Роднокрајната литература како жанр е особено присутна во творештвото на земјата во која приказните за урнати гнезда и преселени коски се среќаваат на секој чекор.

. Таа не е само носталгичен крик по минатото или фактографско-хронолошки запис за еден начин на животот кој полека исчезнува, туку еден вид „временска капсула“ како бесценето ковчеже во кои се „конзервирани“ и сочувани најскапоцените спомени од детството, во кое се огледува цела една историска епоха од опстојувањето на еден народ.


Еден од таквите собирачи и чувари на скапоцени ковчежиња во нашето совремие е писателот Божин М Андоновски, чиј печал по родниот крај, преточен во неговите дела, ја збогатува и облагородува македонската книжевна ризница. Желбата да се овековечи родниот крај и да се остави аманет за идните генерации, го претвора во своевиден сестран мисионер кој преку збор, фотографија, реплика… се труди неминовната иднина и напредокот да не ги затворат целосно кепенците на сеќавањето:
Роден сте во селото Врањевци, Битолско. Детството, па и младоста сте ја поминале таму. Какви спомени буди во Вас тоа место, какви чувства провоцира тоа?
– Точно така, Врањевци е моето родно село каде што детството, а и дел од младоста ги поминав таму, а потоа како и сите мои млади соселани, а во потрага по подобар живот, на неполни 17 години и јас заминав во градот. Сепак, за викенд се враќав во селото, бидејќи моето семејство сѐ уште живееше таму. Мислам дека носталгичните чувства кај секого имаат посебно влијание и покрај тоа што тогашниот животот на село не беше лесен. Токму таа носталгија за мене претставуваше движечка сила за творештво. Така, можеби до пред 2016 година, ретко кој од подалечното опкружување знаеше за постоењето на село со име Врањевци, а денес, со мојата прва објавена трилогија, „Лет над урнатите гнезда“ во 2016 година преку книгите „Спомени и сеќавања за Врањевци (документарен запис), „Врањевски непокор“ (поезија) и „Коските на мајка) кои целосно се посветени на животот во Врањевци, ситуацијата е сосема поинаква.

Забележлива е големата љубов кон Вашиот роден крај. Но, сте биле ли натаму изминативе години, сте ја посетиле ли родната куќа? Како Божин го поднесе иселувањето на селото?
– Секако дека го посетувам тој дел, но сепак ретко – еднаш годишно. Фрлам поглед кон местото на кое некогаш беше село, мое село и веднаш ми потекуваат солзи. Во селото практично, не е возможно да се отиде, бидејќи таму сега е центарот на копот кој повеќе од 30 години работи за потребите на РЕК Битола, така што од селото и атарот на Врањевци ништо не е останато. Сѐ е од корен откорнато. Дури и местото не е препознатливо и не постои ништо освен како за чудо – постојат неколкуте ѕидови од долната црква „Св. Димитрија“ кои како неми сведоци и денес сведочат дека таму некогаш имало луѓе. Мојата куќа не постои повеќе, но јас сепак ја посетувам секојдневно, бидејќи таа е длабоко сместена во моите мисли. Сепак, за да остане споменот за неа, три пати ја имам направено, поточно изрезбано во дрво со плитка резба. Едната го краси мојот сегашен дом во Битола, а другите две се наоѓаат во домовите на моите браќа кои повеќе од 50 години живеат во Австралија. Како го поднесов иселувањето на селото? Хм…, добро прашање кое само по себе го дава и соодветниот одговор. Беше многу жално и тешко! Особено оние денови кога се ископуваа гробиштата од двете селски цркви и се пренесуваа во новите гробишта во Битола. Тоа за мене значеше повторно соочување и погребување на покојните, како два пати да умреле. Тој ден со голи раце го откопував гробот на мојата мајка за да го пренесам во Битола. Овој многу тежок и болен момент ме наведе да ги напишам и двете поеми: „Бунт на мртви души“ и „Врањевски гробишта“ објавени во книгата „Коските на мајка“ која е составен дел на погоре споменатата трилогија – „Лет над урнатите гнезда“ Битола, 2016 година.

Уште како младо момче сте се занимавале со фотографирање. Како се роди љубовта кон фотографијата? Ги чувате ли фотографиите кои сте ги изработувале?
– Да, уште како дете некако ме влечеше желбата за фотографирање, а и желбата да станам нешто повеќе од моите врсници. Најпрво започнав само со фотографирање и филмовите ги носев кај професионални фотографи за да ми изработат фотографии. Со текот на времето, се роди и желбата сам да го правам сето тоа, па ја набавив и потребната апаратура и со читање литература за таа намена, почнав да ги учам основните принципи за изработување на фотографија, а потоа и сложените техники. Така, почнав сам да ги развивам филмовите и да изработувам фотографии во сите можни големини, а потоа да изработувам и фотомонтажи за родендени, новогодишни честитки и други пригоди. Подоцна се обидов и со колор филмови и со изработка на фотографии во боја. Тогаш во тоа време тоа беше сложен зафат и дури ни професионалните фотографи тоа не го работеа. Затоа откако ќе ги завршев колор филмовите со сликање, по пошта ги испраќав во тогашната добро позната фотографска индустрија, „Фотокемика“ во Загреб. Ме прашувате и дали ги чувам фотографиите кои што сум ги изработувал? Секако, имам голем број фотографии изработени од мене. А сигурен сум дека и голем број од нив и ден денес ги красат албумите во домовите на моите соселани. Исто така добар дел од нив се ставени и во моите книги, особено во трилогијата „Лет над урнатите гнезда“ посебно во книгата „Спомени и сеќавања за Врањевци“ (документарен запис), каде што можат да се видат фотографии од животот на луѓето во седумдесетите години од минатиот век па до денес. Еве, како еден интересен момент од тоа време, во овој дел од интервјуто ви ја доставувам и оваа фотографија.

