Во денешно време се помалку млади ја гледаат својата иднина овде, а од оние што остануваат, уште помалку се решаваат да бидат општествено активни или да преземат иницијатива за подобрување на сопствената и состојбата во општеството. Во услови во кои доминира општ впечаток на незаинтересираност и апатија, вистинска реткост е да се сретнат ентузијасти кои самоиницијативно се трудат да предизвикаат позитивни промени.

Најтешко, на прв поглед дури изгледа и невозможно, е да се искомбинираат активности кои истовремено ќе допрат до чувањето и негувањето на народната традиција, историјата и патриотизмот, а истовремено да се фокусирани и на спортот, рекреацијата, чувањето на животната средина, здравјето и здравиот начин на живот, но и едукацијата на младите.
Таков редок спој има во активностите на Здружението „Галоп“, чиј претседател Ѓорѓи Стојчевски со своите 27 години се обидува да биде пример за ентузијазам, посветеност и упорност кај младите. Воден од убедувањето дека – кога нешто вистински се посакува, не е невозможно, Ѓорѓи со неговата коњичка дружина, е убеден дека треба да се остане овде и дека Битола и Македонија се уште имаат потенцијал да понудат добар стандард и перспектива за младите.
Покрај тоа што се занимавате со коњи и сте претседател на Здружението ГАЛОП, приватно работите и како фризер? Како балансирате меѓу тие две професии?
– Да, точно работам како фризер и исполнет сум и со двете работи. Кога се сака сѐ се можи. Голема благодарност до моите редовни муштерии кои ме разбираaт кога отсуствувам за целите на Здружението.

Кога е основано Здружението ГАЛОП и од каде ја добивте инспирацијата за тоа име? Кој е клучниот момент кога решивте да формирате едно вакво здружение?
– Здружението е основано на 3 Јануари 2022. Името е инспирирано од терминот „галопирање“ што значи брзо трчање. Клучниот момент дојде кога дознавме дека мора да имаме правен субјект во форма на Здружение за да можеме да учествуваме на Илинденскиот Марш што се организира во Крушево за време на 2-ри Август. Но, ние не го направивме Здружението само за Коњаницата туку и го проширивме со други цели, една од нив е – организираното одгледување на коњи.

Колку членови брои коњаницата Галоп во моментот и колку коњи одгледувате?
– Годинава учествувавме со 12 машки и 2 чупиња и 8 души логистика. Значи, вкупно 22. Догодина гледаме двојно да се зголеми бројката на членови за јавање во коњаницата и токму затоа организираме и други настани за да ги мотивираме младите да се приклучат на Здружението. Ова е еден од начините како младите заедно, низ дружба, забава и рекреација да учат за историјата и да ги негуваат културата и традицијата на македонскиот народ. Во моментот коњаницата располага со 10 коњи и многу ни е мило што и наши членови си имат набавено коњи за рекреација.

Од кој ја добивте идејата да се почне една ваква приказна каква што несомнено му недостигаше на градот Битола?
– Идејата беше лично моја, гледајќи и мотивирајќи се од Бигорската коњаница – Патот на Црешовото Топче, за што им сме многу благодарни што ни дадоа шанса да учествувавме првата година кога тргнавме од с. Цапари. Потоа сакавме да организираме и ние своја битолска коњаница и да делуваме посамостојно за да можеме да ги испочитуваме сите наши претци од поширокиот битолски регион, кои го дале животот за нашата слобода.

Покрај приказната која веќе традиционално се одржува за Илинденскиот Марш, дали имате други активности и кои од нив би одвоиле?
– Покрај настанот за Битолска Коњаница организираме и други настани и учествуваме на фестивали, како што е фестивалот на Житото во Општина Новаци, на кој што се претставувавме со враќање на обичајот (вршење на житото на гумно), враќајки се така во старо време кога нашите претци макотрпно се бореле и се труделе за да преживеат; исто така организираме и настани за мотивирање на младите. Еден од тие настани е и хепенингот на отворено во СОЗУ Кузман Шапкарев Битола (Земјоделско училиште) каде што на младите им презентиравме како треба да се грижат за коњчињата и како треба да ги чуваат и негуваат.

Децата таму имаа шанса и за прв пат во животот да јаваат, да се качат на коњ, будно следени од нашите искусни инструктори. Најатрактивен на децата им беше коњот Торнадо кој се исправаше на двете нозе и на наредба легнуваше, како и миленичката на најмладите, понито Жаклина. Имаме исто така учествувано во снимање на спотови за неколку македонски народни песни.
Значи 2022 година ќе ја испратиме со 10 реализирани настани, вклучуваќи ги и музичките спотови и емисии, што за едно релативно младо здружение и не е малку.

Каква е генерално заинтересираноста на битолчани кога ќе им кажете дека правите тури со јавање на коњи?
– Поради тоа што коњот не е животно кое како миленик може секој да си го дозволи, можноста љубителите и вљубениците на коњите ја имаат во нашето Здружение каде можат да ги јаваат нашите коњи, кои се целосно опремени. Досега има многу заинтересирани и се надеваме на пролет, со нови сили и нови тури, многу поорганизирано да им овозможиме на битолчани, но и на туристите атрактивни тури за јавање, со кои ќе можат да уживаат во убавините во и околу нашата Битола.

Колку е голема одговорноста за одгледување на еден коњ?
– Одговорноста е многу голема и воопшто не е лесно. Коњот е темпераментно животно и си сака голема посветеност, нега, грижа и соодветни услови за чување. Секој коњ е посебен карактер и треба да му се пристапи како на личност. Потребно е добро организирано време за дресура, вежбање, чешлање, одржување и нега.

Повеќе сакаат да јаваат младите или постарите?
– Младите се секогаш пољубопитни да видат нешто ново, поавантуристички се расположени да пробаат и да ја искористат секоја можност за еден ваков вид уживање. Но, на настанот во СОЗУ Кузман Шапкарев бевме многу изненадени и од повозрасните, кои што сакаа повеќе да јаваат дури и од помладите. Беа толку возбудени и нетрпеливи, а некои од нив, дури и повеќе од децата едвај можевме да ги слезиме од коњите по изминувањето на предвиденото време.

Дали кепенците на локалната поддршка за јавањето се отворени, затворени или подотворени, со мал процеп низ кој едвај влегува светлина?
– Светлината секогаш влегува онаму кај што има процеп на позитивна енергија и желба. Здружението Галоп е отворено за секого и ние сме расположени за секаква соработка, ако тоа води кон нешто добро и корисно за младите. Сметам дека младите се тие кои треба да повлечат, да водат во обезбедувањето нешто добро и поубаво за граѓаните на нашиот град Битола и државата Македонија. Ние самите сме тие кои треба да си ги отвориме кепенците за подобро утре.

Каде се гледа Ѓорѓи за 10 години со Галоп?
– Како досега така и од сега, Ѓорѓи секогаш се гледа тука, дома – во нашата преубава Битола, во нашата мајка Македонија. За десет години? Со веќе реализирани големи проекти кои ќе бидат корисни за градот, за младите, за сите битолчани, особено за подобрување на понудата на туристичка Битола.

Ваше животно мото?
– Пред се биди човек. Сакај за да те сакаат. Прави добро, за со добро да ти се врати.
Што би побарал од Дедо Мраз?
– Од Дедо Мраз би посакал да имаме можност за повеќе активности, да едуцираме и мотивираме повеќе млади и да добиеме вистински шанси да покажеме што знаеме, да го покажеме потенцијалот на нашето, македонското.