Официјален Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин имал долг телефонски разговор со израелскиот премиер Нафтали Бенет, во кој ја повторил подготвеноста руските сили да обезбедат коридор за безбедно повлекување на цивилите од железарницата во Азовстал во пристаништето на Мариупол. Руската страна соопшти дека Путин и Бенет „размениле мислење околу состојбите во Украина“ и го повтори барањето украинските борци забарикадирани во фабриката да го положат оружјето и да се предадат.

Во долгото соопштение на Кремљ, исто така се споменува 9 Мај, како „годишнина кога и Русија и Израел ја прославуваат заедничката победа врз нацистите во Втората Светска Војна“. И двајцата „го нагласиле посебното значење на тој датум за народите на двете земји, кои грижливо ја чуваат историската вистина за настаните од тоа време и го почитуваат споменот на сите загинати, вклучително и на жртвите на Холокаустот“ – соопшти Кремљ.

Во последно време, од различни извори и фактори, 9 Мај многу често се споменува како важен датум во секаков можен контекст : од датум кога војната во Украина може да заврши, до датум кога конфликтот може да се интернационализира во Трета Светска Војна.