Најголем дел од Вашиот работен век сте го поминале во НУ „Центар за култура“ – Битола. Какво искуство Ви донесе ,,домот на културата“? На што Ве навраќа оваа институција од сегашна перспектива, како пензионер?
– Точно така, се сеќавам како вчера да беше. Во НУ „Центар за култура“ – Битола, се вработив уште со самиот почеток со работа на истиот. Поточно од 09.10.1980 година, по што, а во чест на Националниот празник 11 октомври, следуваше и свеченото отворање. Тогаш беше именуван како „Спомен дом на култура“ – Битола. Можам да речам дека доста големо и благородно искуство ми донесе работата во една ваква институција. Можеби и започнувањето со пишување се должи токму на тоа добиено искуство, преку гледањето на многу театарски претстави, а и следењето на различни културни манифестации. А на прашањето на што ме навраќа оваа институција од сегашна перспектива, како пензионер? Ме навраќа на една голема културна институција од национален интерес која успешно опстојува повеќе од 40 години, а секако и на мојата младост, бидејќи во неа го поминав речиси целиот мој работен век. Затоа и често пати навраќам таму за да се видам и со вработените од Центарот за култура, а и со вработените од Народниот театар, или како што обично знам да речам, одам да се видам со своите.

Автор сте на повеќе дела. Активно пишувате. Што претставува за Вас творењето?
– Кога веќе ми поставувате едно вакво прашање, чувствувам потреба на кратко да ги споменам и моите дела. Малку погоре веќе е спомената трилогијата за моето родно село Врањевци „Лет над урнатите гнезда“. Веднаш потоа се роди идејата да објавам и втора трилогија, но овој пат за родното село на мојата сопруга селото Брник – насловена како „Оживеани искри“ во која што спаѓаат книгите: „Спомени и сеќавања за Брник“, „Расфрлени гнезда“ и „Траги“. А на крајот од 2022 година излезе од печат и мојата книга со реалистично-хумористични раскази „Брливо шилеже“. Искрен да бидам, не знам да кажам каков прием имаат моите дела од страна на пошироката читателска публика, но знам дека имам голема желба за пишување. Пишувањето бара целосно посветување на тоа што се работи, саможртвување на некој начин, истражување понекогаш, но и финансиска поддршка. Во моментите на инспирација целосно се исклучувам од околината, се поврзувам со моето Јас и се обидувам на моите емоции и мисли да им дадам најпрво тек, а потоа и форма.

Книгите кои ги пишувате главно се посветени на селото Врањевци. Што Ве инспирира да пишувате за него?
– Секоја чешма, секое ритче, секоја куќа, секоја карпа, дури и секое камче. Може да се рече дека имам фотографска меморија и иако селото повеќе не постои, можам да се сетам на секој детал и повторно да го оживеам, најпрво во моите сеќавања, а потоа и во поезијата, прозата и документарните записи кои ги оставам за селото. Во „Спомени и сеќавања за Врањевци“ пишувам за животот во селото во минатото, обичаите, верувањата, историските прилики, детските игри, црквите, чешмите, училиштето, наставниците, ридовите, занимањата на луѓето, орудието што се користело за работа, специфичните места и слично. Бидејќи се занимавам и со применета уметност, се обидов да ги материјализирам моите сеќавања на тој начин што почнав да изработувам различни предмети од дрво кои претствуваа модели на предмети кои беа дел од животот на луѓето во минатото: разбој за ткаење, дрвена кола, прибор за јадење, куќи и слично.

Ваше последно дело е ,,Брливо шилеже“. За што станува збор во него? Се подготвува ли промоција?
– „Брливо шилеже“ е Збирка со реалистично-хумористични раскази. Книгата се состои од 23 раскази и три прекрасни рецензии од почитуваните универзитетски професори д-р Златко Жоглев и д-р Гордана Стојаноска кои имаат напишано рецензии и за сите мои претходни книги, но и од проф. Ѓорѓи Лазаревски, долгогодишен член на Македонското научно друштво – Битола и бивш претседател на Пелагонските културно-научни средби. Да, секако. Промоцијата веќе е закажана за 07.02.2023 (вторник) со почеток во 17 часот во малата сала на НУ „Центар за култура“, па повелете! Влезот ќе биде слободен, а тоа за мене ќе биде голема чест.

Што мислите, им недостигаат ли на луѓето, на читателите, особено на помладите, тие „приказни“ кои се раскажуваат од постарите генерации? Се затвораат ли кепенците во тој поглед?
– Знам, денес живееме во „време невреме“ и знам дека денешната млада генерација не ја интересира толку многу минатото, бидејќи е насочена кон иднината, но и кон барање начини за задоволување на егзистенционалните потреби, и тука не е ништо спорно. Еве кога веќе ме наведовте на едно вакво мислење, да кажам збор два и лично за мене. И јас бев некогаш млад и кога дедо ми Ѓорѓија ќе раскажуваше нешто за неговото сирачко минато, искрен да бидам, иако често пати го слушав, не ме интересираше тогаш тоа толку за нешто да запишам од неговите приказни. А денес, со голи нокти гребам за да ископам од тогаш слушнатото: од дедо ми, од татко ми, а секако прашувам и други луѓе кои припаѓаат на повозрасната популација. Запишаното си останува запишано засекогаш, а со тоа ќе останат и кепенците отворени и секој што е заинтересиран ќе може и да влезе во минатото од која било временска инстанца. Со пишувањето ние ги спасуваме нештата од заборав и им овозможуваме вечност.
