Кога ќе се спомне трагедија – прво што ни паѓа на памет е тмурна и мрачна атмосфера, без музика, без смеа, без никаква веселба.
Во услови кога целиот свет се мобилизира за помош на настраданите во разорниот земјотрес во Турција, јавните личности имаат посебна улога преку ставање на својот талент во служба на човечноста, не само да дадат пример и да ги поттикнат другите, туку и самите да се вклучат во донирањето средства.
Но што да прават оние кои свират, пејат или ги засмејуваат другите, како на пример стенд-ап комичарите.
Младите, како главна движечка сила во општеството, тогаш кога сакаат да се ангажираат, отсекогаш предводат во креативноста со идеи, кои често се необични.
Вo сабота на 11 февруари во Центарот за култура во Битола, група млади ентузијасти се сети да организира хуманитарен настан од кој парите од купените влезници ќе бидат наменети за настраданите во Турција, но ќе се плаќа влез за смеење.
Младиот стенд-ап ентузијаст од Битола, Александар Георгиевски, познат како „Џи_Вижн” и здружението „Виктори” се сетија – „продавајќи” шеги и смеа, да помогнат во една нималку смешна и многу сериозна човечка трагедија од огромни размери.
Поддршка и честитки за идејата за која ви го пренесуваме нивното известување во целост.
Во прилог целото интегрално соопштение:
Време е за сплотеност на битолчани кои се луѓе со големо срце и душа! Нашето малку некому значи многу!
Сите заедно за братска Туркије и Сирија да дадеме поддршка за нивната оддршка во овие тешки времиња за нив! 🇲🇰🇸🇾🇹🇷
Почитувани битолчани,
Поради земјотресот кој ја погоди Република Сирија и Република Туркије, ние како Здружение за заштита од повеќе аспекти – ВИКТОРИ, организираме хуманитарен стенд ап кој ќе го изведе лицето Алекдандар Георгиевски (g_vision), студент на Правен факултет од втора година при УКЛО – Битола.
Картата ќе биде 150 денари за возразни, а за деца до 12 години картата ќе биде 50 денари.
Собраните средства ќе бидат наменети за донација до Црвениот крст на РСМ, за погодените делови од земјотресот во Р. Туркије и Р. Сирија. 🇲🇰🇹🇷🇸🇾
Време: 20:30 ч
Место: Мала сала, Центар за култура
Датум: 11.2.2023 година (сабота)
Дојдете и уживајте на СТЕНД АП спектакл!
Со почит,
Извршен директор и одговорно лице: Викторија Брдаровска
Стенд ап актер: Александар Георгиевски познат како Г-Вижн
Со љубов до 🇸🇾 и 🇹🇷 од братска 🇲🇰
🖤❤️💚🤍
П.С. Едно појаснување:
Од јуни минатата година Турција со службено барање до Обединетите Нации го смени своето име и од англиското име Турки (име кои и самите го употребуваа) по сопствена желба стана Туркие.
Образложението на претседателот Реџеп Таип Ердоган тогаш беше дека земјата сака да се врати на името кое го користела во османлискиот период, но во дебатите беше кажано дека поради тоа што името Турки во западните лексикони има и значење на „мисирка”, но и погрдно значење на човек со ограничена интелигенција и капацитет, решиле да побараат да бидат нарекувани Туркие.
Во македонскиот јазик името, односно зборот кој го употребуваме (идентично уште од Османлиско време) – „Турција” нема никаква сличност или значење со западното погрдно „Турки”, а некои сметаат дека името Турција на македонски јазик е многу поблизок збор до Туркие, отколку до Турки.
Промената е нова, јазичарите кај нас сѐ уште не се изјасниле, а дел од правниците и политичарите почнаа да го користат сменетото име Туркие.
Кај нас нема изјаснување ни за промената во Холандија, која исто така неодамна побара да биде службено нарекувана Нидерландија (за ова Хрватите имаат свој превод Низоземска), но до сега дури и официјалните холандски претставници и претставници на ЕУ, кај нас продолжија да го употребуваат зборот Холандија.