Во денешно време, кога се чини, се живее безбедно, слободно и нема потреба од некаква директна „борба” како во минатото, младите се тие од кои сепак се очекува да преземат иницијатива и да се изборат за својата иднина, да преземат чекори за менување на општеството според нивните потреби, очекувања и визии.
Но, сѐ чини денес, како таквата иницијатива кај младите да изостанува, заменета со летаргија, апатичност и незаинтересираност, што е општ впечаток за „новите“ генерации, не само кај нас, туку и во светот. Во такви услови, да се биде и остане БОРЕЦ, е исклучителен предизвик, а ако уште и згора на тоа борбата е двојна, потфатит добива можност да се претвори во подвиг. Таков е примерот на младата битолчанка Ивана Атанасовска, која преку две свои професионално-општествени улоги во животот, добила шанса, двапати да се нарече БОРЕЦ.
Едната е како претседател на Локалниот Младински Совет на Општина Битола, замислен како тело кое треба да се „бори” гласот на младите да стигне до оние кои носат одлуки, а другата како секретар на Општинскиот одбор на Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичката војна на Македонија (1941-1945).
Во рубриката Анфас, празнично велигденски, овој пат со Ивана зборувавме за сите аспекти на „борбите” на младите денес.
Во услови на крајна исполитизираност на сѐ, луѓето не прават разлика меѓу дневно-партиска политика и креирање на политики. Во таа смисла да се биде претседател на Младинскиот Совет е одговорна „политичка” функција. Колку тој Совет, како младинско тело реално учествува во креирањето на политиките во Битола?
– Локалниот младински совет е формиран во февруари 2022 година. За жал, точно е дека имаме политика во се, но страшно е кога политиката е присутна и кај младите, во голем облик и најчесто со погрешно толкување. Но, тоа се млади луѓе кои треба да учат, осознаваат и созреваат, а најголем пример за тоа треба да бидат возрасните. Во моментот како претседател носам одговорност да постои голема балансиранот со целата политичка ситуација и мислам дека засега е успешно. Целта додека трае мојот мандат е да се изгради тело кое што секој млад човек ќе го препознава и ќе го гледа како поддршка во креирањето на подобро општество за младите. Во однос на нашето учество во креирањето на одредени политики во Битола, не би можела да кажам дека активно учествуваме со оглед на тоа што се уште сме тело кое треба да созрева и да биде препознаено и од младите, но и од сите институции и носители на одлуки.
Имате и политичко искуство, во онаа другата, се чини денес, не многу популарна смисла на „политиката”. Во минатото бевте и кандидат на избори номинирана од политичка партија. Колку денес партиите се вистински одраз на идеологијата која, барем декларативно, ја застапуваат? Се разграничуваат ли идеолошките одредници јасно и прецизно, или се мешаат и претопуваат преку политичките компромиси заради интересот за коалицирање?
– Не би рекла дека имам некое големо политичко искуство, но сепак да можам да направам некои разлики со одредени работи. Бев кандидат за советник во Советот на Општина Битола, што за мене беше голем предизвик и од оваа гледна точка мислам дека позитивно е тоа што не станав дел од Советот. Денес, според мене партиите воопшто не се одраз на идеологија. Не постои разграничување на идеологиите и покрај тоа што постојано и интензивно се зборува за одредени политички застапувања, менување на општественото живеење “кон подобро“, но најверојатно тешко оди процесот кон колективно добро. Социјалната борба и борбата за работнички права се само дел од тој процес кој, за жал денес го гледаме ретко.
Колку за еден млад човек е важно да се има некаква лична (не мора партиска) идеологија. Вашето убедување, барем според активностите што сте ги имале, било со левичарски убедувања, но почитувач сте и на традиционалните македонски вредности. Колку е во таа смисла, овде кај нас, можно да се прави компромис за комбинирање на навидум „спротивностите”? На пример – можно ли е еден комунист, да биде истовремено и православен верник?
– Секој човек во својот живот треба да има јасно зацртана цел. Често се водам со една мисла „ Го почитувам туѓото мислење, но не значи дека го прифаќам.“ Да, сметам дека борбата за социјална правда и работнички права е нужна за секој од нас, индивидуално нема да ја имаме, колективно ДА. Моите позиции никогаш не сум сакала да ги наметнам, но немам проблем да објаснувам и укажувам зошто нешто мислам и како некако постапувам. На пример, имам голем број на пријатели кои се десно ориентирани.
Да се биде комунист значи да се почитува секој човек без оглед на потекло, раса, боја на кожата, па и вера. За мене религиозното определување е интимно прашање на човекот.
Ангажирана сте во Општинската организација на Сојузот на борците од НОБ во Битола. Како еден млад човек гледа на почитувањето на тој дел од македонската историја?
– За жал, повторно за жал, денес младите, барем во поголема мера не се запознаени со Народноослободителната и антифашистичка војна. Сепак, се додека има и еден млад човек кој е почитувач и ги негуваа тие традиции сметам дека постои надеж да се осознава и учи се повеќе за тој период од историјата. Како организација постојано се обидуваме да комуницираме и со млади луѓе кои можат да ги посетуваат нашите простории, да читаат или добиваат информации од тој период. Имаме голема и исклучително добра библиотека и секако дека секој што сака да ја запознае и работата на организацијата до добредојден. Секогаш потенцирам, за мене е огромен успех што во ОО на СБМ-Битола учам од луѓе со големо животно и професионално искуство, а тоа е нешто што најверојатно во овој момент на друго место не постои таква шанса.
