Како што се приближува датумот, така социјалните мрежи глобално продолжуваат сѐ повеќе да вријат за конспиративната теорија за овој 24 септември, според која треба да почне крајот на светот.
Дебатата уште повеќе се разгори и зеде залет, по делумната мобилизација во Русија и сѐ почестото спомнување на можноста за употреба на нуклеарно оружје од двете страни.
Всушност, причината за трендинг-шегата со 24 септември е повторно кај Симпсонови, но и во лапсусот на лидерот на германските демохристијани, Фридрих Мерц во говорот пред Бундестагот во февруари.
Имено, Мерц зборувајќи по почетокот на војната во Украина, наместо – ДОБРО ЗАПАМТЕТЕ ГО ДАТУМОТ 24 ФЕВРУАРИ, по грешка рече 24 СЕПТЕМВРИ, и конспиративците веднаш почнаа приказни дека грешката воопшто не била грешка и дека 24 септември не спомнат случајно, туку намерно.
Со Симпсонови, приказната е уште посложена за „толкување” и за неа е потребна многу фантазија, имено – во 9 епизода од 24 сезона, во Симпсонови се зборува за група која сака да стави крај на времето и за некаква нова електромагнетна пулсирачка направа која ќе направи хаос во интернетот и снабдувањето со електрична енергија и ќе доведе до, и претходно често најавуваните „десет дена целосно затемнување на планетата”.
Како и да е, корисниците на социјалните мрежи, особено на ТикТок и Телеграм си ја развија приказната до бескрај, на духовит начин разработувајќи сценарија за почетокот на последните денови на светот и времето какви што ги знаеме, утре – во сабота на 24 септември.