Во време на обновени оспорувања и негирања, кои нашиот народ ги преживувал со векови, традиционалната песна е еден од најдлабоките печати преку кои македонскиот идентитет е длабоко втиснат не во гените, туку во душата, негувањето на изворното пеење и обновувањето на подзаборавените песни како аманет за идните генерации е свет чин на патриотизам еднаков на револуционерен подвиг.
Габриела Новевска е едно од ретките млади грла која решила животот да го посвети на оваа благородна мисија и како што и самата вели – да има среќа професионално да го работи она што навистина го сака. Но ништо без љубовта кон музиката, но и кон својот народ и татковина, и без почит кон минатото и традицијата која ни е оставена како наследство, секако и со многу труд, себевложување, жртва и одрекување.
Ја нарекуваат наследичка на Вања Лазарова, за која самата признава дека има голема улога во нејзиниот начин на пеење, кој е толку автентичен, што како некаков невидлив времеплов за миг го пренесува слушателот во едно друго време, стотици, ако не и илјадници години наназад.
Во време кога многу кепенци во нашите чаршии остануваат закатанчени и многу млади заминуваат во потрага по вреднување, внимание и егзистенција, гласот на Габриела, емоциите со кои ги изнесува старите изворни песни, а најмногу безмерната почит, одговорност и благодарење со кои пристапува кон секоја новоотпеана песна, носат обновена светлина на една нова надеж, која лесно се пробива и низ најзакатанечните ‘рѓосани кепенци обвиени со пајажини.
Што е Габриела Новевска по професија?
– Од 2013 год. Габриела е вработена во Националниот Ансамбл “Танец” на работна позиција – пејач. На сцена се појавувам како дел од хорот, но и со солистички вокални изведби. Сметам дека сум многу среќна личност бидејки имам можност да го работам она што навистина ме исполнува. Одењето на работа, подготовките, концертирањата, патувањата, воопшто не ги чувствувам како обврска, туку ми се вистинско задоволство.
Покрај “Танец”, од 2008 година сум вокал во етно групата “Монистра”.
Кога сфативте дека можете да пеете за други и пред други и дали сте имале трема или несигурност за тоа што ќе речат другите?
– Од како паметам за себе, желбата за пеење била огромна. Несигурност и трема никогаш не сум имала, туку баш напротив, сум чекала прилика да отпејам нешто или да презентирам некоја нова песна која сум ја научила. До денес, ако сум сигурна дека можам да ја презентирам песната како што ја доживувам во целост, ако барем на мал дел од публиката можам да ја пренесам емоцијата што ја носи самиот текст, јас сум задоволна и не ме загрижуваат негативни коментари. Иако, учам и од критики кога ги има и ги претворам во позитива и добар совет од кои учам за нареден пат.
Како ја доживува помладата публика изведбата на традиционалната музика? Ја разбираат ли младите таа музика, ја сакаат, доживуваат, доаѓаат ли на концерти?
– Мислам дека во последно време има сѐ повеќе млади кои ја сакаат македонската народна песна. До скоро многу се слушаше музиката на соседните земји, но не можам “вината” да ја префрлам целосно на младите. Тие слушаат тоа што им се пласира преку социјалните мрежи и нашите медиуми. За среќа, мислам дека ситуацијата полека се менува. Ете имаме и нови, наши, домашни талент избори каде македонската народна песна е доста застапена и се трудат достојно да ја презентираат. Колку вистински ја разбираат и доживуваат, не знам. Старите песни имаат текстови со многу поинаква тежина од денешните, модерните. Произлезени се од едно поинакво време со многу поинакви принципи на живот и морал.
Дали нашиот народ воопшто ги познава традиционалните македонски песни доволно добро?
– Постарите генерации си ја познавале подобро традицијата што е и нормално, бидејќи живееле во поинакво време и ги живееле обичаите. За наша среќа, денес, има повеќе етномузиколози и етнокореолози кои преку теренски истражувања прават записи кои можат да ни послужат не само да ја запознаваме традицијата и да ја презентираме, туку да останат достапни и за идните генерации па обичаите на тој начин ќе се одржат во живот.
Која песна од старите традиционални, ви е предизвик да ја препеете?
– “Ајде дар ми везле” е мојата омилена песна. Своевремено ја снимил Кирил Манчевски, чија изведба според мене е ненадминлива. Лично, ми е голем предизвик и се надевам дека некогаш, барем приближно ќе можам да ја отпејам.
Постои ли таква репрезентативна песна која би ја одбрале да ја испеете, ако ви речат да одберете само една композиција која најдобро го отсликува духот на нашата традиција?
