Секоја генерација покрај обичните студенти, кои денес ги има утре ги нема, во универзитетските установи, има и релативни константи кои не само како едукатори туку и како возрасни воспитувачи, оставаат крајно насочување кон студентите после завршувањето на нивните студии.
Такви ги има се помалку, особено во Универзитетите каде што освен предавање и просто пренесување на знаење нивниот обид за исполнување на професијата во вистинска смисла избледува временски многу брзо.
За среќа Падагошкиот Факултет не само што изобилува од такви личност туку и инспирира за тоа како еден професорски кадар треба да се однесува. И тука не говориме субјективно за една генерација која студирала таму, туку за генерации каде професорите се паметат и остануваат длабок белег во дооформувањето на здрави млади личности спремни за предизвиците понатаму.
Таков е примерот со професорката од Педагошкиот Факултет Даниела Андоновска Трајковска, што временски (иако релативно млад професор) покажува со пример како мора да се однесува еден ваков профил на професија.
Непосредноста, професионалноста, непристрасноста, комуникативноста но и како што велат студентите на кои им предавала “другар што останува” ја прави оваа личност да се издвои од толпата на класичниот медиокритетски професор а и со тоа директно преку младите да влијае (земајќи го нејзиниот пример) на општествените случувања.
За денешните „деца“ е доволно да најдат само еден пример, за кој ќе се „фатат“ во мотивацијата за сочувување на своите идеали. Воопшто не е нескромно ако кажеме дека нивната „другарка“ Даниела е една од ретките.
Во продолжение нашата Димитра Десановска за рубриката АНФАС направи кратко новогодишно интервју, отворено без спуштање на кепенците.
Професорке, кога ќе се вратите наназад, што Ве врзува за детството? Какви спомени Ви носел овој период од животот? Какво детство имала Даниела?
– Имав среќно и исполнето детство со издраскани коленици, играње криенка, ластик и топка на улица. Бев без интернет и без компјутер, а сепак имав и виртуелна реалност благодарение на литературата.
Каква ученичка сте биле, кој предмет Ви бил омилен? Постоел предмет кој не сте го сакале?
– Бев одлична ученичка со сите петки и во основно и во средно образование, најдобар студент на генерацијата со просек 9.98 на додипломски и 10,00 на постипломски студии. Сите предмети ги сакав, но најомилени ми беа Македонски јазик и литература, Англиски јазик, Философија, Социологија и Психологија.
Како дете, која професија сте сакале да биде Ваша животна определба?
– Астроном или астрофизичар.
Кога за првпат се вљубивте во поезијата? Од кога пишувате?
– Мојот прв учител беше поет и често пати знаеше да ја внесе поезијата во есктракурикуларните активности во кои секогаш земав учество како рецитатор или млада или поточно мала „поетеса“. Кога завршив прво одделение како одлична ученичка, на крајот од учебната година заедно со свидетелството добив и поетска книга за возрасни и искрена да бидам, се разочарав, бидејќи кога се вратив дома и кога почнав да ја читам, не разбрав ништо. „Поезијата е магија.
– Почекај и ќе ја почувствуваш“ – ми рече наставникот кога му се пожалив и му побарав да ми даде книга со приказни наместо книга со песни што не ги разбирам. Подоцна, со тек на време, пополека почнав да го чувствувам волшепството на поезијата, бев обземена од неа, а потоа почнав и сама да пишувам. Тоа што тогаш го пишував не беше магија, се разбира, тоа беше само обид, а и сѐ уште не знам дали успевам во тоа, бидејќи по природа сум самокритична. Сега, од оваа перспектива како методичар, се прашувам дали било исправно на едно мало дете да му се даде таква „неразбирлива“ книга и несоодветна за неговата возраст, затоа што таквото искуство можело да придизвика одбивност и страв од литературата. Сепак, можеби поради тоа што сум била љубопитна и упорна во истражувањето на непознатото не само што не се откажав од неа, туку тоа уште посилно ме привлече кон неа.
Има ли Даниела свое хоби? Што прави таа во слободното време?
– Пишувам, читам, слушам музика, вежбам, пешачам. Порано се занимавав со традиционални танци, но сега веќе не.
Што Ве мотивира во работата со студенти, бидејќи станува збор за професија која овозможува контакт со млади индивидуи?
