Европските законодавци конечно се договорија со земјите членки околу новите законски мерки и ограничувања кои се однесуваат на содржините, прометот и чувањето податоци на социјалните мрежи. Сетот строги правила, поттикнати и со пропагандната војна околу војната во Украина, ќе почне да се применува од 2024 година и во голема мера ќе го усложни делувањето на Фејсбук, Гугл и други големи американски обезбедувачи на интернет услуги а европско тло.

Документот наречен Акт за дигитални услуги во ЕУ, е втор ваков законски пакет, откако првиот Акт за регулирање на дигиталниот пазар, веќе предизвика реакции кај интернет компаниите, по што следеше и најавата на Фејсбук (компанијата Мета) за целосно повлекување од Европа, што предизвика широка меѓународна дебата и глобални реакции.

Новите европски правила строго ги определуваат правилата околу содржините наменети за деца, религиозно чувствителни теми и теми поврзани со историски и научни стереотипи (и конспирации) кои можат да предизвикаат ширење на говор на омраза. Освен проблемот со т.н. лажни вести и обезбедување законска рамка за нивна објективна оценка, новиот интернет акт на ЕУ предвидува и законска обврска, компанијата која ги дава интернет услугите да ги стави на располагање на властите сите податоци и целата датотека поврзана со одредени личности, институции и други субјекти, што се очекува да предизвика дебата и околу етичноста, заштитата на приватност, но и довербата на корисниците кон мрежите.

И досега, главно американските Интернет компании, мака мачат со нивното функционирање во Европа, поради тоа што на име на тужби, судски процеси, казни и отштети издвојуваат цели 6% од нивниот вкупен финансиски промет.

Засега нема реакции од компаниите, но се очекува тие да бидат остри, со оглед на неодамнешната неофицијална закана од Фејсбук, дека ако е многу притиснат со ограничувања и обврски може целосно да се повлече од пазарот на ЕУ.