Источниот Медитеран и Блискиот Исток под влијание на климатските промени. Температурите ќе се зголемат двојно повеќе од остатокот од светот.
Научниците препорачуваат брзо спроведување на сè што е договорено во Парискиот договор, со кој се бара ограничување на порастот на температурата на помалку од два Целзиусови степени. Климатските промени би можеле да имаат разурнувачки ефект врз животите на милиони луѓе во источниот Медитеран и Блискиот Исток, каде температурите се зголемуваат двојно побрзо од глобалниот просек, предупредуваат научниците.

Во таа област температурите би можеле да се зголемат за дури пет степени Целзиусови до крајот на векот, се наведува во заедничкиот извештај на Кипарскиот институт и Институтот за климатски и атмосферски истражувања Макс Планк. За источниот Медитеран и Блискиот Исток се предвидува речиси двојно поголем пораст на температурата отколку во другите населени делови на светот.

Комбинацијата од помалку врнежи и пораст на температурите ќе предизвика сериозни суши и ќе го загрози сигурното снабдување со храна и вода. Бидејќи климатските промени не познаваат граници и многу регионални проблеми, неопходно е земјите да соработуваат поблиску во борбата против климатските промени и да ги ублажат нејзините последици, рече Јос Леливелд од Институтот Макс Планк, координатор на ова истражување.
