Во рамките на својот делокруг на работа, полициски службеници од полициската станица од општа надлежност Битола при СВР Битола во централното градско подрачје и пазарот во Битола спроведоа превентивни активности под мотото “Слави со срце, не користи петарди и други пиротехнички средства“, а воедно дел од активностите беа посветени и на превенцијата од имотни деликти, особено за време на празниците.

Целта на активностите беше насочена кон подигање на свеста кај граѓаните да не продаваат, набавуваат или употребуваат недозволени пиротехнички средства, пред се заради штетните последици и од аспект на здравјето и од аспект на зачувувањето на јавниот ред и мир. Токму затоа особено беа нагласени и законските последици од неовластена употреба и препродажба на пиротехничките средства согласно позитивните законски прописи. Во рамките на активноста, од страна на полициските службеници на граѓаните им беа делени летоци со превентивна содржина, изработени во соработка и со поддршка на УНДП.

Во меѓувреме и поборниците за заштита на правата на животните постојано апелираат против употребата на петарди кои можат да предизвикаат не само страв и вознемиреност туку и срцеви проблеми со фатални последици кај животните.

Исто така, во непосредна комуникација со дуќанџиите и вработените во другите објекти во центарот на градот и околу градскиот пазар полициски службеници укажуваа на неопходноста од внимателност за поголема безбедност во објектите, односно заштита од кражби и разбојништва, како и за неопходноста од соработка и благовремено известување на полицијата преку бесплатните телефонски броеви 112 и 192.