– Секоја нова генерација студенти ми ја враќа вербата во иднината, затоа што младоста е полетна, надежна, храбра, некорумпирана, жестока, идеалистички и критички настроена во насока на задоволување на социјалната неправда и остварување на повисоки идеали. Студентите учат од моето искуство, а јас од нивното неискуство. Неискуството на младите е во постојан судир со стереотипите, предрасудите, конзервативизмот, медиокритетите и затвореноста на мислата, затоа што општествата како по некое правило се обидуваат да си ја зачуваат состојбата на рамнотежа преку воспоставување на институционално регулирани општествени односи за вкалапување на начинот на размислување и дејствување на луѓето што живеат во нив. Младите нѐ потсетуваат нас повозрасните дека некогаш и во нас течела таква чиста и борбена крв, дека не треба да се откажуваме од желбата и намерата да го направиме светот подобро место за живеење, дека промената почнува од еден човек, но и дека не смееме да ја префрлуваме вината на другиот, на другите, на државата, за нешто што сме можеле сами да го направиме. Секој од нас е одговорен подеднакво за тоа што на глобално ниво ни се случува.
Што мислите, дали денешните генерации се полоши од минатите? Како студентите денес го владеат материјалот?
– Нема добри и лоши генерации. Има само добри или лоши учители. Лошите учители се жалат на новите генерации, бидејќи и самите не можат да се приспособат на новото време, а добрите учители брзо се приспособуваат на времето кое носи промени, ги познаваат младите, нивниот начин на размислување, знаат што им треба и едуцираат кадри кои ќе ѝ бидат потребни на иднината. Живееме во време во кое е лесно да се дојде до информација.
Оттука, изворите на знаење не се повеќе само наставниците, туку и медиумите и стручната и научната литература, а со промовирањето на отворениот пристап до сериозната научна литература се овозможува подигнување на квалитетот на наставата и почитување на најважните дидактички принципи, бидејќи знаењето се базира на наука, а студентите стануваат активни учесници во процесот на стекнување на знаење преку истражувачки и проектни активности. За таа цел, кај студентите е потребно да развиваме вештини со чија помош тие ќе можат да најдат релевантни информации кои критички ќе ги читаат, односно ќе употребуваат посебни критериуми за да го вреднуваат резонирањето, да заземаат ставови и да можат да носат одлуки.
Критички мислител е мислителот кој ја разбира структурата на аргументите и вредноста на претпоставките кои се основа за аргументите, квалитетот на доказите кои поткрепуваат резонирањето, грешките кои обично се прават при резонирањето, ефектот на јазикот врз перцепцијата, начините на кои медиумите ја обликуваат објективната стварност, но и како тој процес се рефлектира во потесното и поширокото општествено опкружување имајќи ја предвид и субјективната стварност. Сето тоа ќе има недоволна употреблива вредност доколку не се стави во функција на преиспитување и на ставовите и мислењата што ги имаат авторитетите. Тоа значи дека добриот наставник отворено признава дека не знае сѐ и дека тоа што мисли дека го знае може да биде доведено под знак прашалник и тоа токму од неговите ученици. Добриот наставник е флексибилен, отворен кон нови идеи и пристапи, гледа во своите ученици или студенти успешни луѓе, идни соработници и партнери и не е суетен.
Како се случи токму Методиката да биде Ваш животен избор? Како се решивте за таков чекор?
– Тоа се случи сосема случајно, иако јас верувам во неслучајни случајности. Сакав да студирам странски јазици, книжевност, психологија, филозофија, па дури и математика, физика и биологија, но на крај ја избрав наставничката професија која постепено преку магистерските и докторските студии ме насочуваше кон методиката на наставата по јазик и книжевност како педагошка, но и интердисциплинарна научна дисциплина која освен со педагошките има допирни точки и со супстратните науки како што се лингвистиката, теоријата на комуникацијата, теоријата на литературата, историјата на литературата и литературната критика. Отсекогаш сум била застапник за холистичкиот пристап кон појавите и процесите, за експерименирањето и откривањето на нови начини за стигнување до целта, за креативен, нестандардизиран и нешаблонизиран пристап кон наставата воопшто.
Современата настава на учениците треба да им отвори нови погледи на свет преку поттикнување на љубопитството и желбата за спознавање, а не преку активности кои се сведуваат на учење на памет на „лекцијата“ дадена во учебникот која може да содржи неразбирлива терминологија или да не е соодветна на возраста на учениците и која методички е погрешно обликувана. Всушност, секоја лекција која е наменета за учење на памет, која не ги активира когнитивните процеси од повисок ред кај учениците и која се користи како единствен и неоспорлив извор на знаење е методички погрешно обликувана и не само што не оди во прилог на развојот на личноста на ученикот, туку придонесува за создавање на „послушни“ граѓани кои нема да мислат со своја глава и кои ќе бидат одличен материјал за манипулација од страна на општетствените механизми. Можеби и тоа било причината да ја изберам методиката како моја професија, затоа што сум оптимист по природа и верувам дека општеството и покрај сѐ, има капацитет да се промени со тоа што ќе почне да верува во креативните потенцијали на своите граѓани и ќе ги поддржува, наместо да ги негира.
