
Емпириско искуство – е синтагмата која и метафорично и практично, најдобро го опишува научникот, или во овој случај „учителот“, со сета безвременска универзалност и големина што најголемата образовна титула – Учител, ја крие во себе.

Во овој случај целиот не само работен, туку и животен век се состои од запаметени, препознаени и добро применети искуства: почнувајќи од водените опинци и скршената пушка во детските денови во Сливово, преку предизвиците – да се предводат авангардни образовни реформи со решенија кои се далеку пред своето време, па се до подвигот – да се биде пионер во зародишот на македонската научната мисла за менаџментот и претприемаштвото. За најпосле, целиот овој емпириски круг да се затвори или поточно, да се круниса со сознанието дека добриот Учител, како добар ментор, не е доволно само да поседува експертско знаење, туку „братски“ методолошки пристап на непосредно предавање на своето искуство понатаму, како долг кој треба да се врати.

Професорот Д-р Цветко Смилевски и денес, после толку години експертиза, останува се уште и самиот отворен за собирање нови искуства, воден од оној ист некогашен младешки дух на љубопитност за откривање и реформи, каков што успеале да сочуваат само вистинските големи Учители.
Роден сте во село Сливово, каде сте завршиле прво одделение. Се кријат ли во срцето сеќавања од тој период, кога првпат сте седнале в клупа?
– Најзначајните сеќавања од овој период се секако поврзани со годината на почетокот на школувањето. Тогаш, за прв пат ги добив првите гумени (таканаречените пиротски) опинци кои ги заменија опинците од свинска или телешка кожа направени од моите родители. За тој настан е поврзана мојата почетна природа да се обидувам и снаоѓам во животот. За жал, како и многу други обиди, првиот обид беше неуспешен – со новите гумени опинци на другарчињата им демонстрирав како гумените опинци не пропуштаат вода. Но, бидејќи во еден дел од есенските вирчиња по патот, некое било подлабоко, водата не продре низ гумата, но премина преку рабовите и ми ги наполни со вода новите опинци. Сепак, на крајот од првото одделение, во подготовките за завршната приредба, беше мојот прв успешен обид. За приредбата, јас ја добив рецитацијата „Војниче сум мало јас“. За да биде изведбата поефектна татко ми ми направи дрвена пушка. Мојата палавост ја испробуваше издржливоста на пушката и во еден момент таа се прекрши во најтенкиот дел – во средината. Бидејќи немаше време за изработка на нова, јас едноставно ја фатив скршената пушка во средината, за скршениот дел, отидов на училиште и така ја изрецитирав мојата стихотворба.

Цветко Смилевски бил ученик во средното машинско техничко училиште во Битола, и претседател на Средношколската младина на училиштето. Од денешна перспектива, како гледате на тој период кога сте биле средношколец? Видлива ли е разлика помеѓу тогашната и денешната младина?
– Суштинска разлика нема. Како и сега и тогаш, во тогашните услови младите, посебно средношколците се обидуваа да го пронајдат својот пат во светот на возрасните. Разликата е во срединските фактори и начинот на реагирање на младите кон нив. Во однос на тогашните услови, сега е пресудно влијанието на новите технологии и општествено-политичкиот живот на однесувањето на младите. Тогаш, пред шеесетина години, технологијата се чувствуваше само во професионалниот живот и младите се определуваа кон некоја технологија која ќе им обезбеди квалфикации за вработување, а со тоа и за осамостојување во животот. Денес, технологијата, посебно информатичката и од неа изведените појавни форми – дигитализацијата и социјалните медиуми се многу поприсутни во секојдевниот живот и неговото обликување, отколку во професионалниот. Другата димензија е вклученоста на младите во општествениот живот. Во тогашниот, еднопартиски систем младите можеа општествено да се ангажираат, а со тоа и да напредуваат преку активностите во младинската организација како некој вид на „подмладок“ на Сојузот на комунистите. Денес тоа се подмладоците на политичките партии. Разликата во оваа димензија на општествениот живот е во функцијата на општетсвеното ангажирање на младите: тогаш младите се ангажираа во различни форми на општествениот живот: културно-уметнички организации, општетсвени активности, спортски активности и работни акции и сл., додека денешното вклучување во подмладоците на политичките партии е исклучиво во функција на подготовка и придонес во меѓупартискиот натпревар.

