Младоста е период на учење, откривање, себеспознавање … на профилирање на она што како љубов започнало уште од раното детство, со детски трепет и одушевеност предизвикани од она што се нарекува природна дарба. Во случајот на младиот битолчанец, наскоро дипломиран виолинист, Дарко Гроздановски, во емоциите на таквата судбински предодредена љубов се испреплетуваат музиката, поезијата, спортот… или поточно виолината, пеењето, компонирањето, пишувањето поезија.
На свои неполни 24 години Дарко веќе има импозантно концертно искуство, солистички настапи, видео спотови со авторски композиции и уште многу планови за професионалниот живот кој допрва го започнува.
Се работи за ретко зрел млад човек кој освен планови, има и јасно оформен став за животот и светот околу себе, аналитична перцепција за уметноста, и свесност дека треба постојано да го чува свеж, оној ист восхит од клавирот во детската градинка или при првата средба со виолината.
Со концерт-мајсторот на оркестарот на Музичката Младина на Македонија разговараше Ивана Христова.
Кажи ни кој е Дарко Гроздановски?
– Роден сум 1999 година во Битола и во август годинава ќе полнам 24 години. Основно и дел од средното образование ги завршив во Битола, за во втора година средно да се префрлам во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј” во Скопје.
Моментално сум на крај на студиите на Факултетот за музичка уметност – Скопје. Свирам виолина од 8 годишна возраст, а паралелно со тоа пишувам поезија, пеам и кант-автор сум на неколку песни.
Млад, а толку успешен. Што е успехот за тебе?
– Успехот секогаш го гледам како мотивација за следни предизвици. Често ми се случува кога ќе го достигнам тоа што сум го замислил, веќе да ја гледам следната врата како се отвара во далечината и сакам што е можно побрзо да видам што има таму. Накратко кажано, секојдневно се трудам да бидам најдобрата верзија од себеси работејќи на тоа да ја остварам посакуваната цел, непрепуштајќи се премногу на сладот од претходниот успех.
Како започна да свириш на виолина? Твоја ли беше желбата или таа беше нечија идеа?
– Дедо ми многу сакаше да ме запишат на музичко, а музикалноста ја препозна и жената која ни свиреше на пијано во градинката додека ги пеевме песничките. Првичниот план беше да ме запишат на клавир, но ми покажаа и виолина и како што се сеќавам не сакам да кажам дека беше тоа љубов на прв поглед, меѓутоа знам дека формата, изгледот и префинетоста на инструментот ме воодушевија и се запишав во класата на проф. Томислав Костовски. Во негова класа бев до втора година средно, кога се префрлив Скопје во класата на проф. Олег Кондратенко.
Пред скоро дипломираше со твој концерт. Каквa титула доби? И што понатаму?
– Завршив со првиот дел од дипломскиот испит, ми останува уште еден кој би го дал за неколку месеци и тогаш би бил дипломиран виолинист. Што се однесува за понатаму, ќе оставам малку и на природниот тек на настаните да видам каков план имаат за мене, но во секој случај ќе продолжам да се надоградувам како музичар/виолинист на ваков или таков начин.
Има луѓе кои секогаш веруваат во тебе, колку и да е нештото невозможно! Кои се тие?
– Секако дека на прво место се родителите кои безрезервно ме поддржувале и до ден денес ме бодрат и храбрат. Без нивниот „ветер во грб” не би постигнал многу од работите во кои сум успеал, а секако тука се и оној потесен круг на другари/пријатели кои секогаш се тука за мене исто како и јас за нив.
Без поддршка не сè може ништо. Колку е тешко да компонираш, да си сам автор на своите песни?
– Искрено потешко беше на почетокот додека се решам, па првите акорди на текстот, аранжманот исто така беше голем предизвик, но со текот на времето се праксирам и така сѐ што изгледаше неостварливо ми е сѐ повеќе и повеќе на дофат. „Да ја видам” има и секогаш ќе има посебно место кај мене зашто таа е мојот почеток и секогаш кога ја слушам ми буди единствени емоции од тоа време.
Може ли поезијата да биде музика, а музиката да биде поезија? Различни ли се чувствата кога песната ја читаме како поезија или ја слушаме како песна?
– Заедничкото би рекол е во емоцијата која ја побудуваат кај читателот односно слушателот. Да се изразам малку уметнички, интересно е тоа што понекогаш еден збор може да раскаже цела приказна, а во еден музички мотив да чуеш цела симфонија. Барем за момент ќе те однесат во друг свет кој момент секогаш трае различно, иако понекогаш знае и вечно да потрае.
