По враќањето на Талибанците на власт во Авганистан, повторно се воведени строгите традиционални исламски закони од кои дел се однесуваат на изгледот на жените.

Иако за разлика од 90те години на минатиот век, кога Талибанците последно владееја со Авганистан, законите овојпат не се толку ригорозни, сепак веднаш е воведено правилото жените во градовите да се појавуваат во јавност и воопшто пред непознати мажи со покриено лице со вел.

За спроведувањето на овој закон државата за одговорни ги смета мажите кои се старатели на некоја жена или девојка.
Сопругот, таткото, братот или било кој друг близок машки старател, при прв прекршок ќе биде повикан на разговор во општината, потоа следи советување со домашна посета и на крај ако прекршокот се повторува, машкиот старател може да се соочи и со казна затвор од најмалку три дена.

Некои жени во градовите уште веднаш по враќањето на Талибанците на власт си ги извадија бурките, но тоа се главно постари жени.
Додека кај помладите, особено кај девојките се појави дилема, како треба да се толкува и правно да се дефинира зборот „покривање”.
Додека бураката значи целосна покривка на телото од главата до петиците, со мал мрежест но темен отвор за очите, девојките повеќе се решаваат за комбинации со хиџаб и никаб.

Хиџабот е марама, тенок шал кој ја покрива косата и вратот, додека никабот е вел со кој се крие и устата и лицето, сѐ освен очите, па многу девојки во Авганистан кои до неодамна биле навикнати на модерен градски живот, сега носат само шамии на косите со кои самите со рака си го покриваат лицето додека се движат на улица.

Додека жените мора да се целосно покриени, под пристојно облекување за мажите се подразбира покриеност на делот од папокот до колената. На сѐ друго, мажот не е обврзан да има облека.

Во Авганистан е укинато средното образование за девојки, а на жените им е забрането да работат надвор од дома, особено не професии кои се сметаат за машки.