Поранешниот руски претседател Михаил Горбачов кој на 91 годишна возраст почина во вторникот, денес е погребан на Новодевичјите гробишта во Москва, без присуство на сегашниот претседател Владимир Путин, кој соопшти дека бил презафатен со набиена агенда.
Претседателот кој со неговите реформи наречени Гласност и Перестројка го реформираше Советскиот сојуз и создаде услови за паѓање на железната завеса и симболично уривање на Берлинскиот ѕид, е единствениот руски лидер, кој по Никита Хрушчов е погребан надвор од Кремљ, каде сите поранешни советски претседатели, вклучувајќи го и наследникот на Горбачов, Борис Елцин имаат свои гробници, споменици или мавзолеи.
Иако погребот не е државнички, сепак во неговата организација беше вклучена и државната гарда и протоколот кои обезбедија почесна стража и го организираа поклонувањето пред изложеното тело во Салата на столбовите, во зградата на поранешниот Парламент.
Во редиците руски граѓани кои се поздравуваа со Горбачов, се најде и Владимир Путин, кој со голем букет свежи рози, тивко се поклони пред одарот, без притоа да даде изјава или да одржи говор.
За разлика од погребот на Горбачов, погребот на неговиот наследник Борис Елцин, кој всушност и го избра Владимир Путин за своја замена, беше со високи државнички почести, дипломатски церемонии и целодневен пренос во живо на руската телевизија во 2007 година.
На тој погреб присуствуваа и двајца американски претседатели Бил Клинтон и Џорџ Буш, како и бројни државници од целиот свет.
Овојпат, Стејт Департментот соопшти дека американскиот амбасадор во Москва ќе присуствува на погребот, во услови кога претседателот Џо Бајден има и официјална забрана за влез во Русија.
Путин одби да даде било каква изјава за Горбачов, додека неговиот портпарол го оцени ликот и делото на таткото на модерна и демократска Русија во најмала рака како контроверзен, затоа што многумина сѐ уште му забележуваат за растурање и слабеење на моќта која ја имал СССР, и за преголемата доверба која ја имал во Западот, што денес со војната во Украина се покажало како погрешно.
Аналитичарите велат дека поголема улога во слабеењето на воената сила, економијата и угледот на Русија пред светот имал Борис Елцин, кој сепак се удостоил за државен погреб, според желбата на Путин, кој самиот бил предложен на функцијата од него.
Новинарите кои во последно контактирале со Горбачов, велат дека иако јавно никогаш не се изјаснил, тој бил многу загрижен за украинската криза и начинот на кој Русија, односно Путин се справува со неа.
Горбачов е погребан до неговата сопруга Раиса која почина во 1999 година, на Новодевичјите гробишта надвор од Кремљ, кои се познати по тоа што таму се погребани многумина истакнати руски писатели, уметници, научници и познати лица од јавниот живот.