„Да создадеме човек според Нашиот образ и подобие како што сме Ние“ (1 Мој. 1, 26)
Иконата постои од кога што постои и човекот како образ и подобие Божјо – и самиот создаден како Икона, кој во плот и облик треба да посведочи за невидливото и безоблично Божјо присуство во времето и просторот.
Човекот-Икона е создаден со предиспозиции да ја соопштува невидливата Божја стварност и да ја возвестува Светоста на Идниот Век, самиот (како икона) постанувајќи точка во која сегашноста се среќава со вечноста.
И нема ништо чудно ни премногу таинствено во разбирањето на човекот како икона: како што од почит се поклонуваме еден на друг, се прегрнуваме и целиваме, на сосема ист начин се однесуваме и кон иконите. Може да има само разлика во „степенот” на клањањето, почитувањето или надпочитувањето.
Свети Јован Златоуст вели дека иконата е еден вид гаранција – видлива потврда за воплотувањето на Бога во нашата стварност.
Иконата е и поучително слово кое го „читаат” и разбираат и неписмените.
Што е зборот за слушање, тоа е иконата за видот – рекол Свети Василиј Велики кој на иконите им припишува поголема сила на сведочење, отколку на своите зборови.
Но, како што рече отец Серафим во воведното излагање за предавањето на тема „Иконата и нејзиниот пад” ние постојано ја валкаме таа Икона Божја во нас и затоа велиме дека иконата е во пад.
Иако создаден да се уподобува кон преобразениот живот во Светлината на Идниот Век, човекот често го валка, видоизменува и губи образот, преку падот станувајќи непрепознатлив, искривенообразен, па дури и безобразен во буквална смисла.
Иако постои отсекогаш (преку образот на Адам, Херувимите на Ковчегот на Заветот, Скинијата, Храмот…) Иконата во Црквата постепено ја добива својата дефиниција преку Црковните Собори, благодарение на погрешните учења и ереси од кои Православието морало да се брани и заштитува за конечно да победи на Седмиот Вселенски Собор во Никеa во 8 (односно конечно во 9 век) што се слави како Победа на Православието врз иконоборците.
Но и претходните силни напади од аријанската и несторијанската ерес, по својата суштина биле исто така иконоборни напади бидејќи ја негирале Божјата Природа на Господ Исус Христос, Неговото соединување со човечката природа и Божественото мајчинство на Мајката Божја како Богородица, кои точно и прецизно се изобразуваат на иконите, било преку употребата на соодветни бои, преку „потпишување” на Образот Христов со Алфа и Омега, или преку други симболи и облици кои имаат јасно, точно утврдено и непроизволно значење на иконите, утврдено со соодветна типологија.
Сестра Евгенија во предавањето појасни дека достојното живописување се постигнува единствено преку Духот и со зографска постапка пренесување по преданието на отците. Во иконата не се прикажува телесната убавина, како што тоа го прави световното сликарство, туку иконата има функција да ја изрази Богословијата на Црквата.
Зошто ПАД?
Во денешно време, оддалечувајќи се од Преданието, ние се повеќе се доближуваме до создавање и почитување на антиикони.
Ние денес, во „слободата” сѐ повеќе го губиме автентичното изобразување на иконите како последица на апостасијата (отпаѓањето, падот), на релативизацијата на духовниот живот, губењето на подвигот кај христијанинот, а уште повеќе кај чуварите на Вистината и секако кај иконописците, што доведува до губење на Духот и непрепознавање на вистинската икона.
Вистинската икона останува сведок за воплотувањето на Бог, но и (преку обратната перспектива и примерот на Светителите) чудесен факт за вселувањето на човечката природа во Словото.
Следното предавање од циклусот за Ракописното книжевно наследство на Слепченскиот Манастир, во недела на 31 јули, ќе биде посветено на „Слепченскиот Апостол од 10 век“