Реакција по повод отворањето на бугарскиот културен центар “Ванчо Михајлов“ во Битола:
Еврејската зедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија се згрозени и навредени од името на новиот културен дом во Битола, кој носи име на потврден фашист и близок соработник со нацистите.

На 16.04.2022 година, Шабат и прв ден Песах, ден кога Евреите од целиот свет го слават празникот за ослободување од египетско ропство, највисоките бугарски претставници на власта – премиерот Кирил Петков, потпретседателот на државата Илијана Јотова, министерот за надворешни работи Теодора Генчовска, поранешниот министер за надворешни работи Захариева, и други, официјално го отворија бугарскиот културен центар “Ванчо Михајлов“ по името на докажан фашист, соработник на Павелиќ, Мусолини и Адолф Хитлер.

Овој чин претставува навреда за Евреите и е закана за човековите слободи и права, кршење на демократскиот карактер и вредностите на модерна Европа. Чин со којшто се загрозува мултикултурализмот. Класичен пример за непочитување и искривување на историјата. Еклатантен обид во таканаречената „заедничка историја“ на која инсистира Бугарија, таа да се претстави како ослободител, а не како фашистички окупатор кој во центарот за убивање Треблинка депортира 7.144 македонски Евреи или 98% од еврејската популација во тоа време. Обид да се минимизира улогата на Р. Бугарија во холокаустот и окупацијата на Македонија. Искривување на фактите од европската и светска историја за Втората светска војна. Чин којшто не е во духот на добрососедските односи помеѓу Северна Македонија и Бугарија.



