И покрај демантите од Пекинг, западни разузнавачи сѐ уште тврдат дека Кина хакирала повеќе клучни украински интернет страници на релевантни државни институции, ден спроти почетокот на руската инвазија во Украина.
Аналитичарите велат дека е многу малку веројатно, кинеската сајбер шпионажа да била во функција на помагање на руската интервенција, туку дека Кина само искористила шанса да направи упад во податоците, а за тоа да биде обвинет некој друг. Според истата логика, Кина, освен во Украина, продолжила со хакирања и во Русија, Белорусија и Полска верувајќи дека ќе ги скрие трагите и дека за интернет шпионажата Русија веднаш ќе го обвини Западот.
И дел од геополитичките анализи, засега упатуваат дека најголема долгорочна корист од војната во Украина, освен САД, ќе има Кина, која на овој начин треба само да чека Русија уште повеќе да се сврти кон неа и да стане целосно зависна од кинескиот пазар. Многу западни политичари кои се сметале за блиски пријатели на Владимир Путин, оценуваат дека тој избрзал и наседнал на кинеското сценарио, чија главна цел била да го спречи на подолг рок руското приближување кон ЕУ, па дури и станување на Русија многу поблизок член на европското семејство. Изолирањето на Русија од Европа, освен на Кина, долгорочно ѝ одговара и на САД.