Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров тврди дека неговите борци го зазеле украинскиот град Попасна, но украинската страна демантира и возвраќа дека Чеченците воопшто вистински не се ни борат во Украина.
Откако Кадиров на Твитер објави дека Чеченците го контролираат центарот и главните улици на градот Попасна, следеше снимено видео од советникот на украинскиот претседател Зеленски, Олексиј Арестович, кој иронично вели дека Чеченците само оваа недела 117 пати тврделе дека го зазеле градот, како дел од нивната пропаганда.
Видео на Телеграм објави и гувернерот на регионот, кој тврди дека ситуацијата во Попасна е тешка, но е сѐ уште под контрола на украинските борци.
Украинската страна вели дека чеченскиот лидер Кадиров, кој инаку себе си се нарекува воена „десна рака на руските сили“ и „ударна тупаница на Путин“, воопшто и не е задолжен за војување туку за пропаганда, затоа што чеченските борци во Украина вистински и не војувале, туку само ја следеле руската војска, за по неа да ограбуваат и да сликаат и снимаат селфи и видеа во пропагандни цели.