Она што пред 15-20 години беше очигледна игра на креативни монтажери кои си играа со едитирање и додавање на ликовите на познати личности во фотографии од филмови со порнографски содржини, и покрај наводните забрани и законски ограничувања, денес е на пат да се претвори во „занимација“ достапна за секој преку апликација во мобилниот телефон.
Трендот на употреба на туѓи лица на туѓи тела, преку монтажа од познатите од шоу бизниси се префрли кај обичните луѓе, па во изминатите десетина години кулминираше трендот на монтирање и објавување на т.н. одмазднички видеа од бившите, најчесто по раскинувањето на врската, но и манипулации без причина, во кој многу луѓе беа изненадени кога без нивно знаење, профилната фотографија од Фејсбук или некоја нивна добра слика од Инстаграм ја виделе монтирана на туѓо голо тело во некое компромитирачко видео.
Ако на почетокот сето тоа делуваше аматерски и очигледно фејк, со новите технологии денес и малку поангажирана монтажа, тешко може да се препознае дека видеото е лажно. Ова предизвикува правни и етички дилеми во светот, поради што некои земји воведоа законски ограничувања, а некои платформи за порнографија самите објавија дека ќе ги санкционираат, пријавуваат и нема да ги објавуваат дип-фејк содржините.
Посебна врева се крена во случајот на едно осумгодишно девојче од Индија кое било силувано, и случајот заврши на суд, но за време на судењето кое предизвика голем интерес, на Интернет се појавија наводни снимки од силувањето, секако монтирани, што ја згрози јавноста, но и ги предупреди сите дека ваквата бескрупулозна потрага по кликови и прегледи кои носат заработка мора да престане и ригорозно да се казнува.
Но денес, постојат најмалку 10 апликации за мобилен телефон, со кои секој малку упатен, па дури и децата и тинејџерите, онака од игра и за забава, можат да си монтираат порно видеа од другарите, но и родителите или професорите. Светот брзо влегува во нова дигитална ера на речиси целосна виртуелизација на реалноста, која толку брзо се развива, менува и шири, што законодавците имаат проблем да ѝ го најдат крајот и колку-толку законски да ги регулираат содржините на Интернет.