Во далечната 1963, кога Македонија сѐ уште ги поставуваше своите современи културолошки темели како самостојна република (тогаш во рамките на Југославија) група млади музички ентузијасти, предводени од тогаш младата надежна пијанистка, битолчанката Милица Шперовиќ ја формираа Музичката младина на Македонија.
60 години подоцна, обврската на новите генерации македонски млади музичари е уште поголема, не само заради светата должност да ги сочуваат и надоградат темелите, туку и заради предизвиците на „модерното” време во кое она што се нарекува „класична музика” мора да прави компромиси за да опстои на пазарот на современиот популизам како никогаш досега напаѓан од комерцијалниот невкус кој „продава” и „конзумира” (буквално голта) музика.
Во такви услови, парадоксално, младината, во овој случај – музичка, ја има тешката задача додека и самата учи и се надградува, истовремено да едуцира и гради нова публика, не само во градинките и училиштата, туку и кај возрасните генерации, кои денес имаат сѐ помалку можности да научат нешто повеќе од тоа што низ образованието и градењето како личности, досега (недоволно) го осознале.
Таква задача, пред публиката во Офицерски во Битола, имаа деветтемина членови на камерниот истоимен гудачки „Нонет +” под диригентската палка на композиторот и диригент Ангел Спироски, кои чествувањето на „наследството” на 60 годишниот Јубилеј на МММ го почнаа токму од Битола, на изворот и во местото каде што почна целата приказна на организирање на младите македонски музичари.
Дарко Гроздановски, Памела Велкова, Ивана Здравкова, Тамара Охомуш, Верица Ајтовска, Кристина Стојановска, Анеса Зајази, Магдалена Дрмач и Ивона Давидовска, успешно се справија со тешката и одговорна задача – преку сеќавање на музичката мисија почната од Битола, да продолжат со своја мисија и БОРБА за сочувување на сеќавањето, но и угледот на цела една 60 годишна „епоха”.
„Борба” е всушност лајтмотивот од кој диригентот Ангел Спироски се водел во креирањето на Програмата за јубилејниот концерт, мајсторски комбинирајќи времиња, жанрови и дела во кои борбата (со самиот себе, со гревот, со братот, на бојното поле …) ги поврзува композиторите кои живееле во, со векови оддалечени епохи.
Фрагменти од концертот
- Џ. Тавенер – „The Lamb” од филмот „Children of Men“
- Х. И. Бибер – „Battalia a 9“
- A. Перт – „Fratres“
- Г. Холст – „Moorside Suite“
- М. Рихтер – “On the Nature of Daylight”
Необично за еден ваков концерт, амбициозно, но воопшто не и претенциозно, Спироски се обиде да ја „раскаже” приказната за БОРБАТА, правејќи наративна увертира во делата, кои денес „комерцијално преживуваат” преку нивната примена во филмови и серии, па дури и оние од пред повеќе од 100 години, кои живеат преку индиректни влијанија, во саундтракот на култни филмови како на пример „Војна на ѕвездите”.
Амбициозно-ризичниот потфат, особено за млади музичари, на пр. да се долови татнежот на трубите на бојното поле само со гудачки инструменти, најсоодветно ја отсликува храброста како одлика на младоста, која од ништо не се плаши, сѐ може и што е најважно – сѐ сака.
Токму во тоа САКАЊЕ е најсилното оружје во БОРБАТА на овие смели млади луѓе, како „жители на иднината” решително да ги сочуваат и пренесат вредностите кои ги наследиле како аманет.
Како и на секој роденден, превкусните префинети колачи за публиката, само ја заокружија оваа „гала” уметничка понуда, која благодарение на Културниот и информативен центар – Битола со поддршка Општина Битола, допре до вистинските музички сладокусци.