Во изложбениот салон на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола поставена е „Изложба на факсимили од роднокрајни писатели – членови на Друштвото на писателите на Македонија“ подготвена од графичката струка од СОУ „Таки Даскало“ – Битола.
Изложбата на овие вредни примероци од своерачно напишани творби од 24 реномирани писатели кои потекнуваат или живеат и создаваат во Битола, е подготвувана скоро две години. Секој факсимил е напишан на рачно изработена рециклирана хартија која, по повод 40-годишниот јубилеј на училиштето, ја изработија учениците од графичката струка од СОУ „Таки Даскало“ – Битола, под менторство на Весна Мундишевска-Велјановска и Валентина Ристеска, наставници по графички стручни предмети, а изложбата е реализирана во соработка со Гордана Ѓорѓиевска-Неделковски, библиотекар, координатор на „Роднокрајните средби на битолските писатели“.
Факсимили напишаа истакнатите македонски писатели
Графичката струка овие вредни факсимили ги подарува на роднокрајното одделение на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола со што ќе се збогати фондот на ракописи од роднокрајни автори, ќе се придонесе за афирмација на творечките дострели на писателите и за зачувување на овие своерачни писанија како трајни вредности. Факсимилите од битолските роднокрајни писатели – членови на Друштвото на писателите на Македонија ќе бидат незаборавен белег на времето во кое овие автори живееле и создавале.