СИТЕ ЗАЕДНО ПРОТИВ КАНЦЕРОТ – е мотото под кое две млади девојки од Битола им даваат пример на повозрасните, дека доколку се има искрена намера и силна желба да се помогне, секој од нас како поединец, независно од стручноста и позицијата може лично да придонесе за решавањето на некој проблем.
Во случајот на Тамара и Викторија, проблемот е, ни помалку ни повеќе, злото кое одзема сѐ повеќе животи во денешницата и многумина го сметаат за преголем и нерешлив – КАНЦЕРОТ.
Разликата меѓу канцер, карцином, тумор и рак во едукативната компонента на кампањата за Здружението Виктори, на трибината на отворено на плоштадот Магнолија се обидоа да ја објаснат здравствени работници од Битола (психолозите Ана-Марија Петровска и Ирена Николовска-Ристановска и гинекологот Михајло Вангелов) кои за разлика од онколозите, кои овојпат неоправдано отсуствуваа, сепак ја препознаа важноста на темата, а посебно не го потценија, туку достојно го испочитуваа моментот што толку млади девојки (на 18/19 години) се интересираат и активно се вложуваат во вакви сериозни кампањи.
Меѓу присутните, освен љубопитните Битолчани и случајни минувачи на плоштадот во опуштеното есенско саботно пладне, идејата на младите, ја поздрави и поддржа и Општина Битола, а својата поддршка и со лично присуство ја покажа градоначалникот Тони Коњановски кој искажа одушевеност што во денешното модерно, брзо и динамично време им млади кои го потсетуваат и поттикнуваат општеството да застане и да се сети на вистинските вредности како што е хуманоста.
На иницијатива на Тамара Илиевска и Викторија Брдаровска, денес на Плоштадот Магнолија, беше организиран хуманитарен настан, насловен „Сите заедно во борба против канцерот“. Во изминатиот период, тие организираа хуманитарна акција за собирање на коса, која ќе биде наменета за лица болни од рак. Најмалата учесничка во акцијата беше 4 годишно девојче, а на денешниот настан, интерес за учество покажаа повеќе приватни компании, но и поединци од цела Македонија, кои дадоа поддршка на иницијативата, со цел да им се помогне на лицата, на кои тоа им е потребно.
Во базарот учествуваа околу 30 ракотворци од Битола, гости од Прилеп, Охрид и Скопје. Во музичкиот дел настапија ДЈ Љубиша и групата Аманет.
Собраните средства од денешниот базар ќе бидат наменети за лица заболени од канцер кои во моментот се лекуваат на онколошкото одделение во Скопје. Изминатиот период беше донирана и коса, која организаторите на настанот ја праќаат во Кавадарци кај Сашка Кузманова која е прва во Македонија што изработува перики од природна коса.
Денешниот настан, се организира по повод почетокот на месец октомври, кој е месец посветен на подигнување на свеста за борба против ракот.
СИТЕ ЗАЕДНО е навидум обичен, едноставен и вообичаен слоган, но во време на сѐ поизразена индивидуалност и поделби меѓу луѓето по секаква основа – спојувањето на зборовите СИТЕ и ЗАЕДНО, и тоа не само на хартија туку и суштински, во пракса е навистина голема амбиција и уште поголем успех на идејата на две довчерашни ученички на Средното медицинско во Битола.