Во време кога сѐ повеќе истражувања предупредуваат дека новите генерации млади луѓе станува сѐ помалку заинтересирани да се вклучат во слободни општествени активности надвор од задолжителните обврски во училиштето, во услови на зголемена недоверба во медиумите, во институциите и во креирањето политики воопшто, за поздравување е секоја иницијатива преку која се дава можност, тој немирен младешки дух преполн со ентузијазам, оптимизам и желба за живот да добие поттик, гласност и вреднување.

Таков пример се ентузијастите, ученици од прочуената битолска „Горна“ Гимназија, кои со поддршка на раководството, професорите и искусни новинари, неодамна го започнаа подвигот наречен „Во етер!” како Младинско Радио со програма од средношколци за средношколци.

Ева Јосифовска е дел од пионерскиот тим, кој многу сериозно, одговорно и со многу љубов влезе во оваа сериозна „авантура”.
За Радиото, за визиите на средношколците, за животот и иднината со Ева, во рубриката Анфас разговараше Димитра Десановска.
Ева Јосифовска е ученичка во втора година во Горната гимназија. Што значи да се учи во една од најстарите воспитно-образовни институции во Битола?
– Горната гимназија ,,Јосип Броз – Тито” можеби е едно од малкуте училишта во кои се почитуваат некои вредности кои со текот на времето исчезнуваат. Во текот на изминатите години сме сведоци дека таа е доказ за успесите на голем број ученици и професори кои со голем труд се на самиот врв. Но, покрај учењето таа е темел на најцврстите пријателства и најголемите љубови. Мене ми е чест и задоволство што сум дел од оваа институција.

Од неодамна во Горната гимназија функционира училиштно радио. Кога е оформено, како дојдовте на една таква идеја?
– „Младинско радио! Во етер!“ е проект кој започна оваа година и вклучува 20 млади луѓе во создавање на првото средношколско радио во регионот. Овој проект им овозможува на младите преку практични работилници да се вклучат во создавање на радио програма во соработка со експерти и новинари. Проектот е соработка на граѓанската организација ГЕТ ИНОВАЦИЈА Битола со СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“- Битола, и истиот е поддржан преку Програмата за Демократија при Амбасадата на САД во Македонија.

Од колку ученици е составен тимот кој работи во ова радио?
– Засега тимот на радиото брои околу дваесет – дваесет и пет членови.
Какви активности планира ,,радиото од Горната“ во моментов или во блиска иднина?
– Радиото од горната се стреми кон макотрпна работи и многу големи успеси кои ќе го претставуваат нашето училиште во најдобро светло. Како за почеток сакаме да снимаме поткасти кои ќе се пуштаат во етер на секој мал одмор. Понатаму, сакаме да снимаме и интервјуа со познати личности, професори… Тие ќе дадат интересни материјали во врска со нивниот приватен и професионален живот.

Имавте ли помош и поддршка од други здруженија, организации, друштва, кој ве воведе во работата како новинари?
– Да, имавме помош и поддршка од ,,Универзитетското радио УКЛО” со кое одржавме девет работилници во кои новинарката Соња Тантарова-Груевска предаваше за тоа како треба да изгледа еден новинар, како треба да се изразува, како треба да изгледа една вест, извештај, коментар. Исто така, ги претстави правата и должностите кои ги имаме како новинари. За техничката служба беше задолжен господинот Љупчо Цветковски кој даваше упатства за тоа како треба да се обработи веста која на крај треба да претставува целосно точен и подготвен производ.

Работите во редакции. Како се тие поделени и какви теми обработуваат тие?
– Точно така, ние работиме во редакции кои ги избиравме самите според гранката за која што сме заинтересирани. Имаме пет редакции: Забавно – рекреативна редакција, редакција за култура, редакција за младински активизам, редакција за образование и редакција за спорт. Сите обработуваме теми според насоката што сме ја избрале.

Ваша голема поддршка е и професорот по Македонски јазик и литература – професорот Никола Трајковски. Што претставува за вас како млади луѓе оваа поддршка?
– Сите знаеме колку е важна поддршката посебно во овие години. Професорот Никола Трајковски е дефиниција како треба да изгледа професор кој што е постојано насочува во работата која ја работиме, да даде стимул и идеја за некоја нова иницијатива и да е покрај нас секогаш кога е најпотребно.

Како Ева се пронајде во работата како новинар? Што всушност те поттикна да учествуваш во таа активност?
– Работата како новинар ме интересираше уште од мали нозе. Порано мислев дека новинарството е ,,Земи го микрофонот и излези пред камерите”, но сега сфаќам дека новинарството е многу повеќе од тоа, многу повеќе работа, многу повеќе ангажираност, интерес и љубов кон тоа што го се работи.
Минатата година исто така издадовме весник ,,Нова Веда”. Учеството во весникот и љубовта кон македонскиот јазик, како и литература, веројатно ме поттикна да учествувам и во Радиото на нашето училиште.

Што би им препорачала на твоите врсници, па и на сите млади луѓе во градот?
– Како што кажал, Меша Селимовиќ: ,,Знаеш ли што е најубаво во животот? – Желбата, пријателе. Желбата која што не води да не се откажуваме од тоа што го сакаме, да не се откажуваме од сопствените сонови и да имаме на ум: Дека небото е нашата граница! ”
