Битолчанката Рајна Алексова e првата аптекарка на Балканот и ја отворила првата аптека во Битола
Родена 1882 -1959 во Битола.
По завршувањето на француската гимназија во Солун, таа помогната од својот постар брат Ристо Алексов, кој бил трговец и сопственик на првата аптека на ,,Широк Сокак,, во Битола, заминала со воз за Швајцарија каде во 1902 година се запишала на Фармацевскиот факултет и дипломирала после четири години во 1906 во Лозана, и станала првата Македонка дипломирана фармацевтка, воедно и прва жена фармацевтка на Балканот.

Таа со гордост се преставувала дека е Македонка. Во нејзината диплома издадена во 1906 г. од швајцарските универзитетски власти на француски јазик стои запишано дека Рајна Алексова по националност е Македонка. Тоа може да се види од копијата на дипломата која е иста на оргиналот со датум од 01.11.2018г. која ја имаат добиено наследниците по нивно барање.
Во потрага по дипломата од Лозана, семејството Даниловски и нејзиниот праправнук, стоматологот Горазд, синот на Нина, како единствени нејзини наследници бидејќи Рајна Алексова била омажена со Жика Кнез Милојковиќ од Белград, (но немала деца), се упатиле во Лозана и од универзитетската управа побарале копија од нејзината диплома.
Администрацијата на факултетот со швајцарска прецизност, по добивањето на барањето, само за неколку часа им издала копија иста на оригиналот, со датум 1.11.2018 год. додека оргиналната диплома се наоѓа во Софискиот музеј во Бугарија. Со љубовта кон учењето Рајна ги уривала бариерите и стереотипите во Османлиското царство.
Веднаш по дипломирањето Рајна Алексова сакала да отвори сопствена аптека. Меѓутоа, таа се судрила со тогашните турски закони кои не дозволувале жените да обавуваат апотекарска професија. Сепак, Рајна не се откажувала. Таа пратила писмо до Цариград и барала за добро на народот во Битола да ѝ се овозможи да отвори сопствена аптека.
Додека чекала дозвола од турските власти да почне да работи како апотекарка, Рајна почнала да работи како милосрдна сестра во Ќустендил. Во јуни 1907 таа била испратена во бугарската болница „Евлоги Георгиев“ во Цариград. Рајна по извесно време ја напуштила болницата и од февруари 1908 година работела како учителка по хемија во женската гимназија во Едрене.

Со промените по Младотурската револуција, Рајна Алексова добила дозвола да работи како аптекарка од 1909 г., и таа веќе работи во аптеката кај својот брат трговецот Ристо Алексов.
По Првата светска војна, во 1919 год. била испратена комисија од тогашното Министерство за народно здравје на Кралството на СХС за да ги провери условите за работа во сите аптеки. Најпрво ја посетила аптеката на Рајна Алексова, која била најпопуларна во градот. И покрај тоа што најдобро работела во Битола, аптеката на Македонката Рајна Алексова била парично казнета со 30 динари и комисијата побарала Рајна да ја достави својата оригинална диплома за завршен факултет, која, пак, бугарскиот окупатор при повлекувањето од Битола ја однел со другата архива во Бугарија. Рајна добила дупликат диплома од факултетот во Лозана, која била судски заверена како точно иста на оригиналот, на 14.12.1919 година. И, така, Рајна ја продолжила својата работа во аптеката до своето пензионирање во 1944 година.
Аптеката била национализирана и станала државна аптека.
Рајна Алексова водела работни аптекарски дневници. Нејзините дневници со рецепти се од француско потекло, уредно заверени на првата страница и пишувани на француски јазик. Денес тие се чуваат во историскиот архив во Битола, како „Фонд на аптеката на Рајна Алексова“.

За жал, Рајна Алексова животот го завршува трагично. На 23 февруари 1959г, луѓето што кај неа живееле како потстанари, ја задушиле и со себе однеле пари и сѐ што било вредно во нејзината убава и голема семејна куќа. Така, на 79-годишна возраст трагично го завршува својот плоден живот. И уште еднаш ја потврдува есенцијата – „со текот на вековите исчезнуваат земните нешта, а остануваат безвременските значења“.
Почетокот на 20век Рајна Алексова го означува и му дава белег, а како непобитен историско-научен факт би требало да ја читаме во учебниците како пионерка на фармацијата во Македонија и на Балканот. Во 2016 година постхумно е прогласена за една од најзначајните жени во историјата на Битола и во Македонија.
(извори: Музеј на град Скопје 2009)