Сте се запишале на Високата индустриско-педагашка школа во Риека на предлог на директорот на тогашното ЕМУЦ ,,Ѓуро Салај’’ – Битола. Како го прифативте тој совет, Ви значеше ли поддршката како млад човек кој допрва требало да се препушти на животот?
– Моето запишување на студии во Риека е еден од пресвртните моменти во мојот професионален и животен пат. Прво, јас, од денешна перспектива, сум многу благодарен на мојот тогашен директор за неговиот, како што велите вие „совет“, а јас би рекол предлог и поддршка да студирам во Риека. Предлогот од директорот беше, преку моето студирање за иден професор по машинска група предмети во моето училиште, да го реши својот проблем со дефицитарноста на наставници во стручните предмети. Дополнителна поддршка, можеби за почеток на одлучувањето и пресудна, беше можноста да добијам стипендија од тогашното Министерство за образование. Второ, за „пресвртноста“ во мојот професионален развој е важен следниот сплет на околности што го чинат професионалниот и кариерниот развој: односот на личната желба и срединските можности. Некаде во седмо и осмо одделение на основното училиште беше мојата прва, цврста професионална определба за машинството заради што и се запишав во машинското техничко училиште. Некои од моите соученички се запишаа во учителската школа како последна генерација на најавеното укинување на учителската школа. Мојот прв, наивен коментар беше „зошто се запишуваат во школа што се укинува“. По четири години, земајќи ја предвид поддршката за студирање (стипендија), а потоа и сигурно вработување, јас од почетните сонувања да бидам машински инженер или воен офицер, се определив и еве сеуште сум активен, остварен и задоволен „учител“.

Во 1974 година сте биле избран за самостоен педагошки советник во Републичкиот завод за унапредување на образованието и воспитувањето. Сте биле вклучен во сите реформски процеси како во Република Македонија, така и на ниво на тогашната СФРЈ. Мислите ли дека тогашниот образовен систем беше подобро концепиран, како што често слушаат денешните нови генерации?
– Сите општествени реформи се обиди на општеството да најде оптимален однос помеѓу потребите (индивидуални и општествени) и можностите. Би бил многу субјективен ако како актер на тие тогашни реформи кажам дека тогашните решенија биле подобри од сега. Но, она што како објективен факт можам да го кажам е дека самото градење на концептите, програмите и организацијата на образовниот систем, тогаш беше многу поинклузивно и попартиципативно отколку сега. Иницијалните решенија се предлагаа од стручни и научни установи, беа разгледувани од сите тогашни заинтересирани страни (синдикати, комори, стручни здруженија, агенција за вработување, самоуправни интересни заедници и сл.) и дури потоа, министерството за образование финалните решенија ги презентираше на усвојување во Собранието на СРМ. Денес тој процес е пренагласено административен, дури и државните стручни установи како што е Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование, малку учествуваат во креирањето на овие решенија и нивната улога се редуцира само на чинот на спроведување на донесените решенија. За да одговорам барем делумно на Вашето прашање, за споредба, еве само една илустрација – многу од напуштените решенија од тој образовен систем, особено за неговата ориентација кон задоволување на потребите на трудот (вработувањето) сега се воведуваат како реформски модели од развиените земји (нпр. Дуалното средно образование, регионалните центри за стручно образование и сл.).

Сте го организирале првото предавање по менаџмент во Република Македонија уште во 1990 година. Оттогаш има ли драстична разлика во областа на менаџментот во Македонија? Го следи ли Македонија текот со светските трендови во менаџирањето?
– Всушност, првото предавање по менаџмент од страна на проф. д-р Ричард Волф, од Универзитетот на државата Вашингтон во Сиетл, го овозможи тогашната Информативна агенција на САД во Македонија, а јас бев само локален организатор во името на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ). Сепак, тој настан беше моето конечно академско свртување кон научната област на менаџментот. Потоа следеа конкретните потфати: организирање на постдипломски студии по кадровски менаџмент во 1991 година, МБА студии по менаџмент во рамките на ТЕМПУС програмата во периодот 1992-1995 година, едномесечна студиска посета на дваесетина универзитети и други институции во САД за запознавање со теоријата и практиката на менаџментот и менаџерското образование, основањето на мојата обучувачко-консултантска фирма ДЕТРА Центар и мојата обука за примена на Адижесовата консултантска методологија за организациски промени. Сите овие активности вклучуваа различни форми на неформално и формално менаџерско образование, обуки и консалтинг во почетниот период на транзицијата на стопанството кон пазарна економија. Од тогаш до сега во период од триесетина години се случија значителни промени во односот кон менаџментот, менаџерските компетенции и менаџирањето на фирмите и другите организации. За жал, како и во други области значително заостануваме во однос на другите, слични на нас, земји во транзиција. Така на пример, во првите пет-шест години на транзицијата имаше големи резерви во академските кругови кон академското образование во областа на менаџментот. Во тој период, по основањето на магистерските студии на ИСППИ за МБА (деловен менаџмент) и од нив „провоцирани“ магистерски студии на Економскиот факултет во Скопје, во Словенија (со приближно иста големина како и Македонија, имаше академски студии по менаџмент на 9 високообразовани установи. Следната суштинска разлика што услови заостанување кај нас, беше одвојувањето на сопственоста од професионалниот менаџмент во приватизацијата во Словенија, додека кај нас постојните директори станаа сопственици и се преименува во генерални менаџери. За жал, сеуште во голем број фирми, ако се исклучат странските инвестиции, недостасува професионален менаџмент на врвните позиции. Како и во деведесеттите години, и сега, професионалниот менаџмент „продира“ во организациската хиерархија „оздола нагоре“, од надзорничкиот, преку оперативниот (среден) менаџмент кон топ менаџментот. Оваа практика е веројатно една од причините за помалата конкурентност на нашите фирми на меѓународниот пазар и заминувањето на младите, способни професионалци и менаџери надвор од земјата.

