕвездо исткаена на облеката Христова, која благоизволи Неговите премрежја да ги носиш!
Радувај се, ние во тие премрежја препознавме гонење, шамарење, плукање, понижување на најмалиот Негов ученик!
Радувај се, вистинската Православна вера и после смртта, со прекрасни чудеса ни ја исповедаш!
Радувај се, со благопријатниот мирис од твоите мошти, силата на воскресението ни ја покажуваш!
Радувај се, на монасите од твојот манастир благодатна утеха им носиш!
Радувај се, учител на заблудените и благ вразумител на во грев паднатите!
Радувај се, каменот на нашите срца со пламенот на твоите молитви за нас, го топиш!
Радувај се, преподобен оче Гавриле, Лесновска пофалбо!
Кондак 12
Со умиление гледаме како покрај присуството на твоите мошти, стои гробот со натписот на твојот родител, монахот Кирил. Зашто ти, оставајќи го него заради Христа, ја придоби неговата душа, да му угодува на Бога во монашки чин и да Му пее непрестајно: Алилуја!
Икос 12
Божји слуга на земјата, пријател Христов на небесата, стекна слобода да се застапуваш и за нас грешните кои го почитуваме твојот свет спомен и со радост и љубов ти воспеваме:
Радувај се, преку твоите духовни списи на добродетели се поттикнуваме!
Радувај се, не учиш старите навики зад себе да ги оставиме и добар почеток на покајание да поставиме!
Радувај се, во денови на искушенија и болести кои нé снаоѓаат поради нашите гревови, со топли молитви пред Бога за нас се застапуваш!
Радувај се, по твојот пример многу боготражители во монашки чин на Бога му послужија!
Радувај се, возобновител на монашкиот дух во земјата Македонија!
Радувај се, нов Лесновски чудотворче и прозорливче!
Радувај се, преподобен оче Гавриле, Лесновска пофалбо!
Кондак 13
О, голем Божи угоднику, редок испосник и голем молитвеник за својот род, преподобне оче Гавриле, прими го нашето пофално пеење, кое иако свесни за својата недостојност, со љубов ти го принесовме. Помоли се за нас, твоите чеда пред Владиката Христос да не избави од соблазните на овој век, да не паѓаме во гревови кои нé оддалечуваат од Него, Изворот на љубовта, но обратени во покајание, со чисти облеки да го сретнеме на Небесата со ангелската песна: Алилуја!
Преподобен оче Гавриле моли Го Бога за нас!
О, голем Божи угоднику, редок испосник и голем молитвеник за својот род, преподобне оче Гавриле, прими го нашето пофално пеење, кое иако свесни за својата недостојност, со љубов ти го принесовме. Помоли се за нас, твоите чеда пред Владиката Христос да не избави од соблазните на овој век, да не паѓаме во гревови кои нé оддалечуваат од Него, Изворот на љубовта, но обратени во покајание, со чисти облеки да го сретнеме на Небесата со ангелската песна: Алилуја!
Преподобен оче Гавриле моли Го Бога за нас
О, голем Божи угоднику, редок испосник и голем молитвеник за својот род, преподобне оче Гавриле, прими го нашето пофално пеење, кое иако свесни за својата недостојност, со љубов ти го принесовме. Помоли се за нас, твоите чеда пред Владиката Христос да не избави од соблазните на овој век, да не паѓаме во гревови кои нé оддалечуваат од Него, Изворот на љубовта, но обратени во покајание, со чисти облеки да го сретнеме на Небесата со ангелската песна: Алилуја!
Икос 1
Ангелски својот живот на земјата го помина, блажен, засакувајќи го Бога од раната младост, со сето срце Му се предаде, и од љубов кон Него необични подвизи на себе зеде. А ние слушајќи за твоето натприродно живеење, го прославуваме Бога, Кој те прослави, и со трепет ти воскликнуваме:
Радувај се, миомирисен темјан на Исусовата молитва!
Радувај се, силен застапник на својата татковина!
Радувај се, во постот се уподоби на големиот Илија!
Радувај се, служител на Небесната Скинија!
Радувај се, со Божествената љубов страстите ги согори!
Радувај се, голема поука на монасите им остави!
Радувај се, над својот манастир непрестајно бдееш!
Радувај се, во срцата на верните тивка духовна радост вееш!
Радувај се, на непријателите свои им опрости!
Радувај се, преподобен оче Гавриле, Лесновска пофалбо!
Кондак 1
Просветлен од благодатта Христова, сотрудник на Ангелите, озарено чедо на Божјата Мајка, застапник на оние кои Он Ти ги дал, те прославуваме оче Гавриле и радосно ти воскликнуваме:
Радувај се, преподобен оче Гавриле, Лесновска пофалбо!
Тропар на преподобниот отец Гаврил Велички, Светогорец
Од изворот на благодатта духовни дарови си нацрпил, и како пчела медоносна нектар од сите добродетели си наточил, со солзите нечистотијата на твоето срце си ја измил, свештеноначалниче Гавриле, нов Лесновски чудотворче, те почитуваме како голем подвижник и испосник меѓу епископите, наставник на монасите и исцелител на оние кои со вера заради тебе на Бога Му воскликнуваат: Алилуја!
Втор тропар
Глас 8
Светило на православието,
светол столб на подвижниците,
од Христа даруван со смирение,
оче Гавриле преподобен,
срцата на верните по твоите молитви за Христa се отвoрија
а Дародавецот преку тебе пројави мноштво чудотворства.
Радувај се ти пофалбо на пустиножителите,
собеседнику на ангелите,
и моли се за сите нас,
кои никогаш не нѐ остави.
Кондак на преподобниот Гаврил Велички
Распламтен од огнот на божествената љубов, си се издигнал на крилјата на добродетелите, Гавриле преподобен, а во длабочината на смирението си ја видел убавината на созерцанието Божјо, верен слуго на Вистинскиот Бог.
МОЛИТВА КОН СВЕТИОТ ПРЕПОДОБЕН ЛЕСНОВСКИ ЧУДОТВОРЕЦ ГАВРИЛ
Изгреа Сонце од Исток, ги распростре своите зраци, пламен фрли на земјата – го запали твоето срце, ја нахрани твојата душа. Ти очитe ги подигна кон небото и прозборе со Оној Кој тебе те озари: не само мене Господи туку и овие кои си ми ги дал, бидејќи без нив, очиве ќе бидат наведнати.
Тебе ти се обраќаме, преподобен оче Гавриле, бидејќи ти нé охрабри и нé повика да ти притекнуваме: научи нé по тебе да одиме, твоите стапки да ги следиме, кои водат кон Царството Божјо. Во Твоите пазуви да се криеме од нападите на нечестивите. На твоите рамења да блеснеме опфатени од твојот омофор. Преку твоите очи светлината да ја видиме без да се уплашиме, од твоите раце да бидеме предадени во прегратките на животот, по твоето застапништво, на Пречистата Божја Мајка, Пресвета Богородица на Која ти и послужи, и на Сите Светии населени во вечноста.
Амин.
Крај, Слава и Пофалба на Бога