Браќа и отци! Стигнаа Благите вести. Со благоговение ние го почитуваме првиот Господов празник. А во што се состои таинството на Благовестието? Во тоа дека Синот Божји стана син човечки, избирајки ја за посредништво Светата Дева, вселувајки се во Неа, создавајки си од Неа храм за Себе и станувајки совршен човек, заради искупување на човештвото од проклетството на законот (Гал.3.13) и заради тоа, да станеме синови Божји и да не бидеме повеќе слуги на ѓаволот, да станеме слободни, повеќе да не сме страсни, туку бестрасни, не тело-љубиви туку Богољубиви, да не одиме по тело, туку по дух; зашто оние кои живеат по тело, копнеат за телесното, а кои живеат по Дух – за духовното.Копнежот на телото е смрт, а копнежот на духот – живот и мир. Зашто копнежот на телото е непријателство против Бога, тој не му се подредува на законот Божји затоа што не може.(Рим.8.5-7) Ете во што е смислата на таинството. Од ова следува дека ние мораме духовно да празнуваме и духовно да живееме во преподобие и вистина, во љубов и кротост, во мир и долготрпение, во благост, во Светиот Дух, колку што тоа зависи од нас, за овоплотувањето на Господа нашиот Исус Христос да не биде залудно и јалово. Ние мораме да се молиме и да тагуваме за светот, затоа што Синот Божји дошол за да го спаси светот, а светот Го отфрла.
Не Го примаат племињата и народите: Го отфрлаат варварските народи, Го предааваат и тие кои го исповедаат Неговото свето име, едни со искривоколчена вера, а други со порочен живот. Што требало да се стори, а Господ да не го направил? Бидејки Бог, Тој станал човек, Самиот Себе се понизи, послушен се’ до самата смрт, смрт на крст(Фил.2.8); ни го дарувал за јадење Своето Тело и за пиење Својата Крв; не’ удостои да Го нарекуваме Отец и наш брат, глава, учител, жених и сонаследник – сето не може ниту да се наброи. И покрај тоа Тој е отфрлен, и го трпи тоа: не дојдов да му судам на светот, туку да го спасам. (Јн. 12.47)
Св.Теодор Студит “Чтенија на Посниот Триод”