Во денешно време, кога се преокупирани со егзистенцијални проблеми, вистинска реткост е младите луѓе да покажуваат интерес за национални и идентитетски прашања поврзани со историјата, а според анкетите – се’ помалку ги интересира и актуелната политика.

Во актуелните околности на гола „борба за опстојување“ кај младите и преживување во општество со радикално изместени вредности, активниот ангажман на било кој млад човек е редок исклучок, кој треба да се поддржи и поттикне за да послужи како пример за другите млади.
Таков е примерот на Александар Јаневски, млад битолчанец кој се нафати да извршува многу одговорни функции, поврзани со еден период на значајни историски премрежија на македонскиот народ, прашања кои ден денес се свежи, важни, чувствителни и се неoдминливо поврзани со надворешната политика.

Во рубриката Анфас (интервју) на Кепенци, со Александар предновогодишно разговараме за борбата за зачувување на македoнскиот идентитет и исправање на неправдите пред светските институции.
Од кога стапивте на функцијата Претседател на Сојузот на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија и каква одговорност значи тоа?
– Претседател сум на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од 2015 година. На Собранието на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН одржано на 30 јуни 2019 година бев избран и за претседател на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН со четиригодишен мандат до 30 јуни 2023 година.

Застанувате на чело на организации поврзани со едно важно историско премрежје за македонскиот народ, какви предизвици носи таа функција за еден млад човек?
– Се разбира, голема е одговорноста, да се носи предизвикот за трајно решение на Македонското прашање. Егејот е душата на Македонија. Егејското прашање не се само насилно прогонетите Македонци за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, туку и насилно прогонетите Македонци во времето на Балканските војни 1912-1913 година, за цело време преку Првата светска војна 1914-1918 година до Втората светска војна 1939-1945 година и Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година. Изнудивме, Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 27 август 2008 година донесе Резолуција за бегалците од воените дејствија во Република Грција за време на Граѓанската војна и Втората светска војна (“Службен весник на Република Македонија“ број 106/2008) со обврска за тоа редовно да го информира Собранието на Република Македонија на секои шест месеци.

Врз основа на оваа Резолуција, Владата на седницата одржана на 10 февруари и 11 мај 2009 година формира Координативно тело за егејското прашање (“Службен весник на Република Македонија“ броевите 23/2009 и 63/2009) и донесе Решение за определување на составот на Координативното тело на Владата на Република Македонија за егејското прашање (“Службен весник на Република Македонија“ броевите 23/2009 и 63/2009). За жал, Владата досега не го информира Собранието, Координативното тело не постои, бидејќи членовите се речиси починати. И натаму остануваме посветени на трајно решение на правата и слободите, граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци од Беломорскиот дел на Македонија. Бараме средба во Владата за обврските кон насилно прогонетите Македонци од Беломорскиот дел на Македонија, ќе побараме средба и во Грчката амбасада во Македонија за истите прашања. Насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија не се закана по територијалниот интегритет и суверенитет на Грција, ниту по националната безбедност на Елада.

Од кого сте учеле и дали имате пример кој го следите во врска со проблематиката со Егејците во Македонија?
– Ги користиме искуствата на повозрасните членови на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, тие ни се драгоцен придонес во работата на Сојузот МАКЕДОН и на сите здруженија на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Неодамна на 13 ноември годинава на 90 годишна возраст се упокои долгогодишниот претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Битола, Александар Поповски и почесен претседател. Неговиот патриотизам и борбен дух ни беа инспирација за цело време. Ги продолжуваме неговите традиции и пораки, аманетот да ги решиме отворените прашања за насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија. Се разбира и за унапредувањето на положбата и правата и слободите на Македонците во Грција.

Што сте по професија и како ги комбинирате двете работи поврзани со Здружението?
– ЈАНЕВСКИ: Во 2016 година дипломирав на Техничкиот факултет на Универзитетот “Свети Климент Охридски“ во Битола, на отсек Електротехника со што се здобив со звање дипломиран електро инженер. Од февруари 2016 до јуни 2016 година се стекнав и со сертификат за педагошко-психолошка и методска подготовка на Педагошкиот факултет во Битола. Роден сум на 28 октомври 1992 година во Битола. Моите корени се од Егејскиот дел на Македонија. Дедо ми е роден и до 1949 година живеел во село Забрдени, а од потесниот круг на роднини, од неговата фамилија живеат во селата Ајтос, Екши Су, Горничево, Лерин и други места. Активностите во здружението и Сојузот бараат време, здравје и пари. Но, посветен сум на обврските кои сум ги презел и настојувам да ја оправдам довербата на тие кои ми ја подариле, но и да ги извршувам семејните обврски.

Дали Македонската држава од осамостојувањето до денес има задоволителен однос кон ова прашање каков што ваквите лица заслужуваат?
– За жал, државата Македонија не покажа соодветна грижа за положбата и правата и слободите на Македонците во Беломорскиот дел на Македонија, во Грција, но ниту за граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија. Затоа и ја спомнав собраниската Резолуција и Координативното тело за егејското прашање од 2008 и 2009 година. Тоа требаше да помогне во враќањето на граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија од Балканските војни и Граѓанската војна во Грција, но не ги даде очекуваните резултати. Повторно ќе ги анимираме овие прашања пред Владата и Собранието на Република Македонија.

Какви активности се очекува во иднина од организацијата?
– Имаме традиционални годишни чествувања: Сеќавањето пред Споменикот на децата бегалци во Жена Парк пред Собранието на Македонија; сеќавањата за лекуваните и починатите борци на ЕЛАС и ДАГ во Пониква, Катланово и Јасеново; чествувањето за борците на ДАГ во Велес, формирањето на Егејската бригада во Битола. Во организација на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН од 30 јуни до 4 јули 2023 година ќе ја одржиме Шестата светска средба на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија. Нема да дозволиме поединци и марионетската влада да манипулираат со интересите на насилно прогонетите Македонци од Беломорска Македонија! Се разбира, остануваме обединети и посветени за трајно решение на македонското прашање и за враќање на државјанствата, граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци од Беломорскиот дел на Македонија: И од Балканските војни 1912-1913, и од Првата светска војна 1914-1918 година, и од Втората светска војна 1939-1945 година и од таканаречената Граѓанска војна во Грција 1946-1949 година!

Секогаш искажувате и јасен и гласен став и во врска со актуелните политички случувања.
– Ја отфрламе француско-бугарската Преговарачка рамка од 30 јуни 2022 година за членство на Македонија во Европската Унија, го отфрламе Протоколот од 17 јули 2022 година за спроведување на Договорот Заев-Борисов! Бараме итно и безусловно еднострано раскинување на Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година и Спогодбата Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 година! Бараме итно и безусловно продолжување на членството на државата Македонија во Обединетите Нации под државното име Македонија! Бараме итно и безусловно распуштање на македонско-бугарската и македонско-грчката меѓувладина комисија за ревизија на македонската историја!
Остануваме посветени на унапредувањето на положбата и правата на Македонците во Беломорскиот дел на Македонија и во цела Грција.
Остануваме со барањето до Генералното собрание на Обединетите Нации да ја продолжи почнатата, а незавршена расправа од 1948 година, со донесување на Резолуција за децата бегалци од Граѓанската војна во Грција.
Упатувам искрени честитки за престојните новогодишни и божикни празници на Македонците од сите делови на Македонија, во светот и татковината со многу здравје и живот, мир и љубов, среќа, радост и бериќет ним и на нивните семејства!