Во рамките на вежбите и практичниот дел од часовите по стручните предмети во графичката струка од СОУ “Таки Даскало” Битола, учениците од I, II, и III година, профил графички техничар, образовните асистенти, како и одговорните наставници по графички стручни предмети Катерина Спасовска-Маурдева, Валентина Ристевска и Весна Мундишевска-Велјановска, на 4.10.2022 ја посетија книговрзувачката работилница “Книговез” и Националната работилница за рачно изработена хартија “Св.Наум Охридски” во Охрид.
Тука учениците имаа можност да ја видат уметноста и уникатноста во графичкиот занает.
Во работилницата “Книговез” се запознаа со постапките на рачната изработка на тврдо поврзување на нотесот од самиот почеток, па се до финален производ.
Имаа можност да ги видат и да ракуваат со приборот и алатите кои се користат во овој процес. На среќата и немаше крај, кога учениците добија готов графички производ изработен со сопствени раце.
Во Националната работилница за рачно изработена хартија, пак, ја видоа древната постапка за добивање на хартија, научија за специфичните карактеристики на суровините што се користат во овој процес и имаа чест да отпечатат на една од двете копии на Гутенберговата преса која се наоѓа во овој музеј, а другата во Блед, Словенија.
Продажните експонати во музејот пленеа со својата уникатност и оригиналност и беа добар пример како треба да се негува традицијата и уметноста.
Ваквата посета беше продуктивна и од претприемачки аспект бидејќи учениците имаа можност да видат и начини на заработка со голема креативност и, секако, примена на знаењата стекнати на часовите по графичките стручни предмети.