Во 1995 година започнавте со работа на Педагошкиот факултет-Битола. Во 2001 на истиот факултет сте ги основале постдипломските студии по менаџмент во обрзованието, методика на одделенска настава и методика на предучилишно воспитување. Со какви предизвици се соочувавте во овој период, какво е Вашето мислење за воспитно-образовната институција која треба да вади нов млад кадар подготвен да застане пред учениците?
– Јас дојдов на Педагошкиот факултет во Битола (тогаш Факултет за учители и воспитувачи) во периодот на неговото формирање како трансформација на дотогашната Педагошка академија. Моето „враќање“ од Скопје во Битола беше условено со два мотива: првиот, да придонесам кон моето долгогодишно настојување за децентрализација на образовните, научните и културните установи надвор од Скопје и второ, да придонесам за физиономирање на една современа високообразовна установа од областа на формирање на наставниот кадар. Затоа, се вклучив уште во фазата на подготовка на елаборатот за трансформирање на тогашната Педагошка академија во четиригодишна установа за подготовка на воспитувачи и учители. Тоа беше природен процес на подигање на нивото на квалификуваност на носителите на една од најзначајните општествени функции – учителите и воспитувачите на најмладите. Тоа беше развој на институцијата од учителска школа, преку педагошка академија во факултет за учители и воспитувачи. Тој почетен чекор на трансформација беше многу успешен: се зачува практичната фокусираност на студиите и се обезбеди потребниот наставен кадар; организирањето на постдипломските студии беа дополнителен чекор кон обезбедување кадровска репродукција: први студии по методиките на одделенската настава и на воспитувањето како и први студии за подготовка на водствениот кадар во училиштата – студиите по менаџмент во образованието. Покрај „детските болести“ на развојот на внатрешната организација на факултетот, еден од несоодветно решените предизвици беше политиката на енормно запишување на студенти „со партиципација“како извор за дополнителни приходи на Факултетот. Тоа доведе до енормно зголемување на бројот на новозапишани студенти – од првобитната квота од 100 студенти се дојде до бројка од 400 студенти годишно. Тоа имаше две мошне неповолни последици: прво, „продукција“ на голем број потенцијални невработени учители и воспитувачи и второ, значително намалување на квалитетот на наставата заради големиот број на студенти.

По петгодишно работење на Педагошкиот факултет во Битола се создадоа услови и за негово вклучување во меѓународна соработка. Во 2001 година бев поканет на завршните активности на ТЕМПУС проект на Педагошкиот факултет од Скопје каде што во партнерство со високообразовни установи од Холандија, Шведска и Норвешка работеле на осовременување на студиските програми.
Со тогаш воспоставените контакти со тие претставници, ние формиравме конзорциум на трите педагошки факултети (Битола, Скопје и Штип) и отпочнавме нов ТЕМПУС проект „Изучување на демократијата во основното образование“. Во рамките на овој проект покрај низата работилници на колегите од партнерските организации со наставниците од трите педагошки факултети од Македонија и наставниците од менторските училишта, беа остварени неколку студиски патувања кај партнерските институции во Шведска, Норвешка и Холандија, а неколку студенти од Педагошкиот факултет од Битола поминаа по еден семестар кај партнерските организации од ЕУ. Сепак, за најзначаен настан во рамките на овој ТЕМПУС проект ја сметам организацијата на редовната Меѓународна конференција на ЕТЕН (Европска мрежа на педагошки факултети со членство на факултети и надвор од Европа како САД, Канада, Австралија и други), одржана во 2005 година во Битола и Охрид со учество на над 200 учесници од цел свет на што сум особено горд.