Особено во смисла на континуитетот и обидот на одредени политички кругови да создадат перцепција на спротивност по секоја цена – на пр. на идејата на Илинденскиот период со идејата на партизаните во НОБ, нагласувајќи го премногу аспектот на социјалистичката револуција наспроти националната борба на Македонците како мотив.
Таквите политички погледи се целосно погрешни. Да се спротивставува или дава поголемо или помало значење на НОВ и Илинден како и обратно е бесмислица. Тоа се два испреплетени настани со подеднакво значење за македонскиот народ. Ова произлегува и од документите донесени од АСНОМ, каде јасно се искажува на континуитетот на борбата за слобода, па дури и со имињата на партизанските одреди тоа се потврдува.
Дали младите денес доволно знаат и дали се интересираат за историја, особено од национален аспект на вековната борба на Македонците за своја суверена држава?
– Не, младите во најголем дел немаат познавање, а она што сметаат дека го знаат често може да биде и погрешно. Ова го зборувам од лично искуство, во постојан контакт сум со младите и точно ги знаам позициите кои ги имаат и од аспект на илинденскиот период, но и од аспект на народноослободителната и антифашистичка војна. Затоа, исклучително е важно да се негуваат тие историски моменти, како што тоа го прават и сите останати држави во Светот.
Факт е дека младите денес се сѐ помалку заинтересирани за учество во креирање политики, младински активизам и било каков друг ангажман, надвор од она што им е секојдневна обврска, тоа го потврдуваат и редица истражувања во последните години. Разликата е само во перцепцијата – возрасните велат дека младите се безволни, апатични, па дури и мрзливи, а „децата” велат дека не веруваат во систем, во правда, во политика, па дури и во возрасните воопшто, вклучително и родителите. Тоа е една алармантна состојба на изгубена доверба и губење на надеж дека тие со својот ангажман нешто би можеле да променат. Навистина ли нема надеж?
– Точно е дека младите често се апатични и незаинтересирани. Но, младите ја немаат таа привилегија да се во позиција да менуваат. Често се случува да има некоја иницијатива од страна на младите, последните години можеби има некое придвижување кон подобро, но сепак имајќи во предвид дека нашето општество се соочува со големи проблеми, некако како младите да се занемаруваат кога имаат некои побарувања. Знаете како, еден ден тие млади треба да се на позиции каде што ќе носат одлуки, замислете како би се однесувале тие кон новите генерации на млади. Голема е веројатноста дека ќе се однесуваат исто како што некој се однесувал кон нив. Никогаш не сум поборник за ова, напротив, никогаш не треба да правиме нешто што не сме сакале да ни прават нас, но сепак борбата на човекот со себе е најтешка. По однос на надеж, секогаш постои надеж колку и да ја нема, колку и да не се гледа.
Да се вратиме на активностите на Младинскиот совет, вие сепак постоите, „мрдате” и се трудите да ги предизвикате потребните промени, за да ја вратите довербата и да ви се чуе гласот. Имаат ли возрасните политичари, административци и институции воопшто слух за вас? Ве прашуваат, консултираат, бараат ли ваше мислење, предлози, сугестии?
– Во последниот период, да, се случува да има консултации, покани за дебати и сл. Сепак, повторно ќе нагласам, ЛМС како тело многу малце се препознава и како и се што е ново треба многу голем труд и работа. Целта, на крајот од мојот мандат е ЛМС да се препознава како сериозно изградено тело, кое можеби нема да има многу иницијативи, но ќе има оставено цврсти темели за сериозни промени понатаму од своето постоење.
Има ли Ивана лична визија – план за себе и за своето опкружување во следните 10 години, и како желба, но и како фокус за ангажман и работа?
– Мојата цел и визија се хумано општество, искреност и почит помеѓу луѓето и поддржани млади кои ќе ги менуваат работите само на подобро, а ќе бидат коригирани кога грешат. Се надевам дека за 10 години ќе имаме општество каде што ќе имаме достоинствен живот. По однос на работата, работам нешто кое за мене е задоволство, а покрај тоа би сакала да се градам како личност која со своето искуство ќе може да дава само позитивен придонес во општеството.
Порака за младите сигурно имате, и секако на средбите, состаноците во активностите секако им ја предочувате, но имате ли порака за возрасните? За генерацијата која во моментов го води и управува со општеството?
– Младите да се градат во сериозни луѓе кои ќе бидат среќни и задоволни од начинот на својот живот. Секогаш да бидат другарски ориентирани. Да немаат гордост да признаат дека некаде погрешиле, а кога имаат шанса да учат од повозрасните тоа да го направат. Да, најчесто младите ги менувале и движеле работите и очекувам во наредните години да се случи истото генерално и на Светско ниво во многу области. Пораката за возрасните е на младите да му овозможат среќно детство, растење и развиток на личности со кои ќе се гордееме.