Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денес во Индија ќе разговара за продолжување на преговорите за Договор за слободна трговија и евентуална продажба на европско оружје.
Само една недела по посетата на британскиот премиер Борис Џонсон на Индија, европскиот интерес за втората според население најголема земја на светот (1,4 милијарди) се толкува како обид на Западот да ја одврати Индија од соработката со Русија.
И покрај актуелноста на војната во Украина и очекувањата на Европа целиот свет да се вклучи кон санкциите за економско изолирање на Русија, аналитичарите велат дека сепак, интензивното европско внимание кон Индија за барање партнерство, не е поради Русија туку поради Кина.
Европа се обидува да го балансира кинескиот раст, од како што се вели – безопасен бизнис партнер за трговија, во агресивен конкурент и противник кој ја зголемува и својата воена моќ и почнува да претставува глобална закана.
Оттука идејата Западот, односно ЕУ, со продажба на оружје, да ѝ помогне на Индија во јакнењето на нејзините воени капацитети и да ги обнови преговорите за Договор за слободна трговија кои беа прекинати во 2013 година, поради барањата на Индија за целосно укинување на царините за увоз за одредени индиски производи на европскиот пазар.
Се очекува Фон дер Лајен да побара од Индија и да го смени својот став околу Украина, откако земјата одби да ја осуди руската инвазија на 24 февруари.