Битола отсекогаш била пример за град во кој живее модата. Исто така, Битола важи и за град кој одамна се вреднувало образованието. Кога ќе се направи спој на овие две исклучително важни белези на нашиот град, ќе се добие прекрасна комбинација.
Со нејзината исклучителност, универзитетската работа и непосредноста со студентите, за проф. д-р Билјана Граматковски со сигурност можеме да кажеме дека во Битола постојат луѓе во чекор со времето кои стекнувајќи доверба кај младите ентузијастички лесно го извршуваат својот одговорен професорски позив.
За работата која како универзитетски професор, за модата, за работата со студентите и за ораторството со проф. д-р Билјана Граматковски, за една жена која е вљубеник во животот прочитајте во интервјуто со Димитра Десановска.
Професорка сте на Педагошкиот факултет во Битола. Што значи да се биде професор на Факултетот на кој сте студирале?
– Да се биде професор на факултет на кој претходно сте студирале е уште поголем предизвик, уште поголема одговорност. Тоа значи, дека треба да бидете учител пред вашите учители – почетокот на сите почетоци, ликот кој носи промена, ширејќи го квантумот на знаења. Тоа е маратон полн со пречки, но и благодет во исто време, затоа што на дланките на учителот лежат сите оние со намера да го променат светот.
Талентирана сте за ораторство и јавен настап. На тоа поле работите и со Вашите студенти. Колку е тешко да се создаде добар оратор?
– Благодарам. Добриот оратор се раѓа, но, добриот оратор може и да се создаде. Добриот професор најпрво го препознава ораторот во студентот, дури потоа почнува да го изградува дел по дел, ден по ден. Укажува дека добриот говор е всушност, пресметка со себеси и дека во основа, постојат само два вида на говор: успешен у неуспешен. Потребен е талент, емоција и многу, многу работа. Единствено не се потребни пресметан бизнис и калкулација.
Како Вас Ве привлече сцената и микрофонот?
– Секој тргнува од себеси, како што милува да каже еден мој почитуван колега. Сѐ она „за што ви пее пилето“, порано или подоцна ќе излезе на виделина. Сметам дека ние ја поседуваме моќта да одлучиме што ќе одбереме и на што ќе се восхитуваме. Толку е едноставно!
Ќе се одржи ли оваа година натпреварот по ораторство во рамки на Универзитетот т.е. УКЛО Тривиум?
– Да, како и секоја година тргнувајќи од 2016 година (со исклучок на пандемиските години) ќе се одржи натпреварот по ораторство УКЛО Тривиум. Последните две години, студентите ја имаат таа привилегија да зборуваат на слободна тема, тема која сами ќе ја изберат. Ова не го спомнувам попусто – ораторот мора да ја сака и познава темата на која ќе говори. И оваа година, сите пријавени студенти, сите до еден, ќе стигнат до местото, каде трите патишта исклучително успешно се соединуваат: граматиката, логиката и реториката. Да напоменам дека овој настан го организира Универзитетското студентско собрание. Со други зборови, ова е настан од студенти за студенти.
Пред кратко време во КИЦ- Битола беше одржана промоција на универзитетски учебници, во Ваше и авторство на Вашите колешки проф. д-р Јасминка Кочоска и проф. д-р Данче Сивакова- Нешковски. Колку за Вас беше значаен овој настан?
– На 21 ден од април, оваа година беше одржана промоцијата на двата универзитетски учебници „Интеркултурно образование“ и „Интеркултурна комуникација и билингвизам“. Во овие учебници умешно ја споивме меѓукултурната комуникација со билингвизмот зашто, несомнено, станува збор за поими што се наоѓаат во меѓусебна тесна врска и се поврзани со меѓукултурната комуникациска компетенција, а таа, пак, е особено важна во повеќекултурниот свет во кој живееме. Но, она што е поважно и излегува од рамките на академската важност на овие учебници е нашето пријателство, кое со сета своја цврстина и трајност се провлекува низ нивната содржина. И, да, емоцијата пулсираше насекаде.
Важите за личност која ја сака модата. Кога започна таа поврзаност со неа?
– Ја сакам модата и сметам дека таа љубов е взаемна. Ми се допаѓа етиката по хоризонтала и естетиката по вертикала. Ја сакам модата бидејќи не ми ја троши батеријата. Ја сакам модата оти не ми троши радост, оти не ме тера да бидам на емотивни полначи. Ја сакам модата, бидејќи е мојот ескапизам во „ексцентричност“. Зашто, „сѐ уште е подобро да си лудак во модата, отколку надвор од неа“.
Светот останува на идните генерации. Па, што би им препорачале?
– Нашите студенти, нашите млади луѓе треба да бидат нашата „топла авангарда“, нашата пркосна романтизација на отуѓеноста. Нашата армија арнотворци, вљубеници во знаењето, манирите и културата. Време е за будење!!!