СВР Битола конечно му издаде лична карта на едно од околу 500 лица без државјанство во Македонија.
Документот со кој 73 годишниот битолчанец Станимир Пелифановиќ, сега ќе може да ги ужива сите граѓански права кои му следуваат од државата, не е само карта за лична идентификација, и остварување на неговиот најголем долгогодишен сон, туку значи и надеж и поттик и мотивација и потврда дека упорноста кога-тогаш се исплаќа.
Случајот на Станимир е и пример дека кога граѓанските активисти и новинарите, кога здруженијата и медиумите делуваат заедно, со заеднички сили, можат да придонесат, да ги „подразбудат” и да ги поттикнат институциите да делуваат поажурно, поотворено и посочувствително и помалку дискриминирачки, особено кон немоќните и ранливи граѓани на кои нема кој да им помогне.
Видео сторијата која Владимир Котевски како учесник на Менторската програма за млади новинари на МОФ во партнерство со УНХЦР со поддршка на Миграцискиот повеќепартнерски доверителски Фонд, ја изработи за институционалната „голгота” на Станимир и нејзиното објавување од три Интернет портали и широката граѓанска поддршка на социјалните мрежи, е само еден мал дел во „битката” која заедно со Станимир со години ја водеа активистите на Здружението на Роми „Баирска Светлина” и Ремзи Медик со неговите лични заложби.
Чест ни е што и Порталот kepenci.mk даде мал придонес во афирмирањето на оваа тема од областа на основните човекови права, која за жал, е сѐ уште глобално актуелна и во 21 век.
Во продолжение, потсетување на видео-сторијата: