САД ги проширија санкциите поврзани со руски банки, компании и поединци со цел уште повеќе да го зголемат притисокот врз Москва поради руската инвазија во Украина.
Стејт Департментот соопшти дека на списокот на новите блокади се најде и компанијата за „копање“ Биткоин валути „Бит Ривер“ која е трета најголема компанија од ваков вид во светот и дека под санкции, освен Московското седиште и компјутерскиот центар во Сибир, ќе се најдат и нивни десет филијали, компании-ќерки ширум цела Русија.
Списокот со санкции е проширен и на руската комерцијална банка „Транскапитал Банк“ која опслужува неколку банки во Кина и на Блискиот Исток, преку кои досега се заобиколуваа санкциите.
А исто така ќе биде блокирана и банката „Инвесттрејд“ која се користи како замена за претходно блокираните банки. Соопштено е дека и американските компании и поединци кои ќе продолжат да работат со овие банки по рокот од 20 мај, исто така ќе се најдат под санкции. Единствено рокот на толеранција на банки и деловни субјекти од Авганистан е продолжен до 20 октомври, за да се избегне предизвикување хуманитарна криза во земјата во која состојбата е веќе економски влошена.
На списокот со санкции е повторно додаден рускиот олигарх Малофеев, познат по неговите постапки за финансирање на независноста на Крим, кому уште во времето на Обама му беа изречени мерки, кои сега се надополнети и затегнати.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека е подготвен и нов список од околу 600 поединци кои ќе се соочат со мерки поврзани со војната во Украина.