Една стара арапска поговорка вели дека отсјајот на рајот на Земјата најмногу се огледува во очите на децата и коњите, можеби таа исконска невиност е онаа што природно ги поврзува.
Тоа се потврди и за време на Фестивалот на жетвата во Новаци каде што присутните деца едноставно не можеа да се одвојат од коњите на КК Галоп.

Во битолската коњаница се воодушевени и помалку изнанадени од природната реакција на децата во Новаци и нивната желба без страв да се приближат до коњите, па дури и да се обидат да јаваат.

Многу од родителите се интересираа за можноста како и каде нивните деца би можеле да го продолжат другарувањето со коњите, како и да научат да јаваат.

Фестивалот на жетвата кој за прв пат годинава се одржа во Новаци беше одличен спој на народната традиција и фолклор поврзани со летните активности и обичаи кај македонскиот народ со традицијата на јавање која денес преку возобнувањето на битолската коњаница асоцира на борбата на македонскиот народ за време на илинденскиот период.

Фестивалот беше и одлична можност денешните урбани деца чие внимание е преокупирано со модерните технологии од блиску да видат и да се запознаат со вистински живи коњи но и со земјата од која буквално преку житото се раѓа лебот.