ЕмКеш и емКредит се официјалните термини на крипто-валутата која властите во Дубаи ја прифатија како легална опција за безготовинско плаќање на јавните услуги и кредити. ЕмКеш (emCash) се воведува во партнерство на Емиратите со британската блокчеин компанија Обџект Тех Груп и ќе биде официјално призната државна валута за дигитално плаќање на широк спектар на услуги – од школарини и партиципации, преку комунални услуги до исплати за трошоци за мобилни телефони и интернет.
Властите велат дека целта на ваквата модернизација е подобрување на квалитетот на живот и стандардот преку олеснување, поедноставување и забрзување на безготовинското плаќање на разни трошоци, такси и услуги кон државата. За имплементирање на емКешот во Дубаи ќе биде задолжена компанијата ПундиИКС која разви посебен технички т.н. ПОС систем – Пунктови за продажба, кој технички треба многу да го олесни плаќањето.
Во системот треба да бидат вклучени 38 различни владини агенции и институции, како и сите единици на локална самоуправа, а посебно внимание ќе биде обрнато на дигитализација судството, каде преку плаќање на судските такси и трошоци во реално време, но и експресно добивање на потребни извршни документи, регистрации и сл. се очекува неколкукратно зголемување на ефикасноста на правниот систем.
Преку оваа крипто-модернизација се очекува Дубаи да стане лидер на дигиталното плаќање и блокчеин технологии во регионот и на тој начин да привлече нови економски оператори и инвеститори да регистрираат свои компании и филијали во емиратот.