Неколку дена пред гласањето во вториот круг на претседателските избори во Франција, во пет различни спроведени испитувања на јавното мислење, актуелниот претседател Емануел Макрон благо ја зголеми предноста пред неговата противничка, десничарката Марин Ле Пен.

Се смета дека предноста се должи на преумувањето на еден дел од гласачите на третoпласираниот во првиот круг, левичарот Меланшон, и покрај тоа што тој неодредено ги повика или да апстинираат или да поништат гласачко ливче.

На неговиот повик изречито да не се гласа за Марин Ле Пен многумина го сфатија како пренасочување на поддршката кон Макрон, бидејќи според аналитичарите апстиненцијата од гласање, сега најмногу ѝ одговара на второпласираната десничарка.

Самата Ле Пен зголемувањето на предноста на Макрон, го објаснува со неговата нагласена заплашувачка реторика, што според неа, е директна уцена на гласачите.

Макрон во кампањата меѓу двата круга ги нагласи врските на Ле Пен со Путин и Русија и нејзините анти-нато и анти-еу ставови, при што, според кампусот на Ле Пен, се создал страшен впечаток во јавноста дека на Франција со Ле Пен ѝ се заканува војна, нестабилност и изолација.

Според сите анкети, Макрон сега има поддршка меѓу 55% и 56% од гласачите што е за над 3% повеќе од првиот круг, односно за 1% зголемување за неколку дена.
И покрај тоа, дури и во таборот на Макрон има претпазлива воздржаност околу сигурноста на победата, бидејќи сите се свесни дека и малата разлика и приликите во Франција, па и во светот, се уште ги држат прогнозите за исходот во рамките на нестабилно променлива неизвесност до последниот момент.