Во 2006 година ја основавте високата стручна школа Бизнис Академија Смилевски БАС со дисперзирани студии во Битола. Што беше мотивот за еден ваков потфат, кога веќе имавте добра универзитетска позиција на Педагошкиот факултет во Битола и што е БАС денес?
– Во мојата истражувачка и образовна работа на двата најстари државни универзитети (ИСППИ при УКИМ и ПФ при Универзитетот „Климент Охридски“ во Битола) ја согледав спороста во трансформацијата на јавните високообразовни установи во првите 15 години од транзицијата. Тоа сознание, заедно со исто толку долгото искуство во соработка со стопанството преку ДЕТРА Центар, беа клучните причини за пристапување кон основање на БАС. Како идеен основач и директор на БАС, сакав да изградам современа високо-образовна институција. Покрај незадоволството од спорото трансформирање на двете образовни институции во кои претходно работев, на оваа намера дополнително влијаеја случувањата во трансформирањето на приватното средно и високо образование во Македонија во тој почетен период на општествената транзиција. Во областа на средното образование се формираа неколку приватни гимназии кои веднаш се афирмираа со својот квалитет и современа поставеност. Слично беше и со основањето на универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, формиран со донаторски средства од ЕУ земји и со менторска поддршка на еден американски универзитет. Сите други приватни високообразовни институции се формираа со нагласена комерцијална и профитна фокусираност, без конзистентен избор на кадри за што во јавноста се формираше сосема спротивно мислење за квалитетот на нивното работење во однос на квалитетот на средните приватни училишта. Јас сакав да покажам дека и во една мала високо-образовна институција, со малку сопствени финансиски вложувања, може да се оствари квалитетно приватно високо образование. Како основа за остварувањето на оваа намера јас го искористив сето мое педагошко искуство: Искуството од конципирање и спроведување на постдипломските студии на ИСППИ; Искуството на спроведување ефективни обуки во ДЕТРА Центар; Мојата практика на наставник по методика; и Сознанијата од соработката со поголем број високообразовни институции од областа на менаџментот од САД.

Со таква појдовна основа со синот Горазд и соработниците од ДЕТРА Центар во рамките на Елаборатот за основање на БАС го елабориравме БАС стилот на настава со следниве суштински одредби: Примарна фокусираност на студентите; Максимална интеракција во текот на наставата; Користење илустративни и проблемски студии на случај од нашата реална практика; Изработка на проектни извештаи за можни решенија на проблеми од теренската студентска практика како испитна обврска по секој наставен предмет. Овој стил на настава подоцна со Горазд го именувавме како ДЕАН стил на настава (акроним од дидактика на ефективна академска настава). Реализацијата на илустративните и проблемските студии на случај во ДЕАН стилот на настава беше олеснета со интегрирање на академскиот (во високошколската настава именуван како предавања) со практичниот дел од наставата во пакет на интегрирана еднодневна средба за секој наставен предмет. Покрај интерактивниот стил на презентација на академските содржини од страна на наставникот, вклученоста на студентите се обезбедува со тимска работа на студентите во решавањето на проблемските студии на случај. Со цел студентите посоодветно да се подготват за тимското работење, од една страна, како и да се воведат во клучните карактеристики на бизнисот во безбедна средина за учење, пред да се вклучат во теренската студентска практика, во програмската структура за прва година на студиите ја создадовме бизнис лабораторијата како серија од тимски предизвици во симулирани услови на учење. Пакетот на тимски предизвици за стекнување на вештините на тимско работење, но и соработување помеѓу тимовите е именуван како БАСТИОН проект.

Одговорот на завршниот дел од Вашето прашање е следен: Денес БАС е високообразовна установа за професионални студии по менаџмент и маркетинг на прв и втор циклсус (две студиски програми на додипломски и две на постдипломски) на студии со сите форми на хибридно студирање (редовно студирање, вонредно студирање и студирање на далечина), со дипломанти кои брзо се вработуваат по дипломирањето во сите видови организации во земјата и признати дипломи и успешно вработени дипломанти во многу земји од светот (Германија, Шведска, Италија, САД, Австралија и др.).

