21 Февруари е прогласен за Меѓународен ден на мајчиниот јазик. Таа одлука е донесена на XXX седница на Генералната конференција на УНЕСКО во 1999 година.
Но, зошто токму 21 февруари?
Овој датум е избран со цел да се изрази благодарност и почит за настраданите жртви, кои загинале при драматичниот протест во Бангладеш.
Имено, протестот се одржал токму на 21 февруари 1952 година. Таа година се покренало движење во поранешен Источен Бенгал, кое се залагало бенгалскот јазик да биде официјален јазик. Целта била бенгалскот јазик да биде официјален во Владата, во училиштата, во медиумите, на поштенските марки итн.
Зошто токму бенгалскиот?
Во 1947 при одделувањето на Индискиот потконтитент, и по заминувањето на Британците, Пакистанските власти решиле официјален јазик да биде урду, иако во Источен Бенгал доминирало бенгалско население.
Во тоа време тие простори се справувале со арапизација, па поради тоа властите решиле урду да биде официјален јазик.
Поради големото незадоволство кај бенгалското население, како и притисокот од страна на службите, бенгалското население се одлучило да преземе нешто и да ѝ пркоси на одлуката.
Имено, покрај сите забрани за јавни собири и настани, младите луѓе односно студентите од Универзитетот во Дака организирале протест.
Поради протестите полицијата била на терен. Ситуацијата била доста тензична, а станала уште потензична кога во пресметка помеѓу полицијата и демонстрантите животите ги загубиле Абдус Салам, Абул Баркат, Рафик Удин Ахмет, Абдул Џабар и Шафиур Рахман. Исто така, имало и многу повредени лица.
Смртта на младите студенти предизвикала уште поголеми немири, за Владата да го прогласи бенгалскиот јазик за официјален четири години подоцна, во 1956.
По тој повод е изграден споменикот Шахид Минар, во близина на Медицинскиот колеџ во Дака.
Ова е редок настан, во кој млади човечки животи згаснувале поради мајчиниот јазик.
Наш мајчин јазик е македонскиот. И ние како нашите предци, а поттикнати и од горенаведениот настан, треба да го чуваме и негуваме нашиот мајчин јазик. Должни им сме на нашите баби и дедовци, прабаби и прадедовци да го чуваме тој завет- нашиот македонски јазик.
Нашиот јазик е најубавиот бисер кој никој не може да го одземе.
Си кажуваме љубовни и милни зборови со негова помош.
Се сплотуваме.
Се тешиме.
Си помагаме.
Се молиме.
Јазикот е најважното тло на кое цврсто стоиме. Многу наши дејци, како Миладиновци, како Прличев, како Мисирков и како Конески се бореле за него. Зашто јазикот е наша единствена татковина.
И зошто е мајчин.
А кој може повеќе да љуби од мајката?