И украинската и руската страна, со различна реторика, потврдуваат дека во тек се интензивни дипломатски напори за безбедно извлекување на цивилите и украинските борци кои се забарикадирани во фабриката Азовстал во пристаништето во Мариупол.
Потврдено е дека во индиректните преговори помагаат влијателни пријателски земји кои се залагаат за исход со што помалку последици.
Дека дипломатските напори имаат резултат, потврдува и етапното извлекување на цивили од Азовстал, кои според податоците објавени минатата недела се околу 200. До вчера успешно биле евакуирани 50 од нив, а до понеделник се очекува безбедно извлекување на уште најмалку 50.
И руската страна потврдува дека се залага за безбедно заминување на цивилите, но се чини поголем проблем се украинските борци. Русија ги повикува да го положат оружјето и да се предадат, а тие изјавуваат дека се заколнале дека ќе се борат до последен здив. Аналитичарите велат дека блокадата во Азовстал има симболично значење за двете страни, особено во пропагандната војна за тоа кој победува во борбите. Претседателот Путин уште на 21 април објави победа во Мариупол, но забарикадираните украински борци во Азов го демантираа тоа со продолженото пружање отпор кое сѐ уште трае.
Се стравува дека Русија ќе инсистира до 9 Мај, кога го прославува Денот на победата врз фашизмот, по секоја цена да ја освои фабриката Азовстал, можеби и со употреба на поинтензивни напади и поразорно оружје.
Затоа е и брзањето на неименуваните меѓународни дипломати и лидери кои посредуваат, до 9 мај да постигнат договор и да извлечат што е можно повеќе цивили, па и борци од Азовстал.
Се претпоставува дека освојувањето на Азовстал руската војска сака да го прикаже како подарок за претседателот Путин, по повод Денот на победата 9 Мај, но и како општ успех на она што го нарекува „специјална операција за денацификација на Украина”.
Дипломатските напори сега се фокусирани на компромисот – како на Русија да ѝ се обезбеди задоволување на перцепцијата на победа на 9 Мај, а тоа да помине со што помалку жртви и последици врз заглавените цивили и украински борци кои одбиваат да се предадат.