Што беше причината во 2012 година да го основате и БАС Институтот за менаџмент (БАС ИМ) во Битола како приватна непрофитна научно-истражувачка установа?
– Основањето на БАС ИМ во Битола е остварување на мојата определба за децентрализиран развој на сите области од општествениот, образовниот и стопанскиот живот во земјата. А локацијата во Битола е мој скромен придонес кон градот во кој сум се формирал како личност. Содржински, со формирањето на БАС ИМ се заокружува предметната фокусираност на академското третирање на менаџментот – примарна мисија на БАС ИМ беше креирање сопствено знаење и негово споделување со другите заинтересирани поединци и институции. Ваквото заокружување на содржинската структура на оваа академска групација на фирми, заедно со новоизградениот деловен објект на БАС Во Битола, овозможија во 2012 година да се организира и Првата меѓународна научна конференција „Современите менаџерски предизвици и организациските науки“ која континуирано се одржува во Битола како биенален настан.

Сте биле ментор на преку 100 магистерски и специјалистички трудови и 28 докторски дисертации на седум високообразовни институции во Југославија и Македонија. Земајќи го предвид тоа, колку е предизвикувачки да се биде ментор во областа која е Ваша специјалност?
– Менторството како процес на водење на неискусните во нивниот процес на осамостојување е иманентна функција на секој искусен професионалец да обезбеди кондензирање на развојот на идните генерации, поконкретно најчесто сукцесори во кариерниот развој. Тоа е особено значајно за секој „учител“, особено за наставниците во високото образование. Оваа социјална функција е специфичен облик на „враќање“ на долгот што сме го создале од помошта од „нашите ментори“. Јас сум особено благодарен на двајца мои ментори од магистерските и докторските студии. Но, јас никогаш не можам нив да им возвратам за нивната можност, но затоа тоа можам да им го подарам на моите студенти и другите соработници (млади колеги на БАС, асистенти во консултантката работа и сл.). А сега директно за вашето прашање: ако под област се мисли на предметот на наставата (менаџмент, педагогија, инженерство и сл.) тогаш нема ништо предизвикувачки. Тој дел е тековна подучувачка работа (учител, инструктор, предавач и сл.). Предизвикот на менторството е воспоставување на социјален однос на водење на неискусните по патот низ непознатото во примената на знаењата што веќе ги имаат. Тоа е однос на „постар брат“ кон кој менторираниот може да се обрати во моменти на дилема во неговите обиди за стекнување искуство: при ново вработување, во нов проект или она што е најчесто познато во јавноста – менторство при изработка на завршен труд од школувањето: дипломски, специјалистички, магистерски, докторски и слични трудови. За ова е многу поважна методолошката отколку експертската помош. Само како илустрација би навел дека на многу високообразовни установи има врвни експерти за кои студентите не сакаат да им бидат ментори. Јас сум горд што на многу докторанди сум им бил и „неформален ментор“.

Македонија има млади претприемачи. Дали тие имаат доволно капацитет со цел да се отклучат закатанчените кепенци?
– Во Вашево прашање се поврзани две слични, но не истоветни појави во стопанскиот развој. Заедничко им е само формата на почетно самовработување на младите. Се друго е суштински различно. Во буквална смисла „закатанчените кепенци“ се однесува на процесот на изумирање на занаетчиството како стопанска дејност под напливот на индустријализацијата и новите технологии. Освен за мал број занаети, особено во делот на продукција на сувенири од најразличен вид и занаети од областа на одржувањето на семејната и личната техника (бела техника, водовод, механичари и сл.) не треба да се очекува значајно подобрување. Но, претприемаштвото како иницирање на нови потфати, колку за самовработување но уште повеќе за вработување на други, пред се, млади е областа во која се случуваат големи пробиви и за тоа има и индивидуални и институционални капацитети. Меѓу нив е изучувањето на претприемаштвото на сите нивоа на образовниот систем, најчесто како изборна содржина, потоа поддршката со консултантска и финансиска поддршка преку формата на бизнис инкубатори и консалтинг акцелератори, технолошки паркови и слично, до вклучувањето на поддршката за формирање на претприемачки фирми во ИПА фондовите за прекугранична соработка. Еден од таквите проекти е ИПА проектот за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Грција на тема „Транзиција од лигнитска во зелена економија“ во Пелагонискиот регион во кој БАС со Регионалната стопанска комора од Битола се учесници од наша страна.