– Има многу песни и искрено не можам да се одлучам за една. Македонската историја доживеала многу промени, окупации… Судбината на народот била тешка, тажна, трагична… Но, една песна ми секогаш прва на ум кога сакам да отпејам нешто на грло, со полн капацитет. Тоа е “Море да сум сонце”, песна во која се споменува македонскиот војвода Гоце Делчев и се изведува во придружба на гајда.
Ги пеете тие специфични „назални“ песни, на начин на кој ретко кој музички вокал може да ги изведе како вас. Се учи ли тоа со вежбање или тоа е дарба од Бога која се поседува од раѓање?
– Секако дека се учи. Со вежбање сѐ може да се постигне. Од раѓање, треба да ја поседувате само љубовта кон оваа музика. Кај мојот стил на изведба беше клучно тоа што дур започнував со пеење на народната песна најмногу ја слушав Вања Лазарова, па ми остави длабока трага до денес.
Некои сметаат дека таа т.н. „слободарска“ или поаргресивна музика, често надвор од правилата, како што е хеви металот, е контраст или спротивност на традиционалниот правец на песни? Дали навистина се противречни или може да се усогласат?
– Спротивни се во секој поглед. Но, кога станува збор за преработка на македонската народна песна, спојот не е невозможен, ниту пак несоодветен. Сведоци сме на многу преработки на македонски песни, но според мене клучно е да не се избега од темата и начинот на изведба на песната да биде приближно до оригиналот. Тогаш и самата обработка и мешавината на музичките правци ќе биде успешна.
Слушате ли поп-рок музика и дали имате некоја модерна балада која си ја потпевнувате?
– Слушам, но многу ретко потпевнувам. Најчесто си пејам некоја наша, народна песна. Но ако ми се пее нешто странско првите на ум ми се “Shape of my heart” од Sting или “With or without you” од U2.
Каква музика сака вашето дете?
-Моето синче има 2 и пол години и како секое друго детенце, ги обожува детските песнички. Но, има и исклучоци. Кога се роди, заспиваше само со песните на Кирил Манчевски. Сега омилени песни му се “Четворица комити” од А.Сариевски и “Бај Никола” од Костадинка Палазова. Си ги порачува и си ги пее.
Дел сте и од групата Монистра, но и од Националниот ансамбл – Танец. Што може да очекуваме од вашите активности за понатаму, освен делот кој ви е вообичаена работна или договорена обврска?
– Пред некое време го промовирав самостојниот проект “Те кажувајет Илино моме” кој е посветен на сто годишнината од раѓањето на Александар Сариевски. Проектот го сочинуваат два аудио записи, преработки на песните “Те кажувајет, Илино моме” и “Невесто лична, калеша”. Аранжманите ги направи Александар Јовевски. Тука, интересен е спојот на македонската народна песна со модерните инструменти како електрична гитара, бас гитара, тапани т.е. мешавина од македонски фолк со рок. Тимот кој работеше на овој проект е:
Електрично пијано – Александар Јовевски
Електрична гитара – Зоран Костадиновски
Бас гитара – Горан Гешовски
Хармоника – Дарко Илиевски
Тапани – Виктор Филиповски
Перкусии – Ратко Даутовски
Музичката продукција ја изврши Дејан Момироски.
За потребите на овој проект, претходно направив и фотосесија во с.Гари (Дебарско), а зад објективот беше Панајоти Шапкаров. Шминката ја изработи Ивана Спиреска.
Проектот е поддржан од Град Скопје.
Каде се гледате на музички план за 10 години. Некоја посебна амбиција, желба?
– Во наредните 10 години се надевам, си посакувам да снимам барем два студиски албума, чии песни ќе си го најдат местото на сцената. Посакувам многу концертни презентации на македонската народна песна во и надвор од државата.
Освен музиката и семејството имате ли некоја друга љубов со која се занимавате како хоби во слободното време?
– Многу сакам прошетки. Да ја запознавам Македонија, нови места каде што не сум била, некои заборавени села со неверојатна убавина. Истовремено, сакам да направам и некоја добра фотографија. Откако го имам синчето Алексеј, немам толку време колку што посакувам, но порано многу често знаевме со сопругот да направиме еднодневни тури и да посетиме неколку места во еден ден. Сега, нашето прибежиште е с.Гари, каде одиме по неколку пати во годината. Таму го по минувам моето слободно време и ми е омилено.
Ваша најголема животна поддршка?
– Мојот сопруг Ристе.
Ваше живото мото?
– Не им го прави на другите она што не сакаш да ти го прават тебе.