Битола многу одамна била опеана и скриена во срцата на Битолчани. Срцето е престол на љубовта, а таа пак престол на светот. Роднокрајната љубов е секогаш нешто кое каде и да одиме и исто и да правиме ќе не навраќа на местото во кое сме ги направиле првите чекори. Оваа година професорката од Педагошки факултет и поетеса Даниела Андоновска-Трајковска ја доби наградата за роднокрајна поезија која беше доделена во НУУБ по повод 78 години од нејзиното постоење.
За Блаже Конески вистинската поезија директно или индиректно произлегува од народот, а тој процес на создавање метафорички го замислува како везилка која со конците на историјата везе проста и строга македонска песна која чудесно блика на синото платно. За мене поезијата содржи поетски јазик кој е ставен во функција и кој секогаш при секое ново создавање се измислува себеси. При тоа постојано себепронаоѓање тој јазик може да се интерферира и со други јазици и реалности, како на пример со математичкиот. Така геометриските форми, множествата, аритметичките операции можат да се анимираат за да се прикажат човечките слабости и доблести за да се покаже дека и покрај повеќеслојноста на социјалните интеракции и средствата за масовна комуникација, луѓето денес живеат линеарно и само на една права која не им дозволува излегување од удобната еднодимензионалност на индустријализираниот капитализам, дека луѓето денес се темиња на триаголник кој цел живот се обидува да си ја задржи формата, дека времето е круг, а луѓето заложници на своите остри агли, но поезијата е и еманација на нашата вистинска природа која ни ја покажува линијата на животот ослободена од простор и време.
Од друга страна ако за големиот романски поет Никита Станеску поезијата е вертикален крик за да го изрази својот духовен бунт, според мене таа е крик кој нѐ поврзува со логосот или на сесоздателското слово со кое умот станува смисла на постоењето, а не постоењето дадено само по себе. Ако за Никита поезијата беше дамка крв која говори, за мене поезијата е црвени и бели крвни зрнца коишто треба да нѐ ослободат од ова дигитално време во кое повторно треба да го пронајдеме човекот.
Токму поради ова, за мене пишувањето поезија е процес на ослободување, бидејќи за жал и покрај сите револуции за правата и слободите на луѓето, има една револуција која сѐ уште не е случена до крај, а тоа е револуцијата за внатрешната слобода, револуцијата на интелектуалната слобода во својата примарна основа – да се избере најдоброто во нас, односно да се избере човекот, кој денес како што гледате, толку лесно се претвора во идентификациски броеви во кои е изгубена личноста.
Дaниела Андоновска-Трајковска
ТРИГОНОМЕТРИСКИ ФУНКЦИИ
НА ЖИВОТОТ
Има еден триаголник од кал, плунка и сламки
во кој сами се вградуваме и го обесуваме
на највисокото место
Меѓу три прави агли
што летаат гушнати со главите
на мали залаци
вечноста ни ја дава
таа птица преселница
што низ истиот прозорец
влегува и излегува
КООРДИНАТЕН СИСТЕМ
Сите знаат точно на кои координати
живеам
и врз кои точки се потпираат моите иницијали
Матичниот број го запишувам на уплатница
кога го враќам тоа што ми е одземено
И на здравствената книшка го покажувам
кога со моја дозвола ми вадат крв од зборовите
за да проверат дали леукоцитите ми се на број
И во банката го чувам пред очите на лихварите
за видат дека немам ништо друго освен него
Поштарот запира пред бројот 47
за да ги врати залутаните зборови
во поштенското сандаче на заборавањето
Еднаш во месецот поминува другар ми
за да прочита колку електрични сијалици
бадијала светеле цела ноќ
Телефонскиот број ми е јавно објавен
на веб-страницата која ми дава плата
Датумот на раѓање ми е втиснат на прстите=
и сам се запишува во празните полиња
на електронската бирократија
Сообраќајниот полицаец точно знае во кое време
поминувам низ центарот на градот кога одам на работа
и секогаш ме застанува
за да ми каже дека брзо
и без размислување влегувам во кривини
но дека одлично се движам по координати
во спротивно – нема да преживеам
И тогаш се сеќавам дека мојата рака
ги има исцртано сите зебри за пешаци
сите триаголници со извичник
и сите стоп-знаци пред влезот во главните улици
И пак продолжувам… по исти координати
во туѓи системи, со мои правила, и преживувам
зашто животот ми живее во сонот без координати
во кој секогаш одново се раѓам
РАМНОКРАК ТРИАГОЛНИК
Ја ограничив правата со две точки
и врз неа ставив уште една
идентична на неа
и ги преклопив
за да ја скријам едната под другата
за да речам двете мои се
а не се
за да речам двете исти се
а не се
за да речам двете плот се
а не се
Ја скокотнав едната права
во средето нејзино
и ја подигнав
со два прста во една точка
Се истегна таа ко куќарка
сред шума
Ограничи простор
На три шајки го обеси денот
И влегов сама внатре
со покрив над грбот
Со камен во лебот
ЕУТАНАЗИЈА
не слушајте го роботот во мене
кој ги зборува сите програмски јазици
и кој може да ги изведе сите математички операции
без грешка
и убијте го со еутаназија
понекогаш треба да се умре
за да се живее
НАЕЛЕКТРИЗИРАНИ ЖЕЛБИ
не ги сечеме заноктиците
кои како крлежи ја оставаат својата глава
во нашите наелектризирани желби
ниту ги подрежуваме за да ги имаме под контрола
зад решетките на тастатурата
ниту ги измазнуваме со турпија за да не нѐ драскаат
кога ги пишуваме лозинките со кои влегуваме
низ три порти во нашата единствена ќелија
во која толку страстно ја чуваме слободата само за себе
сами сме – меѓу автоматските пораки кои исто завршуваат
и животот кој никако да почне
ОПКОЛЕНО ВРЕМЕ
времето беше во средината
а ние игравме околу времето
фатени за раце го заобиколувавме
занесени во молитвата за дожд
што траеше не знам колку
зашто времето беше во средината
а не можевме да погледнеме
на неговиот рачен зглоб
зашто сѐ исчезнуваше пред нас
кога брзо се вртевме во круг
држејќи се за рацете кои постојано ни никнуваа
во различни правци во светот
и не знаевме колку е часот
зашто со различно лице нѐ гледаше времето
што спиеше во средината
со стрелките што покажуваа кон нас
со сите секунди со кои гласно извикувавме
дека ќе сме вечни
сѐ додека ни се врти во главата
и не знаевме колку долго се вртиме
околу времето што молчеше во средината
ниту колку траеше нашето одвртување
но доволно беше што знаевме
дека се вртиме во круг
околу времето што нѐ навиваше
за да ја разбуди вечноста што спиеше во
нас
ОМЕКНАТИ КОНСОНАНТИ
најтешко ми е да си ги најдам
вокалите од преден ред
да им одржам лекција за тоа како да преживеат
во овој свет во кој сѐ е направено од метал
за да не ги омекнуваат консонантите
кои до нив ќе застанат
едни меки лица гледаат во нас
од другата страна на огледалото
но не им даваме да се расплачат среде бел ден
ниту да се смеат од срце
ниту да се бакнуваат полудени од љубов
во трговскиот центар на погледите
ах тие вокали од преден ред
што ми го расипуваат огледалото!