На колку вкупно песни си автор? Имаат ли тие приказна зад себе? Го опеваат ли твојот жар во душата?
– Автор сум на 5 песни, моментално шестата е во подготовки. Секоја песна е приказна која понекогаш е инспирирана од еден, а понекогаш од повеќе настани. Инспирацијата ми се секојдневните емотивни успони и падови од кои секогаш гледам да создадам добро парче уметност дали било тоа текст, музика, аранжман или сѐ заедно.
Јас сум моите песни.
Зад твоите успеси, зад сета кариера постои ли друго што те привлекува, а го правиш во слободно време? Што е неоткриено кај тебе?
– Низ целиот живот тука бил спортот како неизоставен дел од моето секојдневие. Татко ми е спортист и секогаш ми бил инспирација да тренирам. Сум пробал повеќе спортови, тој вели дека сум покажал одреден талент кај некои од нив, но ништо не ми задржало внимание како уметноста. Сепак мислам дека спортот е неопходен елемент во животот на секој човек и сум сигурен дека секогаш ќе биде дел од мојата животна приказна.
До каде те однела мелодијата? Настапуваш ли некаде, со некој бенд или на некои фестивали, концерти?
– Во последниот период бев посветен на дипломскиот концерт како и во подготовките за новата песна, а сум настапил на многу концерти како солист и како дел од оркестар во државата и надвор, имам два настапи со Македонска Филхармонија како солист, концерт-мајстор сум на оркестарот на Музичка Младина на Македонија „Саша Николовски – Ѓумар, соло настап на Охридско Лето и многу други.
Што се однесува до пеењето настапувам со бенд по локалите низ Македонија, а сум настапил и на неколку хуманитарни концерти и настани.
,,Да ја видам”, ,,Моја” и сите твои песни каков жанр носат? Кои жанрови на музиката ти се блиску до срцето?
– До сега песните кои сум ги напишал жанровски не потсетуваат многу една на друга, а и секоја песна најчесто ми е комбинација од повеќе жанрови и стилови. Сакам да експериментирам и ризикувам и тоа си носи и позитивни и негативни страни. Што се однесува приватно слушам и почитувам сѐ што е квалитетно напишано и изведено, сакам да слушам блуз, поп, поп-рок, R’n’B, Балашевиќ би го издвоил како најголема инспирација кога е во прашање текстот и секако класична музика каде почнува и завршува сѐ.
Ако твоето минатото, сегашност и иднина би се опишале со песна, кои наслови на познати песни би ги носеле?
– На ова прашање би одговорил кратко посочувајќи ја можеби една од најдобрите песни некогаш напишани – „My way”.
Зошто љубовта кон нешто што човек сака да го прави, во иднина да го работи се раѓа од мали нозе? Што е тоа што нè привикнува кон нештото за подоцна да стане наше исполнување?
– Сѐ почнува од восхитот, од оној момент на широко отворени очи и полазувањето на морници по телото со првиот контакт со таа професија. Во мојот случај како што кажав и погоре, префинетоста на виолината, потоа првиот концерт што сум го слушнал, аплаузот по првиот настап, растреперувањето од совршено напишани стихови со совршена поента, чувството на гордост и задоволство од моите први стихови, првата напишана музика и многу други први работи кои биле доволно силни да ме натераат да го правам тоа што го правам денес.
Сè повеќе млади забораваат на читањето книги и творењето. Што мислиш, дали дигитализацијата ги затвора кепенците на книжевноста и уметноста?
– Вистина е тоа дека дигитализацијата стана дел од сечие секојдневие, но мислам дека има и добри и лоши страни. Искористувајќи ја паметно можеме да научиме многу, да слушнеме многу, да видиме многу. Пример јас денес кога изведувам одредено дело или песна имам безброј изведби кои можам да ги чујам, да ме инспирираат, да ме поттикнат и да научам од нив што не било случај до пред 15-20 години. Секако се сложувам дека се оттргнавме малку од книгите и често слушаме и гледаме туѓи достигнувања, креации и изведби итн. заборавајќи да создадеме нешто свое, но пак ќе речам дека доколку „играме” паметно, интернетот и цела дигитализација околу нас можеме од „затворање” да ја претвориме во „отворање” на кепенците кон подобро утре.