Здружението QR Општество почна со кариерни обуки на учениците од стручните насоки
Во СОУ „Таки Даскало“ Битола започнаа обуките за т.н. „меки вештини“ во рамките на проектот БАЗА НА ВЕШТИНИ – QR ПРАКСА со кои се опфатени ученици од втора, трета и четврта година од претежно стручните насоки, кои во моментов на пазарот на трудот се сметаат за дефицитарни.
Всушност, смислата на проектот е намалување на разликите меѓу потребите кај стопанствениците кои, според статистиките, се постојано „гладни“ за кадри кои стручните училишта постојано ги произведуваат, но сепак, стотиците завршени стручно оспособени матуранти не ги пополнуваат слободните работни места.
– Покрај продолжувањето на студии на други места и напуштањето на градот и државата, една од причините зошто бизнис секторот и кадрите од стручните училишта, сепак не се поклопуваат е – НЕДОСТИГОТ ОД ПРАКТИЧНО ИСКУСТВО и непоседување на т.н. „меки вештини“ кој освен конкурентниот капацитет на пазарот на трудот, ја намалува и самодовербата и мотивацијата кај учениците да бараат работа за струките за кои се школувале – вели Проф. д-р Анита Ангелевска, која е еден од тематските експерти која пред учениците ја предочи суштината на проблемот и можните решенија, какво што впрочем решение е и самиот проект QR ПРАКСА – БАЗА НА ВЕШТИНИ кој во својата завршна фаза има за цел преку Интерактивна интернет страница, да овозможи „поле“ за спојување на работодавачите со средношколците – практиканти.
Училишниот психолог м-р Марија Младеновска Димитровска, која во рамките на своите професионални активности во училиштето е секојдневно со учениците, се согласува дека нессодветното или некомплетно изведување на училишната пракса, се провлекува како системски проблем кој ја продлабочува разликата меѓу понудата и побарувачката на работна сила од струките застапени во училиштето „Таки Даскало“.
– Се работи за специфична адолесцентска возраст, во која на младите луѓе во денешното метежно време им е потребно соодветно кариерно насочување, помош при обликувањето на личниот професионален профил, надоградување на вештините кои во делот на струката се стекнуваат емпириски, преку практична работа, а во делот на профилирање на личноста – преку вештини за презентирање на себе си на пазарот, преку форми како што се ЦВ, мотивациско писмо, резиме, настап на интервју за работа… или едноставно есенцирано пополнување на сопствениот профил на Интернет, каков што е и примерот со тековниот проект во кој на Интерактивната интернет страница, учениците ќе имаат можност самите да го креираат својот QR Профил. – вели тематскиот експерт м-р Марија Младеновска Димитровска.
Во првите модули од обуките во изминатите неколку дена беа опфатени околу 100 ученици, од проектираните 300, колку што е целната амбиција на проектот. Замислата е , нивните вештини и податоци да бидат внесени на посебна изработена Интернет страница преку која со примена на QR код брзо, лесно и ефикасно ќе се поврзат со 50тина фирми од приватниот сектор кои имаат потреба од практиканти
За целта на проектот, Здружението QR ОПШТЕСТВО веќе потпиша Меморандуми за соработка со Регионалната Стопанска Комора Битола како претставник на работодавачите и со СОУ „Таки Даскало“ Битола кои изразија подготвеност активно да го овозможат и поддржат реализирањето на овој проект.
Проектот на Здружението за афирмација на дигиталната култура QR Општество од Битола, кој се реализира во рамките на „Механизмот на Европската Унија за Граѓанска Отпорност“ e поддржан од Европската Унија, а имплементиран од CPM Конзорциумот од Естонија, е замислен да ја поттикне комуникацијата меѓу бизнис секторот и учениците во средните стручни училишта во Битола, кои се обучуваат во струки кои се сметаат за дефицитарни според Агенцијата за вработување и Регионалната Стопанска Комора.