Автор сте на повеќе дела. Добитник на значајни поетски награди. Од каде ја црпите инспирацијата? Што Ве води при творењето? Како се одвива творечкиот процес?
– Моментот на инспирација може да се случи секаде и да е провоциран од обични предмети, ситуации, релации, животни приказни на луѓето кои ги познавам или не ги познавам лично, од тоа што се случува во светот, од тоа што во моментот ми го преокупира духот, мислата и емоцијата… Понекогаш е толку силен тој миг и трае, така што се случува за многу краток временски период да напишам цела книга. Од друга страна има периоди кога не пишувам ништо и тоа не ме загрижува воопшто, затоа што сум сигурна дека сѐ си има свое време.
Поетите во нашето општество не живеат од пишување поезија и сите ние играме различни улоги во општеството за да си го обезбедиме својот опстанок, но и опстанокот на човечкиот род, а бидејќи сме социјални битија објективната стварност во голема мера влијае врз нашата субјективна стварност и од тоа зависи како и кога ќе дојде време за да се роди една песна или еден расказ или една книга.
На кого им се посветени наградите на кои сте добитник? Кој е Ваша најголема поддршка?
– На моите најблиски, на читателите, на идните генерации.
Од сите Ваши дела, кое Ви е омилено?
– Тоа што во моментот го работам, бидејќи целата моја креативна енергија е насочена таму, иако во принцип работам паралелно на повеќе проекти и на тој начин се одржувам во рамнотежа, а имам чудна и лоша навика да не го читам тоа што веќе сум го создала и објавила.
Што мислите генерално за професијата универзитетски професор во Македонија споредбено со денес? Кепенците пополека се затвораат (стагнираат) или можеби сепак вие гледате дека има преспектива таа професија како важен столб на едно општество?
– Универзитетскиот професор кај нас не е многу вреднуван и луѓето не знаат што точно тој претставува и која е неговата улога во општеството. Исто така, не е ни доволно платен за својата работа. Универзитетскиот професор освен со наставна се занимава и со научна дејност и оттука тој претставува исклучително важен фактор во развојот на општеството, воспитувањето и образованието на младите генерации во чие раце ја оставаме иднината, но и во одржувањето и развојот на цивилизациските вредности во сите области на човечкото дејствување.
Од него се очекува да биде постојано во тек со современите теории и практики, но и да превзема фундаметални истражувања со кои ќе ја развива научната дисциплина на која ѝ припаѓа на тој начин што ќе ги објавува резултатите од истражувањата во релевантни и реномирани научни публикации. Сето тоа бара голема пожртвуваност во име на науката и високошколската настава која се разликува по многу нешта од основношколската или средношколската настава, но за тоа во друга прилика. Токму заради тоа со закон е загарантирана и академската слобода за изразување и критичкото мислење во академската заедница, слободата во научноистражувачката работа, во конципирањето и реализацијата на студиските програми кои треба да бидат во согласност со мисијата и визијата на универзитетот врз основа на проценетите состојби во општеството.
Животна филозофија?
– Најголем успех е кога човек ќе успее да го најде мирот во себе преку љубовта кон себеси и кон сѐ што постои.
Што би побарале од Дедо Мраз?
– Време
Даниела Андоновска-Трајковска (3 февруари 1979, Битола) — поет, прозаист, книжевен критичар, доктор на науки по педагогија во областа на методиките и редовен професор по методика на Педагошкиот факултет – Битола, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола.
Член е на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), на Славјанската литературна и уметничка академија со седиште во Варна и на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ (БКК). Член е и на Македонското научно друштво (МНД) – Битола, каде во два мандати била претседател на Уредувачкиот совет. Моментално е дел од управниот одбор на Друштвото како претставник од одделението за лингвистика и литература. Главен уредник е на списанијата „Раст“ и „Современи дијалози“. Поезијата ѝ е преведена на повеќе светски јазици и е објавена во реномирани книжевни списанија во земјава и странство.
Добитник е на следниве награди: награда од Друштвото на писатели на Македонија за најдобра необјавена песна на Празник на липите (2018); „Крсте Чачански“ за проза, Националната награда Караманов 2019 за поезија, Македонска книжевна авангарда што ја доделува Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација Македонија презент од Скопје (2020), Abduvali Qutbiddin што ја доделува книжевното списание “Book World” од Узбекистан во 2020 гидина, „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга објавена во 2020 што го доделува Друштвото на писатели на Македонија за поетската книга „Математичка поезија“!