Кога си млад, кога имаш голема желба и кога искрено сакаш, и згора на сѐ кога имаш благослов – ништо не е тешко.
![](https://www.kepenci.mk/wp-content/uploads/2022/07/10.jpg)
Тоа на дело го докажуваат членовите на Битолската коњаница кои поттикнати од примерот на Илинденците и водени од големата љубов кон Македонија, се нафатија на подвиг кој од младешки ентузијазам има сериозен потенцијал да прерасне во традиција.
![](https://www.kepenci.mk/wp-content/uploads/2022/07/pres4.jpg)
Речиси 200 километри за 8 дена, по тешки планински патеки и превои, исто како комитите некогаш 12 момци и 2 девојки на 14 коњи ќе поминат јавајќи од Битола кон Крушево. Патувањето кое ќе започне на 26 јули од пред Офицерскиот дом во Битола ќе заврши на 2 август, со дефиле и положување цвеќе на Мечкин Камен.
![](https://www.kepenci.mk/wp-content/uploads/2022/07/23.jpg)
Амбициозната рута опфаќа дваесетина села, посета на 6 цркви и манастири од каде ќе се земе благослов, чествување на стотици паднати Илинденци и многу дружење низ радост и песни.
![](https://www.kepenci.mk/wp-content/uploads/2022/07/pres8.jpg)
Битола, Довлеџик, Трново, Цапари, Маловишта, Ѓавато, Гопеш, Смилево, Големо Илино, Велмевци, Цер, Долно Дивјаци, Арулево, Пуста Река, и на крај езерото, Гумење и Мечкин Камен во Крушево се дел од местата низ кои минува комитската рута.
![](https://www.kepenci.mk/wp-content/uploads/2022/07/pres2.jpg)
Некаде ручек, некаде одмор и почивка, секаде благослов, а некаде и учество во свети Божествени Литургии во Свети Архангел Гаврил во Довлеџик, Света Петка во Цапари, Света Ана во Маловишта, Пресвета Богородица во Ѓавато, Свети Апостоли Петар и Павле во Смилево, Свети Илија во Големо Илино и секако чествување на могилата на 96 Илинденци од Цапари, Александар Кошка во Гопеш, Јордан Пиперката во Велмевци, Христо Узунов во Цер, Дамјан Груев во Смилево, Питу Гули со четата и стотици други илинденци во Крушево.
![](https://www.kepenci.mk/wp-content/uploads/2022/07/8-.jpg)
Облечени во автентична носија од Илинденско време, специјално изработена за оваа Битолска коњичка чета, новите млади Илинденци на почетокот на патувањето ќе положат и заклетва, врз револвер и кама над Библија, со желба да го доловат целосниот автентичен впечаток на времето на Илинденското востание.
![](https://www.kepenci.mk/wp-content/uploads/2022/07/pres6.jpg)
Од Битолската коњаница велат дека ова е само почеток, најавуваат дека настанот ќе прерасне во традиција, со уште повеќе учесници во следните години. На прес конференцијата за најава на настанот во арт-кафе-клубот Везилка, присуствуваа и претставници на подмладокот на Обединетата македонска дијаспора. Освен што го поддржаа настанот, овие одамна семејно натурализирани македонски Америкаци, пројавија и голем интерес да се запознаат со традициите и обичаите на своите некогашни предци од Македонија.
![Битолска коњаница](https://www.kepenci.mk/wp-content/uploads/2022/07/pres-14.jpg)
![Битолска коњаница - од ентузијазам кон традиција](https://www.kepenci.mk/wp-content/uploads/2022/07/pres2.jpg)
![Битолска коњаница - од ентузијазам кон традиција](https://www.kepenci.mk/wp-content/uploads/2022/07/pres1.jpg)
![Битолска коњаница - од ентузијазам кон традиција](https://www.kepenci.mk/wp-content/uploads/2022/07/pres12.jpg)