Замислете го Дедо Ное од Стариот Завет како со семејството по Потопот јаде благо и благодари што се спасиле.
Во Турција и на Кавказ, ден денес се раскажуваат легендите за потеклото на стариот пудинг кој семејството на Ное, го имал со себе во Арката, како благо за енергија и закрепување, за време на Потопот.
Со значење на бројот 10 името Ашуре, денес се поврзува со традицијата на исламот и со пророкот Мухамед, а во време на пости и како јадење за раздавање, или благо на сочувството и солидарноста.
Но се смета дека модерниот ислам, само географски го наследил десертот кој според многу постара традиција со векови и милениуми се подготвувал на овие простори. И значењето на името Ашуре поврзано со арапскиот број 10, се поврзува со библиските традиции на давање т.н. „десеток“ или една десетина од спечаленото на сиромашните. Подоцна десетокот го користеле и државите за пресметување данок. Ашурето, само по себе е силен енергетски производ, богат со здрави хранливи состојки , а како десерт многу вкусен пудинг како дел од секоја празнична трпеза на Истокот.
Традиционално, заради хуманиот аспект на „благо за раздавање“ Ашурето се подготвувало во големи количини, во казани и многу чинии, и до неодамна тешко било да се најде рецепт кој е поедноставен за домашна секојдневна семејна употреба. Рецептот има повеќе верзии и варијации, и во него буквално може да се стави сѐ и сешто, барем што се однесува до овошјето, сушено или свежо – јаболка, портокали, лимони, калинки, кајсии, суво грозје, смокви, урми итн.и до јаткастите плодови – ореви, бадеми, фстаци, леблебии, индиски ореви итн.
Еве една од „кратките“ верзии на рецептот за Ашуре:
- 2 чаши варена пченица
- 1 чаша варен грав
- 1 чаша варен наут
- 1 чаша ориз
- 3 јаболка
- 2 портокали (сосе сокот и кората која се сече)
- 1 лимон – со кората која се ренда
- 7 чаши шеќер во прав
- 3 чаши суви кајсии
- 3 чаши суво грозје
- по 1/2 чаша друго сушено овошје, рамномерно според вкус и потреба – смокви, урми, рибизли, брусница, сливи (колку поразновидно, толку подобро)
- 2 чаши млеко (не е задолжително, ако се прави посно)
- 2 лажици нишесте (по потреба, ако густината од сварениот ориз не е доволна или сте ставиле премногу вода)
- вода – во голем сад, од око и по потреба
Додатоци:
- Цимет
- Ореви
- Лешници
- Бадеми
- Ф’стаци
- Калинки за украс