„Петте минути слава” на Енди Ворхол, во денешно време станаа достапни буквално до секого кој во џебот има мобилен телефон. Вртоглаво брзиот развој на технологијата ги менува парадигмите за сфаќањето на медиумите, информациите, музиката, уметноста и сѐ што како мерило за успех го има допирот и импактот врз што поголем круг на луѓе.

Но, како што пристапот до публиката станува полесен, толку посуров, построг и не секогаш најкомпетентен станува и судот на „јавноста”. Во такви услови, парадоксално, талентот може многу полесно отколку порано да привлече широко, па дури и светско внимание, но во исто време уште поголеми се инхибициите кои, дури и кај најталентираните, ги создава стравот од од тој „суд” и срамот од незаинтересираност или уште полошо – од евентуални негативни коментари, на кои секој денес на социјалните мрежи исто така има еднакво право, независно од тоа дали се издржани или злонамерни.

Ангела Лавровска е едно такво талентирано „дете” на новиот милениум, денес девојка која растела заедно со брзите технолошки промени. За среќа ги победила стравот и срамот и решила преку можностите што ги нуди Интернетот, да го провери и изложи својот несомнено исклучителен талент за пеење. И денес социјалните мрежи се преполни од 20 годишни и помлади талентирани музичари, кои преку т.н. „кавери” (исполнувања на веќе познати песни во своја верзија) се обидуваат да го претстават својот талент. Ангела е сѐ уште на почетокот на тој тежок пат на пробивање и докажување на музичката сцена, а досегашните награди и успеси и се поттик повеќе да истрае во таа борба.

Стравот и срамот се одамна победени, но суровиот свет со изместени вредности денес иправа многу препреки пред талентот. Разговорот со Ангела Лавровска за рубриката Анфас, е еден мал придонес и поддршка кон сите млади таленти, да бидат упорни и да не се откажуваат.
Како сфати дека музиката ти го исполнува срцето?
– Мислам дека секој од нас има посебно место во себеси кога станува збор за музика, а посебно за музиката која не исполнува. Па така јас од мали нозе имам огромна љубов кон музиката која секојдневно станува поголема и поголема. А секако голема улога за таа љубов што ја имам кон музиката беше желбата дека еден ден и јас ќе држам микрофон во раце.

Дали освен преработени песни, имаш и своја авторска? Или таа ќе ја очекуваме во иднина?
– Засега акцентот е ставен на тоа да правам преработка на веќе постоечки песни и се надевам дека за брзо ќе направам уште една нова преработка, но нема да откријам на која песна, нека биде тоа изненадување. Кој не би сакал да има своја песна нели? Чуството на среќа, на исполнетост кога ќе слушнеш твој труд на радио e неописливо. Се стремам кон тоа да ја доживам таа емоција во блиска иднина.
Си била дел од музичкото талент шоу ,,Заблескај”, во кое стигна до големото финале. Какво е чувството да пееш пред многубројна публика? Имаше ли трема, страв?
– Да така, тоа беше пред нецели две години ако не се лажам, можам да кажам дека тоа чувство да се биде дел од едно прекрасно музичко талент шоу е навистина неописливо, посебно за мене, бидејќи за прв пат се појавив на една голема сцена пред наши талентирани и почитувани личности и тоа на големото финале. Пред се јас сум една личност која сака да ризикува, да доживува нови ситуации, па чувството на страв кај мене не постои, но не можам да не ја споменам тремата која во тој момент беше присутна секако во позитивна смисла.
Тешко ли е да бидеш не толку славен, а млад македонски пејач? Ја гледаш ли иднината во тоа?
– Гледајќи ги сите млади и талентирани музичари на свирки кои прават одлична атмосфера, можам да кажам дека сепак постојат некои предности и препреки во таа област. Една од предностите е тоа што постои усовршување на нашите способности како и привлекување на публика со добра забава, додека пак како една од најголемите препреки во развојот на музичкото поле е тоа што ретко кој го достигнал врвот на планината, но сепак сметам дека со голем труд, со голема посветеност, упорност и жртва кон она што тежнееме да го достигнеме во животот, еден ден ќе успееме.

Дали во слободно време свириш на некој инструмент или времето го користиш за нешто сосема надвор од музиката?
– Колку и да имам обврски, секогаш барам начин и време да го посветам на мојата прва љубов, а тоа е пијаното, свирам и за момент заборавам на сè, се враќам на моето “среќно место” – во светот на музиката каде што уживам. Исто така кај мене се роди една нова љубов, една нова желба а тоа беше да научам да свирам гитара и можам да кажам дека за краток временски период се усовршив половично на тоа поле. И секако од голема љубов и желба кон двата инструмента јас бев сам свој учител, односно самоука. Во однос на ова прашање сакам да надополнам и тоа што се трудам да одвојам време за моите најблиски како и за моите најдобри пријатели.

,,Што ќе бидеш кога ќе пораснеш?” – дали одговорот на тоа прашање беше спротивен од тоа со што се занимаваш во моментов?
– Често прашање од нашето рано детството, на кое мојот одговор уште од мала кој сметав дека ќе биде перманентен е тоа дека јас ќе бидам една од најпопуларните пејачки. Моментално одговорот на ова прашање е спротивен, бидејќи сепак имам и некои други цели во животот кои сакам да ги реализирам. Студирам право на правниот факултет во Битола и се надевам дека во блиска иднина ќе бидам успешен правник. Сепак зошто ако животот ни нуди шанси и можности да не ги зграпчиме?
Кои луѓе спаѓаат во твојата најголема поддршка?
– Пред се најголемата поддршка ја добивам од моите родители, потоа и од поширокото семејство, исто така не можам да ги издвојам моите најдобри пријатели и пријателки кои ме мотивираат и охрабруваат да чекорам со исправена глава понатаму, како и да пишувам нови поглавја во една книга наречена живот.

Што мислиш за народната музика? Дали полека почна да се заборава, зошто сè повеќе млади слушаат рок, поп, џез…?
– Низ народната музика е претставена целата историја на македонскиот народ, сите борби страдања и што уште не. Таа е таа, музика која што треба да се пренесува од колено на колено, од генерација на генерација и да се негува низ годините што следат. Точно е тоа што се повеќе и повеќе младите се насочени кон другите жанрови на музика како што е рок, поп, џез, метал и слично. Сепак сметам дека треба да се негува тоа што ни е оставено во наследство од нашите предци, без страв или срам за истото бидејќи музиката на крај е таа која што не спојува сите не сплотува во едно.

Која би била твојата порака до младите кои сè уште се плашат да го откријат својот талент?
– Не треба во никој случај да постои стравот како чувство кај ниту една млада личност кога се зборува за талент. Едноставно Бога ти ги подарил тие способности и направил да ти бидеш посебен на свој начин, нема потреба од страв, нити пак срам за да не се истакнат тие способности, тој талент кој што е дар од Бога. Така да мојата порака до сите млади е да не се плашат да го откријат својот талент без разлика на кое поле од животот е тоа и да чекорат храбро со исправена глава.

Имаат ли младите пејачи отворени кепенци за соработка и совети со познатите пејачи, композитори и некои други личности од музичката област?
– Верувам дека секој млад пејач е желен да дознае нешто повеќе, нешто ново како и да научи некои финеси кои во светот на музиката играат важна улога, па така стојам на ставот дека еден искусен пејач, композитор или пак некоја друга личност од музичката област е желна да го пренесе своето знаење и искуство на идните млади пејачи.
