Битолчани денес со гордост се сеќаваат на епитетите на Битола како град на конзулите или на клавирите, па дури и на “дембелите” или кафепијачите на тефериџ, како носталгија кон традициите со која се спротиставуваат на современите процеси на обезградување на градот и постепеното претворање на некогашниот голем и важен економски, културен, дипломатски центар во провинција, како што велат во Скопје „од внатрешноста“.
Деновиве со снимањето на дел од сцените за турската серија во продукција на каналот на Дизни, посветена на Мустафа Ќемал Ататурк, Битолчани се потсетија и на времето на пајтоните и чезите, кога коњскиот тропот не беше непознат или редок звук за битолските сокаци и калдрми.
Но животот неминовно оди напред, а техничко технолошкиот развој разбирливо ја замени практичната употреба на коњите со автомобили, кои исто како и камерата, филмот и киното, многу рано ги имаше во некогаш „најградскиот град во Македонија“, за во времето на СФРЈ во 70-те и 80-те, Битола да стане втор град во Југославија, после Марибор, според бројот на автомобили по глава на жител.
Но тоа секако не требаше да значи дека во име на напредокот, треба да се напушти некогашната битолска урбана речиси „аристократска“ благородност, која секако, се поврзува со животните за кои велат дека се најблагородни и најдостоинствени – коњите.
Денешните битолски деца ретко можат да видат коњ во живо, освен во случаите на испуштени коњи кои понекогаш пасат меѓу зградите на периферните населби или се шетаат низ улиците, или коњите во запрега на Ромите кои собираат пластика по контејнерите, што од јавноста се смета за нешто лошо, и честопати се користи како аргумент на критичарите за т.н. “поселанчување“ или деурбанизација на градот.
Ако на ова се додаде дека најголемиот урбан центар во препанско-пелагонискиот регион кој се смета за подрачје со ресурси за најголем земјоделски потенцијал, тогаш е нејасен парадоксот, со кој често странците се многу изненадени – како може во средното Земјоделско училиште да има толку малку ученици, а и интересот за студирање на Земјоделскиот факултет не е баш за пофалба.
Токму затоа настанот, кој воочи празникот на Битола, 4 Ноември го организираат во Земјоделското училиште „Кузман Шапкарев“ во соработка со Здружението „Галоп“ Битолска коњаница има редок потенцијал, да лоцира, препознае и промовира една многу важна област за иднината на Битола и за целиот регион.
Низ игра и забава, со пристап близок до учениците, со денска Ди-Џеј журка, многу коњи меѓу кои и коњот Торнадо како атракција, зачинето со коктелите на Теодор Ралевски, но и со голема сериозност во протоколарниот дел во кој ќе земат учество и претставнци од Институтот за земјоделство и сточарство и ќе бидат потпишани Меморандуми за соработка, како прв чекор за покажување добра волја на еден заеднички пат кој може да доведе до многу поорганизиран развој на коњичкиот спорт во Битола, и поголема присутност на коњите за рекреација, едукација, туристичка атракција … итн.
Впрочем, и за да се вратат пајтоните низ битолските улици се потребни коњи, можност за организирано чување, одржување и тренирање во ергела, пристап до школи за рекреативно јавање, а зошто да не и Битолски Хиподром – како коњички центар во кој би се обновил, продолжил и развивал потенцијалот на некогашната битолска традиција.