Во пресрет на канонизацијата на новата македонска светителка, преподобната маченичка Стефанида Битолско-Скадарска, во издание на Сестринството на Слепченскиот Манастир Св. Јован Претеча, излезе од печат книгата насловена
„ЈАС ОСВЕН ХРИСТА НИШТО НЕМАМ“
Во книгата за првпат на македонски јазик се преведени и нејзините исповедни писма, а исто така, се објавени и нови сознанија кои се однесуваат на нејзиниот живот, мачеништвото и пронаоѓањето на моштите. Во книгата поместени се и службата и акатистот на преподобната Стефанида на македонски и црковнословенски јазик.
Прославата за нејзиното впишување во диптихот на Светиите, со одлука на Светиот Синод на МПЦ е закажана за 29 и 30 јуни, во Манастирот Свети Јован Претеча во демирхисарското село Слепче и во соборниот храм на светиот великомаченик Димитриј во Битола.
По големата Божја милост, за прослава на Бога преку Неговите Светии, излезе од печат нова книга на Сестринството на Слепченскиот Манастир Св. Јован Претеча, насловена „ЈАС ОСВЕН ХРИСТА НИШТО НЕМАМ – Света преподобномаченичка Стефанида Битолско-Скадарска“.
Во книгата е направена споредба на духовниот лик на Светата Стефанида со учењето и опитот на Светите Отци и преподобните Мајки на Црквата. Преку нејзиниот живот во Христа, таа ни остава поука за живата ни Црква, и нѐ уверува дека се возможни таквите подвизи и животот во Духот и денес, по зборовите на преподобниот Нил Сорски, кој вели: „А оние кои усрдно се каат, кои со голема љубов и страв Го призиваат Бога и само на Него гледаат, и ги следат Неговите заповеди, – сите такви Господ ги прима, ги љуби, им ја дарува благодатта Своја и ги прославува.“
Охристовената душа на Светата Стефанида ни се објавува како светило кое „им свети на сите в куќи“ и ги стоплува нашите души за прослава на Бога и ние ја препознаваме како смирена подвижничка, богобарателка, тихувателка, пустиножителка насреде градот, усрдна молитвеничка, на која Бог ѝ подари и венец на мачеништво. За прв пат преведени на македонски јазик се и нејзините исповедни писма, а исто така, во книгата се објавени и нови сознанија кои се однесуваат на нејзиниот живот и мачеништво, како и за пронаоѓањето на нејзините чесни мошти. Во книгата поместени се и службата и акатистот на македонски и црковнословенски јазик.
Оваа книга е своевидно запознавање со копнежливата душа на Преподобната и со нејзиното непоколебливо тежнеење кон Христа. Упивајќи ги нејзините повици: “Христе мој животе!“ „Без Тебе ништо живо, неможе живо да биде!“и „Смрт со Тебе нема, туку небесна светлина и вечно веселие!“, ние воскликнуваме: Света преподобномаченике Стефанида, моли Го Бога за нас!
Прославата за нејзиното впишување во диптихот на Светиите ќе биде на 29 и 30 јуни 2024 година, во Слепченскиот Манастир и во градот Битола..
Слава на Бога Троичниот, Отецот Синот и Светиот Дух, сега и во вековите на вековите! Амин!
– Пишува во објавата по повод новата книга на сестринството на Слепченскиот Манастир Свети Јован Претеча.
Извор: Слепченски Манастир