Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг” во сабота на 2 јули, во рамките на манифестацијата „Битолски книжевни паметења” во Офицерскиот дом со почеток во 11.00 часот пред читателската публика официјално ќе ги претстави двата нови броја на списанието за книжевност, уметност и култура „Раст”.
Броевите 25 и 26 за 2022 година веќе се достапни во електронска верзија на веб страницата на „Битолски книжевен круг” на следниот линк:
https://bkk-pisateli.mk/rast-arhiva/
Списанието „Раст” веќе 21 година опстојува на македонската книжевна сцена на која преку содржините со високи естетски вредности, успеа да изгради и меѓународен углед поради застапеноста на преводи и препеви од дела на познати и актуелни светски автори на македонски јазик.
Во двата броја во стандардните рубрики (Поезија, Проза, Драма и Согледби) се застапени 41 автор – наши познати книжевни имиња: Раде Силјан, Христо Петрески, Борче Панов, Трајче Кацаров, Никола Маџиров, Снежана Стојчевска, Петар Наневски, Михајло Свидерски, Звонко Танески, Зоран Пејковски, Славица Гаџова Свидерска, Стефан Марковски, Милчо Мисоски, Силвана Нешковска, Никола Илијовски, Билјана Т. Димко, Милица Димитријовска Радевска, Даниела Андоновска-Трајковска, Томислав Османли, Димитрие Дурацовски, Петре Димовски, Елизабета Баковска, Васил Тоциновски, Гордана Стојаноска, Златко Жоглев, Јованка Денкова, Весна Мундишевска-Велјановска, Елизабета Јончиќ, Ирена Павлова де Одорико, Бобан Ристевски, Томе Велков, Адем Абдулаху, Божин Андоновски, Ангела Филовска, Јована Матевска Атанасова, Гордана Јовиќ-Стојковска, Славица Дабевска Ќировска, Габриела Стојаноска-Станоеска, Никола Кочовски и Марјан Анѓеловски.
Освен македонските, застапени се и 60 странски автори преведени на македонски јазик од вкупно 40 земји во светот и тоа: Шведска, Србија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Словенија, Албанија, Италија, Германија, Украина, Полска, Саудиска Арабија, Бугарија, Австрија, Белгија, Шпанија, Ерменија, Колумбија, Грција, Уругвај, Кина, Финска, Естонија, Аргентина, Белорусија, Нов Зеланд, Доминиканска Република, Никарагва, Мексико, Бангладеш, Западен Бенгал, Индија, Франција, Романија, САД, Холандија, Исланд, Иран, Сицилија и Чиле.
Кориците на списанието (веќе вообичаено) се дизајнирани со ликовни решенија на познатата сликарка Симонида Филипова Китановска.
За уредувањето беше задолжена тричлена редакција во состав: проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска (главен уредник), Елизабета Јончиќ и Милица Димитријовска Радевска.