Денеска (25 јануари по новиот календар) се чествува иконата на Мајката Божја наречена Млекохранителка. Оваа икона е една од најстарите на светот и претставува една од најпочитуваните икони во Православието. По преданието, ја насликал Светиот апостол и евангелист Лука по благослов на Дева Марија.
На самата икона е претставена Мајката Божја – Пресвета Богородица која во рацете го држи младенецот Христос и го дои. Иконата е насликана односно е доказ за она што е напишано во Евангелието според Лука –
,,Блажена е утробата која те носела и градите од кои си се хранел “.(Лк 11,27).
Имено, Светиот Сава Осветен пред своето упокојување пророкувал пред монасите кои се беа собрале околу него, дека многу години подоцна ќе дојде човек односно монах од благороднички род, кој треба да донесе икона од Пресвета Богородица, и на кого треба да му го предадат неговиот игуменски жезол.
Речиси седум векови подоцна Светиот Сава (Српски) го посетил Манастирот. Монасите пак, не го заборавиле она што им било кажано како предание, како завет.
Пророштвото се обистинило.
Светиот Сава (Српски) земајќи ја иконата ја поставил на иконостасот во својата монашка ќелија, која му ја посветил на својот претходник и духовен отец- Свети Сава Осветен.
Оваа икона има чудотворна моќ уште многу одамна. Многу луѓе кои со љубов, вера и молитва застанале пред неа, добиле помош.
Иконата денеска се наоѓа во испосницата на Свети Сава, во Кареја, Света Гора. Мајката Божја ги услишува молитвите на сите кои со вера ќе ѝ пријдат, особено на бремените жени, мајките и доилките.
Нека Пресвета Богодорица нè чува!
За многу години!
Од календарот на МПЦ-ОА 25 јануари / 12 јануари Празник на иконата „Млекопитателница“
Така се вика иконата на Пресвета Богородица којашто Св. Сава Српски ја донесе од манастирот на Св. Сава Осветен кај Ерусалим и ја положи во неговата Посница на Кареја на Света Гора. Вака се исполни пророштвото на Св. Сава Осветен изречено осумстотини години претходно, дека ќе дојде некој свештеник српски Сава и дека таа икона и неговиот жезол треба да му ги предадат нему. Кога тој ја посетил обителта на Св. Сава Осветен, монасите се сетиле на ова пророштво на основачот на својата обител и му ги предале иконата и жезолот. Оваа икона е поставена на десната страна од царските двери во Посница, а жезолот во една келија наречена Патерица, на Кареја.
Тропар
Со благоволение на Отецот, од Божествениот Дух бессемено си Го зачнала Синот Божји; Оној Кој постои од Отецот без мајка пред вековите, и заради нас без татко по плот Го родила, и како Младенец со млеко си Го хранела. Затоа, не престанувај да Го молиш, да ги избави од беди душите наши.
Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, Јустинијана Прима