Фердинанд Маркос помладиот, синот на озлогласениот претседател Маркос кој пред 36 години беше соборен од функцијата со обвиненија дека ја ограбил земјата, победи на претседателските избори на Филипините одржани на 9 мај.

Маркос Џуниор или како што во јавноста го нарекуваат „БонгБонг“, ужива голема популарност, победи со речиси двојно повеќе гласови од неговиот противкандидат, што му дава одврзани раце да почне да се справува со сериозните економски предизвици. Големите инфраструктурни капитални вложувања, кои беа мечот со две острици со кој неговиот татко успешно ја закрепнуваше економијата, но и му ги донесе обвиненијата за грабеж, се најголемото искушение за БонгБонг, кој сега има одлични шанси на истиот начин да го рехабилитира името на семејството Маркос.

Претседателот на заминување Родриго Дутерте, чиј потпретседател беше противкандидат на Маркос Помладиот, барем во бројки, успеа да ја сочува стабилноста во економијата нарушена и од ковидот, но освен грубата несмасна реторика и т.н. сурова војна против дрогата, во геополитичка смисла, тој дозволи преголемо навлегување на кинески капитал во земјата, преку користење евтини заеми и поволни кредити.

Се очекува БонгБонг во тој дел да ја врати рамнотежата во соработката со САД, но и да се справи со социјалните и здравствените предизвици, а најмногу со владеењето на правото – причини поради кои последниве години има големо иселување на младите од Филипини.
Почетните позиции му се добри, со оглед на тоа што филипинската економија вредна 360 милијарди долари, во последниот квартал од 2021 година имаше економски раст од 7,7%.