По магливата ноќ, и неколкудневните густи магли надвиснати над Битола, на Бадник главната битолска пешачка улица Широк Сокак, осамна со детски џагор, и секако – мајки, баби, тетки, стрини и вујни … и по некој татко, кои се чини правеа повеќе метеж и врева од децата.

Ако Божик е Празник на мирот и радоста, тогаш нема ништо подобро од детската радост која благовести за Раѓањето. А на мирот? … Белки со тек на време сите постепено ќе се научиме.

Вечниот Бог слегува
и во утробата на Дева се вселува:
Свет, Свет, Свет си Пресвет Господи!
Царот на сите и Господ
дојде Тој што Адам го создаде:
Херувим, Херувим, радувај се, радувај
Пресвета Владичице!
Рождеството поучува и сe радува,
а чиновите ангелски се зачудени:
Терирем, терирем, радувај се, радувај
Пречиста Владичице!
Дојдете до пештерата да се приближиме,
во јасли како лежи Господ да го видиме:
Свет, Свет, Свет си Пресвет Господи!
Од Исток мудреци доаѓаат
и дарови носат достојни:
Херувим, Херувим, радувај се, радувај
Пресвета Владичице!
Кога слушна Ирод за настанот,
целиот се потресе озлобениот:
Терирем, терирем, радувај се, радувај
Пречиста Владичице!
Небесата слават и се радуваат,
ангелите Го воспеваат:
Свет, Свет, Свет си Пресвет Господи!
Се радуваат созданијата,
и празнува природата:
Херувим, Херувим, радувај се, радувај
Пресвета Владичице!
Да го воспееме Господ, Христос наш,
во пештера родениот:
Терирем, терирем, радувај се, радувај
Пречиста Владичице!
Дево, Мајко и Владичице,
спаси ги оние што кон тебе прибегнуваат
Свет, Свет, Свет си Пресвет Господи!
Вечниот Бог слегува
и во утробата на Дева се вселува:
Свет, Свет, Свет си Пресвет Господи!

Бадниковите Поворки се релативно нова традиција, која со организациска помош на училиштата, поедини наставници и хуманитарни организации, се обидува од година во година сѐ повеќе да заживее кај младите генерации.

Во продолжение – интегралната галерија од настанот. Децата беа во придружба на возрасни и родители кои не само што го одобруваа туку го поттикнуваа фотографирањето. Детската радост не е возможно да се цензурира, скрие или замати.
Христос се раѓа славете!
Христос се раѓа радувајте се!
За многу години мирот и радоста на светот!